Македонија
Реновирани хируршките сали на Клиниката за торакална и васкуларна хирургија
Претседателот на Владата, Зоран Заев, заедно со министерот за здравство, Венко Филипче, и директорот на Клиниката за торакална и васкуларна хирургија, Неџати Јакупи, направи увид во завршените реконструктивни работи на торакална хирургија.
Во реконструкцијата на одделот се вложени 60 милиони денари за комплетно реновирање на хируршките сали на оваа клиника, како и за набавка на најсовремена опрема.
„Тоа е резултат на нашата целосна грижа за лекување на пациентите бидејќи квалитетната здравствена услуга ни е на прво место. Со оваа реконструкција, која е дел од капиталните инвестиции во јавноздравствените установи, Владата на Република Северна Македонија ја потврдува својата цврста определба за градење одржлив и ефикасен здравствен систем, кој ќе им биде силна потпора на граѓаните“, истакна премиерот Заев во изјавата за медиумите.
Во изминатите 4 години, додаде Заев, Министерството за здравство интензивно работеше на подобрување на условите во јавноздравствените установи, со цел поквалитетна здравствена услуга за пациентите и подобри услови за работа на здравствените работници. Со заеднички сили реализиравме капитални инвестиции во реконструкции и инфраструктура во 32 здравствени установи во земјата.
„Во рамките на целокупниот план, денес се промовираат новите сали на Клиниката за торакална и васкуларна хирургија, целосно реновирани на начин на кој ниту едни операциони сали тука во блокот, каде што со години се изведуваат најсложени оперативни интервенции, не се реновирани повеќе од 60 години. Сега благодарение на овие целосно реновирани операциони сали нашите лекари, експерти од сферата на васкуларната и торакалната хирургија, ќе може да им даваат здравствени услуги на пациентите, какви што се даваат во најразвиените европски болнички центри. Тоа значи дека ѕидовите, подовите и протокот на воздухот се направени по сите европски стандарди. Опремата што се наоѓа во салите нуди можност за нашите пациенти да добијат услуги од секаков вид и пациентите од сферата на торакалната и васкуларната хирургија повеќе нема потреба да се праќаат на лекување во странство“, нагласи министерот Филипче.
Директорот на Клиниката за торакална и васкуларна хирургија, Неџати Јакупи, истакна дека паралелно со борбата со коронавирусот и функционирањето во услови на пандемија во годината што измина е заокружена инвестицијата во реновирањето и опремувањето на хируршките сали на Клиниката за торакална и васкуларна хирургија и дека во вистинско време се вложуваат сите напори здравствениот систем во најдобри услови да работи и во интерес на граѓаните да се стави во функција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Уапсени седум возачи поради возење без возачка дозвола, со активна забрана и под дејство на алкохол
Во текот на вчерашниот ден, полициски службеници на целата територија на државата лишија од слобода осум возачи, од кои тројца за возење без возачка дозвола, двајца за управување возило под дејство на алкохол и тројца со забрана за управување возило од Б категорија.
По еден возач во Скопје и Битола управувале возило без возачка дозвола, од кои возачот во Скопје е малолетник. По еден возач во Куманово, Велес и Неготино за управување возило иако имале мерка забрана за управување моторно возило од Б категорија. Додека, по еден возач во Македонска Каменица и Струга управувале возило под дејство на алкохол. Лицата се приведени во полициска станица, а по целосно документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
МВР апелира до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возило без положен возачки испит или доколку имаат изречена мерка за забрана за управување или доколку се под дејство на алкохол и сите заеднички да придонесеме за побезбеден сообраќај.
Македонија
Хоџа: Реален пресврт во управувањето со отпадот во Полошкиот регион
Модерниот регионален систем за отпад значи крај на импровизациите и трајно решавање на проблемот кој со децении ги мачи граѓаните– беше клучната порака од обраќањето на министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, на презентацијата на новата механизација за регионалниот центар Русино.
Инвестицијата во вредност од 1.114.200 евра е реализирана со поддршка од Европската банка за обнова и развој.
Со новата механизација значително се зголемува оперативниот капацитет на Русино и се воведуваат современи стандарди во секојдневното работење. Оваа активност е дел од пошироката инвестиција од 55 милиони евра со која започна најголемата инфраструктурна реформа во секторот отпад во државата.
Во следната фаза е предвидена инвестиција од околу 14 милиони евра за рехабилитација и проширување на депонијата, што вклучува изградба на нови депониски ќелии, систем за управување со исцедок и биогас и затворање на постојната депонија.
„Со тоа се обезбедува целосно усогласување со европските стандарди и воспоставување модерен регионален систем што значи крај на дивите депонии и почиста животна средина за граѓаните во Полог“, рече министерот.
Македонија
Јанчев: Во услови на безредие и хаос да се продолжува рок за легализација на дивоградби е фатално
Во услови на безредие и хаос да се продолжува рок за легализација на дивоградби е фатално, изјави на денешната седница на Собранието, пратеникот од Левица, Сашко Јанчев.
Тој истакна дека предложените измени на Законот за постапување со бесправно изградени објекти претставуваат директно стимулирање на дивоградбите и продлабочување на урбанистичкиот хаос.
Јанчев потсети дека законот од 2011 година, кој требало да важи шест години, со низа продолжувања се развлекува на вкупно 20 години, со што наместо да се затвори прашањето за старите објекти, се поттикнува изградба на нови дивоградби.
„Градежното земјиште е ограничен ресурс, а како во природата, така и во општеството, мора да постојат правила за негово користење. Урбанистичките правила постојат за да создадат хумана средина за живеење, а кога не се почитуваат добиваме хаос и безредие. Немаме градски архитекти за одржување на урбаниот ред, немаме урбанистички планови, за многу населени места, а постојните се стари по 15–20 години и не одговараат на реалноста на терен. Планирањето не го води јавниот интерес, туку профитот, кој често е спротивен на јавниот интерес. Имаме населби со број на жители што не одговара на капацитетите на водоводната и канализационата мрежа, недостиг на паркинг места, сообраќајници низ кои не може да помине ни едно противпожарно возило. Во вакви услови да се продолжува рокот за легализација и да се стимулираат нови дивоградби не е паметно, туку е штетно, а може да биде и фатално”, рече Јанчев.

