Македонија
Ременски вели дека нема нејзин потпис на документите од доказниот материјал
Пратеничката Фросина Ременски по повеќе од три и пол часа, заврши со увид во доказниот материјал. Таа не сакаше да ја коментира обемноста на материјалот, ниту што има во доказите.
„Јас на прашања ќе одговарам кога ќе дадам изјава пред јавен обвинител. Видов сè, освен докази. На ниту еден документ, дел од доказите, немам ставено потпис“, рече таа.
Ременски не сакаше да одговори дали се среќавала со бизнисмените оштетени во случајот со невладината Меѓународен сојуз на Бојан Јовановски.
Таа не сакаше да коментира ниту за 750 илјади евра, кои наводно биле префрлени на сметка кај пензионерка од Скопје.
Во однос на документите од УБК, кои беа пронајдени во нејзниот дом, Ременски рече дека тие не се класифициран материјал.
Исказ пред обвинителката Русковска пратеничката треба да даде утре.
Ременски во петокот рече дека медиумите прават фама од случајот со Меѓународниот сојуз и ги советува да се интересираат и за други предмети. Таа не сакаше да каже дали е злоупотребена од страна на Бојан Јовановски коментирајќи дека на тоа ќе одговори кога ќе треба.
Ременски е осомничена дека помагала во извршувањето на кривичните дела измама и перење пари за кои се осомничени пет физички лица, заменик-претседателката на Меѓународниот сојуз – Јасна Мандиќ, таткото на Бојан Јовановски – Миле Јовановски, асистентката на Јовановски – Кристина Блажевска, како и самиот Бојан Јовановски.
На Ременски ѝ е одземен пасошот, а има и забрана да го напушти Скопје како мерка на претпазливост. Обвинителството одзеде два телефона, но и компјутери и други предмети при претрес во нејзиниот дом.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Променливо облачно со повремен слаб дожд и ветер
Времето денеска ќе биде облачно со слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 9 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен слаб дожд. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 7 степени.
Времето во наредните денови
Денеска наместа ќе има услови за слаби врнежи од дожд и снег. Потоа во следните два дена времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Нови врнежи од дожд, а на планините снег се очекуваат од четврток.
Македонија
(Видео) Безбеден град денес регистрираше 500 казни
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вечерва преку објава на социјалната мрежа Фејсбук им порача на граѓаните дека треба да бидат горди на себе.
-Први февруари 2026 година, околу 20 часот. Има драстично намалување на бројката на сообраќајни прекршоци споредено со пред 2 месеци кога почнавме со тест периодот. Имаме околу 500 сообраќајни прекршоци констатирани од страна на паметните камери и сакам да укажам огромна благодарност до македонските граѓани и совесните учесници во рамки на сообраќајот зашто вие сте тие кои овозможивте драстично да се намали бројката за период од околу 2 месеци од 120 илјади прекршоци на 500, порача министерот.
Македонија
Сообраќајниот хаос во центарот ќе се намали за најмалку 30 отсто
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска официјално го означи почетокот на градежните активности на булеварот Македонија, проект за кој, како што рече, со години се зборувало, но без конкретна реализација.
Ѓорѓиевски истакна дека стартува првата фаза, која треба значително да придонесе за растоварување на сообраќајот во централното градско подрачје, со проекција за намалување на сообраќајниот метеж за најмалку 30 проценти. Првата фаза, според најавите, ќе се реализира во рок од 90 дена.
Тој најави дека веќе наредната недела ќе започне тендерската постапка за втората фаза, која ќе опфати изградба на два нови кружни текови и влез во подземна сообраќајница. Целта, како што рече, е да не се губи време и втората фаза да започне веднаш по завршувањето на првата.
Во рамки на првата фаза се предвидува проширување на дел од постојните сообраќајници, уредување на просторот, изградба на нова атмосферска канализација и поставување на 60 нови шахти, со што ќе се решава и проблемот со атмосферските води во овој дел од градот. Проектот вклучува и проширување на улицата „Пролет“, нов приклучок и крак кон булеварот „Борис Трајковски“, како и проширување и нов крак кон улицата „11 Октомври“.
Ѓорѓиевски изрази уверување дека по истекот на 90 дена ќе биде пресечена лентата за завршување на првата фаза и нагласи дека до крајот на неговиот мандат ќе вложи максимални напори, заедно со својот тим, целата сообраќајница со должина од околу два километри целосно да биде завршена. Проектот, според него, претставува еден од најзначајните за главниот град и дел од ветувањата дадени пред граѓаните.
На крајот, градоначалникот со симболична забелешка посочи дека речиси секој значаен проект што го започнуваат заедно со претседателот на Владата е проследен со дожд, што, како што рече, го доживува како добар знак и бериќет за брза и успешна реализација на градежните активности.

