Македонија
Годинава речиси секој ден исчезнува по еден човек
Пронајденото мртво тело на 35-годишниот Горан Атанасовски од Скопје, кој вчера беше пријавен за исчезнат, ја вознемири јавноста. Коментарите во јавноста се дека состојбата е алармантна и се упатуваат повици до Министерството за внатрешни работи да преземе конретни чекори за да ги открие причините како и зошто сè почесто исчезнуваат луѓе. За еден месец од почетокот на 2019 година до почетокот на февруари, во Министерството за внатрешни работи 24 лица биле пријавени за исчезнати, од кои пронајдени се 20, а по четири лица сè уште се трага. На социјалните мрежи постојано се споделуваат фотографии од исчезнати лица, а семејствата бараат помош од сограѓаните за да се пронајдат нивните блиски.
Според податоците што „Макфакс“ ги доби од МВР, во 2017 година за исчезнати биле пријавени 217 лица, а бројот се зголемил во 2018 година кога полицијата трагала по 246 лица. МВР не даде информации колку лица биле пронајдени живи, а колку мртви, но и за тоа која била причината за нивното исчезнување.
Освен Атанасовски, кого полицијата го пронајде мртов во бездна во Нерези, вчера за исчезната беше пријавена и 62-годишна жена од Ѓорче Петров. Претходно, со денови се трагаше по 39-годишната медицинска сестра Даниела Пецевска, мајка на три деца, која пред четири дена беше пронајдена мртва во водите на Вардар.
Помош и информации од јавноста и МВР веќе 73 дена, или два и пол месеца, колку што се трага по нејзиниот син, бара Маја Трпковска, мајка на исчезнатиот 26-годишен Пинета Секондо. Трпковска за „Макфакс“ вели дека е разочарана од МВР оти досега нема никакви информации за истрагата, а инспекторите ѝ се развикале на телефон. Таа вели: „Јас ним им давам информации, а не тие мене“.
„Потресена сум. Додека го барам моето дете, јас ги барам и другите исчезнати. Последно се слушнав со ќерката на Алибен Абдул, кој е исчезнат. Секое крпче што ќе го најдам, јас гледам дали може да биде од моето дете или од другите луѓе. Премногу револтирана и разочарана од МВР и Секоторот за исчезнати лица. Јас како мајка сакам да се јавам и да ми дадат информација, а тие ми го блокираа телефонот за да не ги барам. Инспекторите ми викаат на телефон. Дете бараме, не бараме маче. Јас ним им давам информации, тие мене не. Затоа сум револтирана. По 73 дена, јас одам по гатачи, луѓе со божја сила, за да ми кажат еден збор. МВР не ми одговора. Не знам веќе кого да барам“, вели мајката на Пинета, Маја Трпковска.
Исчезнат веќе 21 дена е и Алибен Абдул, кој последен пат е виден на почетокот на овој месец, а ќерка му очајно моли за каква било информација за да го пронајде татка си. Таа вели дека во периодот од кога исчезнал татко ѝ, контакт со инспекторите имала само двапати.
„Контактот со МВР е сведен тие да ни се јават кога ќе имаат трага, знак, клучен момент. Досега ни се јавиле само два пати во овие 21 ден. Од наша страна се правени известувања доколку имаме дојави, да ги известуваме. Во меѓувреме немаме секојдневен контакт. Не знам колку од работата им е покриена, какви докази и информации собрале бидејќи, кога ќе ги прашаме, велат дека поделена им е работата со колегите и не даваат информација. Не знам што провериле, што направиле. Не знам каква заднина има во случајот со татко ми бидејќи тој од дома е излезен без лична карта, телефон, документи“, вели Мелиса Абдул, ќерка на исчезнатиот Алибен Абдул.
Според податоците што „Макфакс“ ги доби од МВР, во 2015 година биле исчезнати 297 лица, од кои 284 се пронајдени. Во 2016 година пријавени се 230 лица, од кои пронајдени се 210, а активни потерници има за 20 лица. Една година потоа бројот на исчезнати се намалил на 217 лица, а МВР успеало да пронајде 183 од нив, а се бараат 34 лица. Во 2018 година се зголемил бројот на 246 исчезнати лица, полицијата пронашла 204, а активни потерници има за 42 лица.
