Македонија
Ристески до Битиќи: Kаде завршија над 600 илјади евра што ги доби вашата сопруга како државен грант
Денес на Комисијата за финансии и буџет на амандманската расправа за Предлог- буџетот за 2025 година, се обрати пратеникот од ВМРО ДПМНЕ, Петар Ристески кој посочи дека Фатмир Битиќи е тотално некомпетентен да изнесува такви ставови во однос на буџетот и дека тој самиот треба да се запраша за него и неговата сопруга, каде завршиле парите кои ги добиле од државниот грант со сума од над 600 илјади евра, и зошто само по пет дена од добивањето истите тие прават обид за прикривање на сето тоа.
„Фатмир Битиќи овде ни држи предавање за принципи и принципиелност а тој беше на чело на најарамиската влада на Македонија од историјата на нејзиното постоење. И кога се веќе кај принципите со едно гуглање едноставно за Фатмир Битиќи излегува следното, откако сопругите на вицепремиерот Битиќи и директорот на агенцијата за разузнавање, Муслиу како дел од невладиниот сектор добиле државен грант од над 600 илјади евра. Се обиделе да ги прикријат трагите само пет ден по добивањето на парите. Сопругата на Битиќи се брише од овластени лица на нејзината невладина организација“, изјави Ристески.
Ристески посочи дека сето она што е ветено е исполнето, многу суштински проблеми се решени во повеќе области и тоа и во здравството и во образованието, наведувајќи дека се потпишани договори кои ќе водат кон позитивен тек на настаните и успешно функционирање на државата.
„Потпишан е историски договор за вработените во здравството, потпишан колективен договор со кој што ќе добијат 40 проценти зголемување на платите на вработените во здравството. Наместо да зборуваме и да кажеме за реализираното ветување на оваа Влада, за зголемени пензии од 5000 денари линеарно зголемување предизборно ветување на оваа Влада, да зборуваме за исполнетото ветување кон вработените од образование, исто така за еден мандат со потпишан договор за 47 проценти минимум зголемување на платите на вработените во образованието“, посочи Ристески.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Викендот со стабилно време, дожд се очекува од вторник
За време на викендот ќе се задржи стабилно и претежно тивко време, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во сабота и недела времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Ќе дува слаб ветер, претежно од југоисточен правец.
Минималните утрински температури ќе се движат од -3 до 2 степени, додека дневните максимални ќе достигнуваат од 6 до 13 степени.
Во текот на викендот во Скопје се очекува променливо облачно и тивко време, со појава на магла, особено во утринските часови. Минималната температура ќе се спушта до -3 степени, а максималната ќе достигнува околу 8 степени.
Според УХМР, стабилното време ќе се задржи до вторник, по што кон крајот на денот и во следните денови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на планините и повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Нема толеранција за узурпација: Скопје почна голема акција за расчистување на јавниот простор
Град Скопје започна сеопфатна акција за расчистување на бесправно изградените и узурпирани објекти, со цел заштита на јавниот интерес и обезбедување слободно, безбедно и достоинствено користење на јавните површини.
Како што информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, акцијата се спроведува без никакви отстапки и со јасна порака дека јавниот простор им припаѓа на граѓаните и мора да биде достапен за сите под еднакви услови.
„Нема толеранција кога узурпацијата на јавниот простор е во прашање. Започнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти и нема да има никакви отстапки“, напиша Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој посочува дека тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на лични интереси и дека повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на граѓаните.
Според градоначалникот, акцијата ќе продолжи со силно темпо и ќе ја опфати целата територија на Скопје.
Воедно, тој ги повикува граѓаните активно да се вклучат и да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор, со цел да се изгради град во кој владеат ред, достоинство и еднаква пристапност за сите.
Македонија
Мицкоски најави две нови странски инвестиции од 80 милиони евра
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, дали има најава за нови инвестиции во државата, информираше дека веќе има потврда за две нови странски инвестиции во вкупна вредност од околу 80-тина милиони евра.
„Па да, ние генерално, преговараме со многу компании коишто доаѓаат надвор од земјава, коишто ќе инвестираат во Македонија. Можам да потврдам дека веќе имаме потврда од две такви. Една турска, една германска, коишто вкупно ќе инвестираат околу 80-тина милиони евра. Извозот којшто двете заедно ќе го прават од Македонија ќе биде над 200 милиони евра и вкупно двете компании би требало да вработат некаде околу 1.000 вработени. Двете не се во автомобилската индустрија, туку во индустрија со висока технологија, што посебно нè прави горди“, изјави Мицкоски.
Премиерот очекува бројот на странски инвестиции во државата значајно се зголемат до крајот на годината.
„До крајот на годината очекувам уште најмалку три потврди, со што ќе го заокружиме овој циклус, а во следната година ќе продолжиме и на овој план да работиме, да ги поддржуваме домашните компании е наш приоритет, но, се разбира, и компании коишто доаѓаат од надвор, а коишто пројавуваат интерес да инвестираат тука, се добредојдени. Фокусот ни е малку да направиме диверзификација на тоа портфолио, да не биде само автомобилската индустрија, туку и ваков тип на инвестиции во висока технологија“, објасни премиерот.

