Македонија
Реакција на македонските лингвисти: Дијалектите на македонскиот јазик не се само на денешната територија на Македонија
Научните работници и лингвисти од МАНУ, Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ, Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, Институтот за македонска литература, Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ и Македонскиот славистички комитет реагираа на унилатералната изјава на МНР за македонскиот јазик и ги објаснија клучните позиции на високообразовните и научните институции за македонскиот јазик.
Соопштението го објавуваме интегрално:
„1. Првенствено се повикуваме на Резолуцијата за утврдување на македонските државни позиции во контекст на блокадите на европските интеграции на Собранието на РС Македонија, објавена во Службен весник на РМ бр: 173/2021 од 30.7.2021 (влегува во сила на: 29.7.2021), оформена според Македонскиот манифест на МАНУ, МПЦ-ОА и УКИМ од 3.12.2020, во која во точка 3 е посочено дека треба: „Да се уважуваат сознанијата, утврдените факти, усвоените теории и емпириските истражувања на современата светска славистика, лингвистика, историографија и меѓународното право, според коишто: – македонскиот јазик и неговите дијалектни разновидности имаат свој просторен и свој временски континуитет; – македонскиот идентитет го црпи својот легитимитет од повеќевековните традиции, преданија, обичаи, колективна меморија, менталитет, јазик, артикулираната свест за етнокултурната посебност, колективниот интегритет, почитта кон традиционалните религиски институции и од наративот за припадноста на одреден географски и историски простор.“
Според ова, посочувањето на временскиот и на културниот континуитет на македонскиот јазик ги отфрла сите ограничувања на македонските дијалекти, така што наведеното во Унилатералната изјава дека: „Овој континуитет се заснова на специфичниот развој на дијалектите што се во неговата основа и биле распространети на територијата на денешна РС Македонија“, претставува грубо фалсификување на лингвистичките факти и на проучувањата на македонскиот јазик.
2. Старословенското, кирилометодиевското и црковнословенското наследство се суштински дел од културното наследство на сите словенски народи, а меѓу нив и на македонскиот народ. Тој го црпи својот културно-историски и национален континуитет од богатата црковнословенска, апокрифна, народна и книжевно-уметничка традиција која се развивала на етно-географските простори на Македонија.
Македонскиот јазик и неговите дијалектни разновидности имаат свој многувековен просторен и временски континуитет во составот на големата група словенски јазици, со посебно место во рамки на групата на јужнословенски јазици (источна група). Освен тоа, македонскиот јазик, со оглед на богатите меѓујазични и меѓукултурни контакти со другите балкански јазици, има стекнато и специфична балканска димензија на својата структура.
3. Во лингвистиката се прифатени и научнофундирани факти дека дијалектната диференцијација во Македонија започнала од 11 век, од кога може да се следат бројни иновации, а основните црти на македонските дијалекти се проследуваат на преминот од 13 век кон 14 век. Од крајот на 15 век заклучно со 18 век во дамаскинарските книжевни текстови навлегуваат и примери од македонските народни говори. Во текот на 19 век во Македонија се јавуваат бројни дејци коишто подробно се занимаваат со посебните јазични особености на македонските говори, во споредба со бугарските и српските говори, како Христо Матов, Партениј Зографски, Е. Спространов, Т. Китанчев и други. Во 1891 год. е формирана Младата македонска книжевна дружина која го печати списанието „Лоза“ во кое се употребуваат правописни правила кои ги истакнуваат јазичните особености на македонските говори. Вистинска артикулација на идејата за македонски литературен јазик е книгата на Крсте Мисирков „За македонцките работи“ од 1903 год. во која се изнесени основните критериуми за стандардизација на македонскиот јазик. Преку оваа книга и во списанието „Вардар“, Мисирков ја промовира правописната норма преку фонетската реализација на централните македонски говори. Македонскиот јазик во 1903 год. бил и службен јазик на Македонското научно-литературно другарство во Санкт Петерсбург, на чие чело биле К. Мисирков и Д. Чуповски. Македонскиот јазик и бугарскиот јазик се издигнуваат како јазични норми речиси во исто време, а македонската јазична норма никогаш не била дел на бугарската јазична норма. Македонската јазична норма се диференцира со контрастивната студија на македонските наречја од Партениј Зографски во 1858 и во книгата „За македонцките работи“ (1903) од Крсте Мисирков.
Со прифаќањето на основните Мисиркови поставки за стандардизацијата на македонскиот и нивна разработка се заокружи кодификацијата на македонскиот јазик во 1944 год. и во 1945 год. со донесувањето на решенијата за македонската азбука и за македонскиот правопис. Македонскиот стандарден јазик стана широко прифатен во сите сфери на општествениот живот.
4. Македонскиот јазик е впишан во Регистарот на земји и јазици од страна на поткомисијата УНГЕГН при ООН;
‒ Латиничната транскрипција на македонската кирилица е усвоена со резолуција во Атина во 1977 на Третата конференција на УНГЕГН при ООН;
-Во 1992 година, на конгрес во Рио де Жанеиро, Меѓународниот ПЕН-центар донесе посебна резолуција со која се признава македонскиот јазик, литература, култура и нација
– Македонскиот јазик е застапен во Европскиот лингвистички атлас (АЛЕ), основан под патронат на УНЕСКО;
– Македонскиот јазик е застапен и во Општословенскиот лингвистички атлас (ОЛА), проект под покровителство на Меѓународниот комитет на славистите, реализиран од страна на 13 национални академии на науките и/или соодветни институти од сите словенски земји;
– Македонскиот јазик е влезен во Меѓународната организација за стандардизација ISO;
– Македонскиот јазик е застапен на Google, како алатка за преведување.
Во согласност со наведените факти, се изјаснуваме дека нема да прифатиме ниту една одлука со која се оспорува самобитноста на македонскиот народ и неговиот самостоен историски развој како посебен европски народ од средновековието до денес и ќе го сметаме за нелегитимен секој политички договор кој е во спротивност со востановените научни сознанија за македонскиот јазик и културниот идентитет на домашните и на меѓународните организации, сојузи и институции и со универзалните повелби и конвенции. Ние, како научни работници, потврдуваме дека, како и досега, и во иднина ќе се раководиме според меѓународно прифатените научни сознанија за македонскиот јазик во историски и во современ контекст. Се повикуваме и на Европската повелба на фундаментални/основни права чиј чл. 22 гласи: „Унијата ќе ја почитува културната, религиозната и јазичната разноликост.“ Сметаме дека при сите разговори што ги опфаќаат јазичните и идентитетските прашања секоја земја членка на ЕУ мора да ја почитува оваа европска определба“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средби со сопственици на компании и со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот, Христијан Мицкоски, на првиот ден од 62. Минхенска безбедносна конференција имаше средби со претставници на компании и со претседателот на Европскиот Совет.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата ‘Шварц’, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата ‘Шварц’ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија“, изјави Мицкоски.
Имал состанок и со сопственикот на „4iG“ којшто е веќе присутен во Македонија како сопственик на лиценца за трет мобилен оператор.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот бил дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Мерц, а денот го завршил со состанок со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, рече Мицкоски.
Тој им честита на македонските граѓани за, како што рече, онаа убава вест којашто на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија којшто понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании.
„На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија, Обединетото Кралство, после избришаниот пост мониторинг од страна на Советот на Европа, овој трговски договор којшто ќе биде во рамките на оваа заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата Куќа потпишан ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада и тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава. Останете со нас следните два дена продолжуваме со многу убави вести и со успешни состаноци од овде од Минхен од 62 Минхенска безбедносна конференција“, рече Мицкоски.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