За идниот понеделник пред Собранието ќе се организира мирен протест со слоган „Што се случува во Македонија“ од страна на мајката на исчезнатиот Пинета Секондо и неговите другари. Преку протестот ќе се побараатг ажурност од институциите и одговори за исчезнатите лица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Симнете ги розовите очила и погледнете ги работниците – порачаа синдикатите до функционерите на протестот за повисоки плати, се бара 600 евра минималец
Со транспарентот „Протестираме за плата“, голем број граѓани излегоа на улиците за да го поддржат протестот на Сојузот на синдикатити и да го изразат незадоволството од ниските плати во земјава.
Синдикалците бараат зголемување на минималната плата на 600 евра, како и зголемување од по 100 евра за сите останати плати.
Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, порача дека доколку барањата не бидат исполнети, ќе следуваат блокади и генерален штрајк. Тој најави и собирање 10.000 потписи со кои синдикатот би станал овластен предлагач на закон за намалување на платите на функционерите за 80 проценти и зголемување на минималната плата на 600 евра, како и зголемување на другите плати за најмалку 6.000 денари.
„Ќе ве ставиме на тест, ќе гласате за себе наспроти луѓето кои ве гласаат вас, или ќе гласате за луѓето кои со нивниот глас ви го овозможуваат вашиот луксуз, а доколку не се случи тоа и вие ќе стоите од оваа страна на зградата, заедно со нас и ќе не поддржувате за да ви се зголеми вашата плата,“ додаде Трендафилов.
На протестот беше испратена пораката и дека Владата води најсиромашен народ и најсиромашна држава во Европа, со повик до функционерите да ги симнат розовите очила и да ја согледаат реалната состојба на работниците.
Од ССМ најавија дека протестите ќе продолжат сè додека не се исполни целта за зголемување на минималната плата на 600 евра и зголемување на сите останати плати.
Македонија
СДСМ ќе предложи зголемување на платите на работниците и замрзнување на платите на функционерите
Социјалдемократскиот сојуз ќе поднесе законски решенија во Собранието за зголемување на платите на работниците и замрзнување на платите на функционерите, соопштија од партијата.
Како што наведуваат, предлог-законите се подготвуваат имајќи ја предвид тешката положба на работниците, намалениот животен стандард на граѓаните, како и барањата изнесени од Сојузот на синдикатите. Според најавата, СДСМ ќе предложи зголемување на минималната плата на 600 евра, зголемување на платите за 100 евра во останатите сектори, како и законски решенија за замрзнување на платите на функционерите.
Од партијата наведуваат дека ги поддржуваат барањата на работниците и на Сојузот на синдикатите, истакнувајќи дека секој работник заслужува достоинствена плата за живот.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, најави дека деталите за предложените законски решенија ќе ги образложи на прес-конференција.
Македонија
ДОМ: Поддршка за повисоки плати, но со одговорен и одржлив економски пристап
Демократска обнова на Македонија (ДОМ) ја препознава реалната состојба на ниски плати и растечка сиромаштија со која се соочуваат голем број граѓани и ја поддржува потребата од отворање сериозна јавна и институционална дебата за подобрување на животниот стандард на работниците.
Од партијата соопштија дека даваат поддршка на денешните протести и на заложбите на синдикатите за подостоинствен живот за сите работници.
Истовремено, ДОМ оценува дека прашањето за зголемување на минималната плата, вклучително и предлогот таа да изнесува 600 евра, е комплексно и треба да се базира на пресметки кои ја одразуваат состојбата на сите засегнати страни. Според партијата, потребно е внимателно да се согледаат реалните економски ефекти, можниот притисок врз работодавачите, особено малите и средни претпријатија, како и ризикот од дополнително подгревање на инфлацијата.
Во соопштението се наведува дека ова прашање ги отвора и пошироките структурни предизвици на пазарот на труд, како што се различните модели на формално пријавување со минимални примања, неусогласеноста меѓу реалната економска активност и официјално прикажаните приходи, како и други појави кои го прават системот нефункционален и социјално неправеден.
ДОМ нагласува дека ниските плати и сиромаштијата се сериозен проблем, но решенијата мора да бидат внимателно осмислени за да не се создадат дополнителни економски ризици и несигурност – и за работниците и за работодавачите.
Од партијата порачуваат дека е потребно реално, системско и социјално праведно решение, засновано на дијалог меѓу синдикатите, работодавачите и институциите, оценувајќи дека станува збор за надпартиско прашање кое не смее да биде предмет на дневно-политички препукувања, туку заедничка одговорност за обезбедување одржлив и достоинствен животен стандард за граѓаните.

