Македонија
Рекорден број учесници ќе трчаат за најбрза компанија на Business Run 2019
На 19 октомври во Скопје ќе се одржи Business Run 2019, штафетна трка за тимови од македонскиот бизнис сектор. За трката можат да се пријават сите компании, организации, институции, здруженија, дипломатски претставништва и сл. субјекти кои припаѓаат на деловно-општествената заедница, а се регистрирани и вршат дејност во Република Македонија. До сега, пријавени се рекорден број од 90 тимови.
Трката ќе биде штафета со 4 измени, а компаниските тимови треба да бидат во мешан машко-женски состав, за да ја одразат реалната слика на секојдневниот работен амбиент во компаниите. Патеката е долга 8 километри, односно секој учесник во својата измена ќе треба да истрча по 2000 метри.
Минатата година најбрз беше тимот на Министерството за финансии, втор беше тимот на НЛБ Банка, а третото место го освои екипата на Телеком.
Сите заинтересирани своите тимови можат да ги пријават преку електронскиот формулар на веб страницата www.prvdovrv.mk. Нема ограничување за бројот на тимови што може да ги пријави секоја компанија.
За сите учесници на трката, претходно се организира нетворкинг забава за запознавање и дружење, која иницирана од трчањето може да донесе нови деловни релации за бизнис заедницата во нашата земја.
Најбрзите три тимови на Business Run 2019 ќе бидат наградени со златна, сребрена и бронзена штафета, како и со вредни подароци за тимот, а ќе бидат наградени и двајцата најбрзи поединци во машка и женска конкуренција, оние кои истрчале најбрз круг.
Целта на оваа трка е заедничко спортско, рекреативно и деловно дружење помеѓу компаниите и јакнење на тимскиот дух помеѓу вработените.
Стартот е закажан во сабота во 11 часот, на рекреативната патека на кејот на Вардар кај хотелот Парк.
Организатор на Business Run 2019 e здружението за спорт и рекреација Прв до врв од Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Вештачката интелигенција треба да биде технолошка трансформација во служба на граѓаните: Во Собранието се одржа јавна расправа
Вештачката интелигенција треба да биде технолошка трансформација во служба на граѓаните
Во Собранието се одржа јавна расправа по конечниот извештај на Државниот завод за ревизија за извршената ревизија на успешност на тема: ,,Можност за употреба на вештачка интелигенција во јавниот сектор”.
Настанот го отвори координаторката на Клубот на младински прашања и политики, Драгана Бојковска, која истакна дека мора да се биде во тек со современите држави кои ги користат ВИ алатките, и во тој контекст информира дека во работата на Собранието е вклучена вештачката интелигенција.
Советникот во ДЗР, Сашо Јаковчевски, кој го презентираше Извештајот, рече дека е потребна сеопфатна дигитална инфраструктура бидејќи имаме растечка база на знаење која може да се вклучи во спроведувањето на вештачката интелигенција во јавниот сектор.
Според државниот ревизор Максим Ацевски, институцијата е лидер по примената на дигитализацијата бидејќи посетеноста на веб-страницата за кусо време пораснала за 6,34 проценти.
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, посочи дека Министерството веќе има проекти со кој се очекува да се спроведе вештачката интелигенција во јавниот сектор, која треба да биде технолошка трансформација во служба на граѓаните.
Учесниците во јавната расправа посочија дека без правна регулатива може да направи повеќе штета отколку корист. Затоа е потребна национална стратегија, заштита на личните податоци, институционален капацитет и правна заштита.
Македонија
Утре со врнежи кои повремено наместа ќе бидат пообилни, на повисоките места дожд и снег
Времето утре, ќе има врнежи кои повремено наместа ќе бидат пообилни. На планините врнежите ќе бидат од снег, а на повисоките места од дожд и снег.
Во источните делови ќе има услови за ретки грмежи. Ќе дува засилен повремено силен северен ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 1 до 7, а максималната ќе достигне од 7 до 13 степени.
Во Скопје, ќе биде облачно со врнежи од дожд. Ќе дува засилен повремено силен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во среда и четврток времето ќе биде стабилно, а во четврток ноќта и во петок ќе има нови пообилни врнежи. Утре ќе дува засилен повремено силен јужен ветер кој во попладневните часови ќе го смени правецот во северен и ќе продолжи да дува и во среда.
Македонија
Полицајци спасија жител на Македонска Каменица кој останал заглавен на тераса во пожар во неговата куќа
Полициски службеници спасија жител на Македонска Каменица, кој беше заглавен на тераса откако настана пожар во неговата куќа, соопшти МВР.
Вчера попладне во 13:23 часот во СВР Штип е пријавено дека на ул.„14 Јуни“ во Македонска Каменица настанал пожар во куќа, сопственост на Љ.Ѓ.(80).
Полициски службеници од СВР Штип – Полициско одделение Македонска Каменица излегле на местото и го затекнале сопственикот заглавен на тераса на вториот кат, по што се преземени мерки и со помош на скали безбедно го спуштиле.
Нему му е укажана помош во Клиничка болница Штип поради вдишување чад, по што е пренесен во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ во Скопје за понатамошно лекување.
Пожарот е изгаснат од Територијалната протипожарната едница Македонска Каменица. Увид е извршен.

