Македонија
Реконтрукција на седум улици во Општина Центар

Градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, ги потпиша барањата за спроведување постапка за јавна набавка која се однесува на реконструкции на седум општински улици.
Овие реконструкции се дел од големата летна градежна офанзива на Општина Центар, која на крајот на летото, односно почетокот на есента, предвидува да бидат обновени вкупно 37 улици во општината.
Барањата за реконструкција ги опфаќаат следните улици:
1. „Петар Поп Арсов“ (нов горен и долен слој на асфалт на површина од 2959 метри квадратни и нови тротоари со рабници во должина од 591 метар)
2. „Рајко Жинзифов“ (нов горен и долен слој на асфалт на површина од 2796 метри квадратни и нови тротоари со рабници во должина од 400 метри)
3. „Дебарца“ (нов горен и долен слој на асфалт на површина од 1286 метри квадратни и нови тротоари со рабници во должина од 257 метри)
4. „Партизанска“ (нов горен и долен слој на асфалт на површина од 632 метри квадратни и нови тротоари со рабници во должина од 180 метри)
5. „Ристо Шишков“ (нов горен и долен слој на асфалт на површина од 2268 метри квадратни и нови тротоари со рабници во должина од 378 метри)
6. „Црвена Вода“ (нов горен и долен слој на асфалт на површина од 1286 метри квадратни и нови тротоари со рабници во должина од 257 метри)
7. „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ (нов горен и долен слој на асфалт на површина од 1448 метри квадратни и нови тротоари со рабници во должина од 413 метри)
„ Со реконструкциите на овие улици ќе се подобри одвивањето на сообраќајот во општината, ќе се намали сообраќајниот метеж и ќе се зголеми безбедноста на пешаците, велосипедистите, корисниците на алтернативни средства за транспорт и останатите учесници во сообраќајот.
Општина Центар продолжува со интервенциите на уличната мрежа во летните месеци, со што крајната бројка за овој период, заклучно со почетокот на есента, ќе изнесува 37 обновени улици, а согласно планот за работа, наредни за реконструкција се улицата „Елисие Поповски – Марко“ и улицата „Мирослав Крлежа““ соопшти општината.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Филипче: Подготвени сме за сите изборни сценарија – за локалните, но и за евентуални предвремени парламентарни избори

СДСМ е целосно подготвен за сите можни изборни сценарија – како за редовните локални избори, така и за евентуални предвремени парламентарни избори, изјави претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Како што информираше, процесите во рамките на партијата во поглед на локалните избори веќе се во тек – се спроведуваат внатрепартиски анкети во повеќе општини, се одвиваат разговори на различни нивоа, и околу десетина кандидати за градоначалници ќе бидат промовирани во текот на следната недела.
„Коалицијата предводена од СДСМ, во која учествуваат 14-15 партии, начелно ќе настапи заеднички на локалните избори. Разговорите за советничките листи се започнати, иако не во сите општини со иста динамика, имајќи предвид дека во одредени општини партиите ќе настапуваат самостојно. Но, останува определбата за заеднички настап како коалиција“, истакна Филипче.
Паралелно, додаде, започнати се и првични иницијативи за разговори со потенцијални албански коалициски партнери.
Филипче истакна дека СДСМ останува отворен за разговори со сите политички субјекти и е целосно подготвен да одговори на секој можен политички развој во наредниот период.
Македонија
(Видео) Филипче: Владината коалиција е нефункционална

Тоа што се случува во владината коалиција укажува на тоа дека таа е нестабилна и не функционира добро. Ваква е оценката на претседателот на СДСМ, Венко Филипче во однос актуелните случувањата во владината коалиција.
„Во краток временски период јавноста е сведок на дијаметрално спротивни изјави во однос на можноста за предвремени избори, што го ставам во контекст на односите во рамките на коалицијата. Дека не функционира таа коалиција, практично граѓаните тоа на своја кожа го чувствуваат секој ден“, потенцираше Филипче во одговор на новинарско прашање.
Тој упати критики и за севкупниот перформанс на Владата што, како што оцени, на повеќе нивоа е загрижувачки.
„Една лоша стратегија во економијата, немање реализација на капиталните инвестиции, огромен број на институции коишто не делат плата на вработените. Внимавајте, клучни институции посебно во овој временски период по трагедијата во Кочани – дел од инспекторатите се без плата, дел од социјалните служби, Министерството за култура, Министерството за економија, едноставно лош перформанс на владата“, оцени претседателот на СДСМ.
Според него, особено загрижувачка е селективноста на истрагата за трагедијата во Кочани, со која, како што реле, наместо целосна одговорност, се прикриваат поединци и функционери од Министерството за внатрешни работи.
Македонија
Муцунски и црногорскиот министер: Заеднички чекориме кон ЕУ, успехот на било која земја е добра вест за сите

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска беше домаќин на заменик-претседателот на Владата за меѓународни односи и министер за надворешни работи на Црна Гора, Ервин Ибрахимовиќ.
На средбата, двајцата министри се согласија дека посетата претставува потврда за одличните пријателски односи и соработка меѓу двете земји, засновани на заемна поддршка и почитување.
Министрите изразија задоволство од нивото на политичкиот дијалог и оценија дека постои простор за натамошно зајакнување на економската и трговската соработка.
Акцентот на разговорите беше ставен на пристапните преговори со Европската Унија и можностите за размена на искуства во насока на полноправно членство. Со посебен акцент се осврнаа на процесот на европската интеграција на двете земји.
„Заемната поддршка која ја искажуваме на планот на европската интеграција претставува најдобар пример за нашата одлучност за напредок на овој план, кој ќе ни обезбеди сигурност, стабилност и напредок во просперитетна Европа, кон која целиме“, истакна министерот Муцунски во изјавата по средбата.
Во оваа насока, црногорскиот министер Ибрахимовиќ додаде дека земјите од Западен Балкан заеднички чекорат кон Унијата и дека секој успех на било која земја од регионот е добра вест за сите.
Во рамки на посетата, беше потпишан Меморандум за разбирање меѓу двете министерства за надворешни работи во областа на дипломатската обука, со што се отвораат дополнителни и конкретни можности за интензивирање на меѓусебната соработка.