Македонија
Решенија за работа добија 38 лица во „Паркови и зеленило“

Денеска, директорот на „Паркови и зеленило“, Зухејр Реџепи, им додели решенија за вработување на неопределено време на 38 лица.
„Именуваните, кои со години привремено работеле во претпријатието, докажале дека се одговорни работници, каде што на заложба на директорот и новото раководство и безрезервната поддршка на Град Скопје, конечно, е решен нивниот статус.
Со оваа одлука убедени сме дека овој тим на вредни работници ќе даде максимален придонес во одржувањето на зелените површини во главниот град, како што му прилега на еден модерен град“, соопштија од претпријатието.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Успешен настап на тимот на Клиника Жан Митрев на меѓународниот турнир во шутбал во Будимпешта

Тимот на Клиника Жан Митрев оствари забележителен успех на меѓународниот турнир во шутбал (walking football), кој се одржа од 11 до 13 јули на терените на клубот „Ференцварош“ во Будимпешта, Унгарија.
На турнирот учествуваа вкупно 16 екипи од Унгарија, Италија, Австрија, Израел, Англија и Македонија, во категории над 50 и над 60 години возраст, а натпреварите беа организирани под покровителство на Унгарската федерација.
Во силна конкуренција со реномирани екипи, меѓу кои и АС Рома од Рим, екипата на Жан Митрев Клиник го освои високото 8-мо место, постигнувајќи значителен број голови и оставајќи силен впечаток како достоен претставник на Република Македонија.
Овој успех е особено значаен имајќи предвид дека шутбал односно фудбал со одење, е спорт кој доживува експанзија во Европа и светот, а во некои од земјите-учеснички е веќе на значително повисоко развојно ниво.
Покрај спортските резултати, тимот на Клиника Жан Митрев активно ја предводи иницијативата за развој и официјализирање на шутбал и во Македонија.
Очекувањата се дека до крајот на годинава, нашата земја, предводена токму од овој тим, ќе стане полноправна членка на Меѓународната федерација на Walking Football.
Со тоа, Македонија ќе се вклучи уште посериозно во развојот на спортот кој носи здравствени и социјални бенефити за луѓето во постара возраст, кои и понатаму се чувствуваат активни и полни со енергија.
Според планот на екипата, веќе од септември се очекува почеток на формирање на национална „Македонска лига“ со повеќе домашни тимови, што претставува нова страница во спортската сцена на земјата.
Дополнително, во текот на следната година, Жан Митрев Клиник планира организација на голем меѓународен турнир под името „Walking Football Tournament – Macedonia Open 2026“, со учество на екипи од повеќе европски земји.
Овој настан ќе ја позиционира Македонија не само како спортски центар, туку и како гостопримлива дестинација за спорт, дружење и позитивна енергија.
Тимот на Клиника Жан Митрев останува посветен на мисијата да ја промовира културата на здрав и активен начин на живот, истовремено носејќи нов спорт на македонската сцена и претставувајќи ја државата во најдобро светло на европските и светски натпревари.
ПР
Македонија
Минчев се сретна со амбасадорот Рокас: во фокус заедничката поддршка за реформите на јавната администрација

Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, денес оствари средба со Амбасадорот на Европската Унија во Република Македонија, Н.Е. Михалис Рокас.
Средбата беше фокусирана на значењето на неодамна усвоените четири клучни реформски закони – Законот за административни службеници, Законот за вработени во јавниот сектор, Законот за стручно усовршување и обука на јавните службеници и Законот за инспекциски надзор, како основа за изградба на праведна, професионална и департизирана јавна администрација, известува Министерството.
Дополнително беа истакнати следните чекори во насока на нивна доследна и ефикасна имплементација, преку транспарентен процес и со силен политички и институционален ангажман.
Министерот Минчев го информираше амбасадорот Рокас и за подготовката на новиот пакет на реформски закони, кој ќе го надгради и заокружи процесот на стратешка трансформација на јавната администрација. Станува збор за:
• Предлог-законот за систем на плати,
• Предлог-законот за високо раководна служба,
• Законот за организација и работа на органите на државната управа (ЗОРОДУ)
Од страна на Амбасадорот Рокас, беше поздравено донесувањето на усвоените закони како позитивен и охрабрувачки сигнал за посветеноста на државата кон европските стандарди во јавната администрација. Воедно, беше изразена поддршката и за новиот реформски циклус, со јасна заложба за доследна и транспарентна имплементација, во духот на принципите на добро управување.
Министерството за јавна администрација и Делегацијата на ЕУ ја потврдија заедничката заложба за континуирана соработка во насока на одржливи и системски реформи кои ќе овозможат ефикасна, отчетна и граѓански ориентирана јавна администрација.
Македонија
(Видео) Лукароска: Со ВМРО-ДПМНЕ Прилеп не е безбеден град, граѓаните не се чувствуваат сигурно ниту дома

Со ВМРО-ДПМНЕ Прилеп стана небезбеден град, прилепчани не се безбедни во своите маала, улици, дворови. Целата јавност е потресена од трагедијата што викендов се случи во Прилеп. Случај што го открива дното до кое е доведена безбедносната состојба во градот, истакна на прес-конференција Петра Лукароска, претседателка на ОО СДСМ – Прилеп.
„Овој монструозен чин ја потврдува суровата реалност: Прилеп е во сериозна безбедносна криза.
Граѓаните живеат во страв, а државата, институциите и полицијата во Прилеп се парализирани, неспособни и неми.
Последниот случај е само кулминација на безредието што подолго време владее во Прилеп, под „раководство“ на ВМРО-ДПМНЕ и Тошковски’, оценува таа.
Како што посочи во последната година во Прилеп се запалени 24 возила, опожарен е ноќен клуб.
„Во дворови на куќи се фрлаат бомби и се поставуваат експлозивни направи.
Угостителските објекти се претворија во бојно поле – места на насилства, тепачки и оружени пресметки.
Во Центарот за социјална работа во Прилеп се случи инцидент со пукање, каде службеничка се здоби со прострелна рана.
Министерот Панче Тошковски и раководството на полицијата во Прилеп не само што не ги спречуваат овие инциденти, туку со својата незаинтересираност и неспособност ги охрабруваат“, додава таа.
Според неа, под нивно водство, МВР е паднато на колена, институциите се потчинети на партиски интереси, а граѓаните оставени сами на себе.
Прашува уште колку жртви треба да паднат за некој да понесе одговорност.
СДСМ, како што нагласи, бара оставка од министерот Панче Тошковски и итна одговорност од раководството на СВР Прилеп.
Бараат началникот и командирот веднаш да бидат разрешени.