Македонија
Речиси 1.000 нови жртви на семејно насилство во 2018 година
Во согласност со статистиката на Министерството за труд и социјална работа, во 2018 година вкупниот број новоевидентирани жртви на семејно насилство изнесува 919 лица, од кои 665 се жени, 140 мажи и 104 деца.
Вицепремиерката и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, и министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, денеска посетија еден од шелтер-центрите во кои се засолнети жртви на семејно насилство. Министерката Шекеринска во шелтер-центарот разговараше со припадничка на АРМ, жртва на семејно насилство, која е сместена таму со своите деца, и го пренесе апелот да прекине молкот за овие случаи.
„Денеска, сакам да ја испратам пораката до сите граѓани на нашата земја, но и до сите вработени во Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија: семејното насилство не им се случува само на други. Тоа е околу нас, ги допира луѓето со кои соработуваме, со кои живееме, со кои се дружиме и не смееме да останеме неми“, рече министерката Шекеринска.

Таа додаде дека во Министерството за одбрана и во Армијата ќе бидат формирани тимови и ќе бидат отворени телефонски линии за пријавување на семејното насилство.
Министерката Царовска ги повика жртвите да го пријавуваат насилството и да бараат заштита од државата.
„Секој човек, секоја жена, треба да се чувствува безбедно во својот дом и во средината во која живее. Ова е основно право и сигурност што ние како држава мора да ги гарантираме. За да ја реализираме оваа цел, мора да работиме сите заедно и да воспоставиме ефикасни механизми, но и тесна соработка со невладиниот сектор и сите засегнати страни. Паралелно, истанбулската конвенција ни дава рамка за развивање и подобрување на националното законодавство за борба против насилството врз жените, но исто така и превенција, подигнување на јавната свест, како и воспоставување институционални механизми за заштита на жртвите на родово базираното насилство и нивна повторна интеграција во општеството“, изјави Царовска.
Во моментот функционираат 4 регионални центри за лица жртви на семејно насилство – во Скопје, Кочани, Битола и во Свети Николе, а дејноста на Центарот за лица жртви на трговија со луѓе е проширена и со жртви на сексуално насилство, каде што згрижувањето трае до 6 месеци. МТСП инвестира и во објект во кој ќе биде сместен центар за советување жртви на насилство во општина Куманово. Исто така, во состав на здравствени установи во Куманово, Тетово и во Скопје отворени се и 3 центри за жртви на сексуално насилство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Николоски: Почна постапката за воведување директна авиолинија со Саудиска Арабија
Министерството за транспорт ја започна постапката за склучување на Спогодба за воздушен сообраќај со Кралството на Саудиска Арбија, информира министерот, Александар Николоски.
Тој вели дека целта на Спогодбата е воспоставување на правна рамка што ќе овозможи отворање на редовни авиолинии меѓу Македонија и Саудиска Арабија и потенцира дека досега меѓу двете држави не се одржувал воздушен сообраќај.
„Со Спогодбата се создаваат либерални и фер услови за работа на авиопревозниците, преку поттикнување на конкуренција, пониски цени за патниците, како и можност за воведување нови и поквалитетни услуги. Истовремено, Спогодбата гарантира највисоко ниво на безбедност и сигурност во воздушниот сообраќај во согласност со меѓународните стандарди“, вели Николоски.
Тој додава дека се очекува со воспоставувањето на редовни авиолинии меѓу двете земји да придонесе за зголемување на економската соработка, туризмот, трговската размена и севкупните билатерални односи.
Николоски најави дека Министерството за транспорт во следниот период ќе ги преземе сите неопходни активности за започнување на официјалните процедури за регулирање на воздушниот сообраќај, согласно националните прописи и меѓународните стандарди во областа на цивилното воздухопловство.
Македонија
(Фото) На повеќе локации низ Скопје паднаа дрвја, Ѓорѓиевски: Екипите се на терен, реагираме навремено
Поради засилениот ветер и неповолните временски услови, на повеќе локации низ градот беа регистрирани паднати и оштетени дрвја.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски извести дека градските служби веднаш излегле на терен и постапуваат со целосна мобилизација, со цел отстранување на опасностите и обезбедување безбедно движење за граѓаните.
„Се сечат и расчистуваат паднатите дрвја, се отстрануваат скршените гранки и се нормализира сообраќајот таму каде што имаше застој. Приоритет ни е безбедноста на граѓаните и непреченото функционирање на градот“, рече Ѓорѓиевски.
Тој апелираше до сите на зголемена внимателност додека траат активностите на терен.
Македонија
(Фото) Силниот ветер откорна покрив во училиште во Гевгелија
Преку Единствениот број за итни повици 112 е примена пријава дека поради силен ветер летнала лимената конструкција од покривот на основното училиште „Јосиф Јосифовски“ во Гевгелија, соопшти Центарот за управување со кризи.

Според информациите, нема повредени лица. Побарана е интервенција од службени лица од МВР, како и од надлежните институции.

Силниот ветер направи проблеми и во Скопје. На шест локации се пријавени паднати дрвја и искинати кабли, при што е причинета материјална штета на повеќе автомобили.
За состојбата се известени СВР Скопје и ЈП „Паркови и зеленило“, кои преземаат мерки во рамки на своите надлежности.

