Македонија
(Видео) Ревизорите реагираат што се блокирани: не ќе можеме да правиме ревизија на изборната кампања
На прес-конференција пред јавноста 60-ина вработени во Државниот завод за ревизија алармираа дека оваа институција е целосно блокирана со неназначувањето главен државен ревизор со неисплатата на плати и годишната програма за работа за 2020 година.
Мијалче Дургутов, ревизорот за информирање и комуникација, апелира постапката за избор на главен државен ревизор да се забрза.
„Доколку не дојде до брз итен избор на главен државен ревизор, ние се соочуваме де факто со законско престанување на нашето работење. Нема да можеме да ја реализираме тековната годишна програма за 2019 година. Не сме во можност да ги исплатиме нашите режиски трошоци, без струја и вода“, рече Дургутов. Има доспеан долг од 1,5 милион денари и тужбени барања“, рече тој пред новинарите.

Тој рече по 4 октомври, годинава сите извештаи на оваа врховна ревизорска куќа не може да се испратат на одговор до субјектите на ревизија бидејќи нема кој да потпишува.
„Веќе се најавени избори. Во согласност со процедурата на работа изборите не може да се одржат ако нема ревизија на изборната кампања“, рече тој пред јавноста.
„Ревизијата во СЈО е влезена далеку пред овие случувања. Ревизија ќе се врши во рамките на законските можности“, рече Дургутов.
„Беа планирани 54 ревизии, 12 се во тек, кои треба да завршат до 31 декември. Другите се завршени. Има 11 конечни извештаи“, рече ревизорката Лилјана Стојанова.
Комисија од ДЗР се сретнала со претставници на Собранието и на ресорната комисија, меѓу кои и со претседателот Талат Џафери, за да алармираат. Вработените немаат земено плата за октомври.
Сé уште се чека договор меѓу партиите од власта за избор на главен државен ревизор.
Во изминатите неполни две години со институцијата раководеше заменикот на главниот државен ревизор, Насер Адеми. Мандатот на заменикот во траење од 9 години му истече на 4 октомври 2019 година, без да биде назначен овластен потписник, со што функционирањето на институцијата е целосно блокиранo.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Викендот со стабилно време, дожд се очекува од вторник
За време на викендот ќе се задржи стабилно и претежно тивко време, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во сабота и недела времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Ќе дува слаб ветер, претежно од југоисточен правец.
Минималните утрински температури ќе се движат од -3 до 2 степени, додека дневните максимални ќе достигнуваат од 6 до 13 степени.
Во текот на викендот во Скопје се очекува променливо облачно и тивко време, со појава на магла, особено во утринските часови. Минималната температура ќе се спушта до -3 степени, а максималната ќе достигнува околу 8 степени.
Според УХМР, стабилното време ќе се задржи до вторник, по што кон крајот на денот и во следните денови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на планините и повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Нема толеранција за узурпација: Скопје почна голема акција за расчистување на јавниот простор
Град Скопје започна сеопфатна акција за расчистување на бесправно изградените и узурпирани објекти, со цел заштита на јавниот интерес и обезбедување слободно, безбедно и достоинствено користење на јавните површини.
Како што информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, акцијата се спроведува без никакви отстапки и со јасна порака дека јавниот простор им припаѓа на граѓаните и мора да биде достапен за сите под еднакви услови.
„Нема толеранција кога узурпацијата на јавниот простор е во прашање. Започнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти и нема да има никакви отстапки“, напиша Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој посочува дека тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на лични интереси и дека повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на граѓаните.
Според градоначалникот, акцијата ќе продолжи со силно темпо и ќе ја опфати целата територија на Скопје.
Воедно, тој ги повикува граѓаните активно да се вклучат и да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор, со цел да се изгради град во кој владеат ред, достоинство и еднаква пристапност за сите.
Македонија
Мицкоски најави две нови странски инвестиции од 80 милиони евра
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, дали има најава за нови инвестиции во државата, информираше дека веќе има потврда за две нови странски инвестиции во вкупна вредност од околу 80-тина милиони евра.
„Па да, ние генерално, преговараме со многу компании коишто доаѓаат надвор од земјава, коишто ќе инвестираат во Македонија. Можам да потврдам дека веќе имаме потврда од две такви. Една турска, една германска, коишто вкупно ќе инвестираат околу 80-тина милиони евра. Извозот којшто двете заедно ќе го прават од Македонија ќе биде над 200 милиони евра и вкупно двете компании би требало да вработат некаде околу 1.000 вработени. Двете не се во автомобилската индустрија, туку во индустрија со висока технологија, што посебно нè прави горди“, изјави Мицкоски.
Премиерот очекува бројот на странски инвестиции во државата значајно се зголемат до крајот на годината.
„До крајот на годината очекувам уште најмалку три потврди, со што ќе го заокружиме овој циклус, а во следната година ќе продолжиме и на овој план да работиме, да ги поддржуваме домашните компании е наш приоритет, но, се разбира, и компании коишто доаѓаат од надвор, а коишто пројавуваат интерес да инвестираат тука, се добредојдени. Фокусот ни е малку да направиме диверзификација на тоа портфолио, да не биде само автомобилската индустрија, туку и ваков тип на инвестиции во висока технологија“, објасни премиерот.

