Македонија
Реакција на СДСМ: Дека постои мрежа на нафтени компании кои сакале да го изиграат системот, Лукаревска кажа јавно

ДПМНЕ е или толку очајно или сакаат да ја загрозат постапката која што е во тек а ја спроведуваат надлежни институции по налог на УЈП. Дека постои мрежа на нафтени компании кои сакале да го изиграат системот и да испумпуваат пари од буџетот заменик претседателката на СДСМ и директорка на УЈП јавно соопшти, најавувајќи детали за в понеделник. Случајот е откриен токму од УЈП, целата постапка на разоткривање и процедура за расчистување е веќе завршена и јавноста ќе биде запознаена со сите информации, велат од СДСМ.
„Предвремено изнесување паушални, неточни и непроверени работи како што прави ДПМНЕ ја загрозува постапката и опозициската партија треба да престане со дезинформации да прави штета. Сите инволвирани во овој случај ќе сносат одговорност согласно законите. ДПМНЕ треба да одговори за испупувањето на парите кои нивните градоначалници ги првата низ општините, каде за машини кои вредат 2-3 илјади евра се трошат по 50 илјади евра“, се вели во партиската реакција.
Претходно, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, рече дека систем од компании подолг период црпеле пари по основ на поврат на ДДВ со фиктивни фактури и го оштетиле Буџетот за милиони.
„Во мрежата од компании кои испумпале милиони често се менувале одговорни лица и сопственици. Во поголем број од случаите истите се лица кои што се од наши соседни земји и кои тешко се лоцираат. Буџетот е оштетен, а државата тешко без кривично гонење ќе може да ги поврати исплатените милиони, бидејќи компаниите преку кои се штанцани фиктивните фактури и се испупмани пари немаат имот за од истиот да се наплати долгот. Со жалење констатираме дека системот на контролен механизам во институциите е нефункционален, а тоа го потврдуваат случаите минатата година процесуирани од обвинителство за фиктивно фактурирање и злоупотреба на службена положба. Криминалните мрежи преку фиктивна документација како и фиктивни фактури и фиктивна евиденција, го исцрпуваат даночниот потенцијал од Буџетот, а сведоци сме дека државните институции кои се задолжени да го контролираат истото изминатите години немаат преземено никакви мерки“, кажа тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Таравари не излезе од Владата поради грижа за правата на Албанците, одговорите нека ги побараат во обврските преземани за инвестицијата Ѓока“, реагира ВМРО-ДПМНЕ

„Алијанса на Албанците на Арбен Таравари треба да научи дека кога неосновано критикуваат и измислуваат, притоа ставаат зборови во уста кои не биле кажани од премиерот Мицкоски, ќе добијат аргументиран и издржан одговор“, реагира ВМРО-ДПМНЕ на соопштението на Алијансата за Албанците.
„А вистината зошто излегоа од Владата не се крие во грижата на Таравари за Албанците ниту пак борбата за некакво подобрување на нивните права.
Вистината е многу едноставна и болна.
Членовите и заинтересираните за вистината одговорите нека ги побараат во една инвестиција на Таравари што се вика Ѓока. Какви обврски превземал и какви услови прифатил. Тоа не е наш проблем. Оставаме сами да си ги решат“, се додава во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Времето утре сончево и топло, за викендот локален пороен дожд и грмежи

Времето утре ќе биде претежно сончево и топло. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 14, а максималната ќе достигне од 27 до 36 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 12, а максималната ќе достигне до 36 степени.
Времето во наредните денови
Во следните два дена ќе се задржи претежно сончево и топло време со постепен пораст на дневните температури. Во сабота попладне, во текот на ноќта и во недела претпладне ќе биде нестабилно со локален пороен дожд и грмежи. Ќе дува умерен, наместа засилен југозападен, а во недела северен ветер, кој ќе услови опаѓање на дневните температури. Потоа следува период на стабилно и потопло време.
Македонија
Шукова: Негрижата на ДПМНЕ и Арсовска го оставија во заборав булеварот Борис Трајковски

„Булеварот Борис Трајковски како витална сообраќајница за жителите на Кисела Вода и Драчево, е слика на целокупното 4 годишно владеење на ДПМНЕ и Данела Арсовска. Тоа е одраз на целосна незаинтересираност, темелна негрижа и хаос“, рече денеска Каја Шукова кандидатката за градоначалник на Град Скопје од СДСМ која беше на оваа сообраќајница која ги поврзува Кисела Вода и Драчево.
„Четири години ДПМНЕ и нивната избраничка Данела не мрднаа со прст за да ги довршат преостанатите 2,5 км од булеварот Борис Трајковски. Барем Орце Ѓоргиевски, додека пиеја кафиња со Данела Арсовска, да ја посетеше за еден од најгорливите проблеми во неговата општина. По 4 години од актуелната власт, булеварот Борис Трајковски остана ветен, недовршен и небезбеден за над 50.000 граѓани од овој дел на градот“, порача Шукова.
Притоа таа истакна дека ваквото неодговорно однесување наскоро ќе заврши најавувајќи негово целосно завршување.
„Не поради политички маркетинг, не поради пи-ар, туку поради тоа што ова е базична потреба на граѓаните од овој дел на Скопје, нешто што нужно им следи и што е обврска на секој кој ја добил довербата да управува со градот. Булевар како што доликува на Скопје, по сите стандарди, безбеден и ефикасен за надминување на сообраќајниот метеж“, рече Шукова.
Од Булеварот Борис Трајковски Шукова сподели дека нејзината визија за Скопје, е метропола со модерна сообраќајна инфраструктура, логично поврзана со современ јавен превоз, и сообраќајни решенија кои гарантираат ефикасност и безбедност за граѓаните.