Македонија
Роденденска крводарителска акција во Карпош

По повод 44 години од постоењето на Општина Карпош, а во рамките на традиционалните Денови на Општина Карпош“, утре, 29 октомври, ќе се организира роденденска крводарителска акција.
Акцијата ќе се спроведе во спортската сала на ООУ „Лазо Трповски“ во периодот од 9 часот наутро до 16 часот, при што крв ќе даруваат само вработените од општинската администрација.
Досега се пријавени потенцијални 40 крводарители, а акцијата ќе се спроведе според сите заштитни протоколи во услови на ковид-пандемијата. Тоа подразбира дека во периодот од еден час крв ќе даруваат најмногу од четири до пет дарители на крв.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Собраниска делегација во Меѓународна мисија за набљудување на парламентарните избори во Молдавија

Делегацијата во Парламентарното собрание на ОБСЕ (ПС на ОБСЕ) во состав: Моника Зајкова, шеф на Делегацијата; Никола Мицевски и Мимоза Муса, членови; како и Марија Петрушевска, шеф на Делегацијата во Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПС на СЕ), учествуваат во Меѓународната мисија за набљудување на парламентарните избори во Молдавија, што се одржуваат на 28 септември 2025 година.
Мисијата на ПС на ОБСЕ се состои од повеќе 100 парламентарци од 34 земји на ОБСЕ, кои се распоредени за набљудување на изборите во Кишињев и околината, Анени Нои, Балци, Басарабеаска, Комрат, Каушени, Леова, Орхеј, Сорока, Резина и др. Специјален координатор на краткорочната мисија на ОБСЕ за набљудување на изборите во Молдавија е Паула Кардозо, пратеничка од Португалија, а шеф на набљудувачката мисија на ПС на ОБСЕ е Линеа Викман, пратеничка од Шведска. Мисијата на ПС на СЕ, предводена од Крис Саид, пратеник од Малта, брои 25 пратеници.
Набљудувачите на ПС на ОБСЕ и ПС на СЕ тесно соработуваат со експертите и набљудувачите од Канцеларијата за демократски институции и човекови права на ОБСЕ (ОБСЕ/ОДИХР), на чело со шефицата на Мисијата Џилијан Стирк (Канада) и со Мисијата на Европскиот парламент, предводена од европратеникот Михаел Галер (Германија).
Во пресрет на изборите, набљудувачите учествуваа на дводевни сеопфатни брифинзи со високи претставници на политичките партии и коалиции што учествуваат на изборите, со независни кандидати за пратеници, со шефот и долгорочните набљудувачи на Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР, како и со претставници на изборната администрација, на граѓанските организации, на медиумите, аналитичари и експерти.
Меѓународната мисија за набљудување на парламентарните избори во Молдавија треба да процени дали изборите се спроведуваат согласно демократските заложби содржани во Копенхашкиот документ на ОБСЕ од 1990 година, кои вклучуваат, меѓу другото, слободно гласање, фер и слободна атмосфера на кампањата, еднаков пристап до медиумите и точно известување за резултатите. Наодите на набљудувачите ќе бидат анализирани и вклучени во Изјавата со првични наоди и заклучоци, која ќе биде претставена на Заедничката прес-конференција на Меѓународната мисија за набљудување на изборите во Молдавија, што ќе се одржи на 29 септември 2025 година во Кишињев и ќе се пренесува во живо на веб-страницата на ПС на ОБСЕ (www.oscepa.org).
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: „По четири години ја нема катната гаража која Јакимовски, кандидат на СДС, Заев и Филипче ја вети на Орце Николов во 2021“

„Во изборната кампања во 2021 година, кандидатот на СДС, Зоран Заев и Венко Филипче, Стевчо Јакимовски вети катна гаража на Орце Николов.
Вети дека до 2025 година ќе изгради катна гаража на четири нивоа и дека со тоа ќе се реши проблемот со паркирањето во Карпош 2.
Еве ја дојде и ветената 2025 година, но катна гаража на Орце Николов во Карпош 2, нема. Тоа што го има се само дупки, купишта ѓубре и голем метеж, посебно во работните денови“, оценуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Прашуваат, зошто граѓаните нема каде да ги паркираат своите возила, зошто, како што велат, хроничниот лажго и за катната гаража излажа.
„Кандидатот на СДС, Заев и Филипче, Стевчо Јакимовски на граѓаните им вети дека ќе го реши проблемот со паркирањето во Карпош 2. И по четири години проблемот не е решен, туку напротив, сега, за разлика од пред четири години.
Не може да му се верува на Стевчо Јакимовски, кандидат на СДС, Заев и Филипче, зошто исто како неговите поддржувачи, а зине а лаже, а вети нешто, не исполнува.
Јакимовски лаже како што лажеа Заев и Филипче“.
Карпошани, додаваат од партијата на власт, нема да дозволат, повторно Заев и Филипче, преку Стевчо Јакимовски, да имаат градоначалник во Карпош.
„Општината нема нови 4 години за губење, затоа што е време за вистинскиот избор. Со твојот човек! За твоето место! За твојата иднина“
Македонија
„Нема независно судство со членовите под команда на СДС и ДУИ кои Филипче го спасија од одговорност за пожарот во модуларната во Тетово“, велат од ВМРО-ДПМНЕ

„Долгогодишните коалициски партнери СДС и ДУИ, додека заедно владееја судовите ги наполнија со свои луѓе од доверба. И овие луѓе избрани во штабовите во Струмица и Зајас во судството го спасија Венко Филипче од одговорност за пожарот во модуларната болница“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Филипче како министер за здравство ја потпишал спецификацијата за модуларната болница во Тетово и тој е директно одговорен за смртта на 14 луѓе.
Затоа што правеше анекси на договори за да ќари 20% повеќе пари, живи изгореа 14 луѓе во модуларната болница во Тетово, а за тоа не беше повикан ни на разговор во обвинителството.
Ако нашето судство и обвинителство не беше во скутот на Заев и Ахмети, Филипче до сега ќе беше зад решетки, всушност како во секоја држава со независни судско обвинителски органи.
Но, сепак, ние сме во Македонија, каде што судиите со 2% доверба од граѓаните мораа да ги оправдаат нивните назначувања и да го спасат од одговорност Филипче.
За да не лежи и кривично одговара Венко Филипче, лежат странични ликови во здравството, како тогашните директори на болницата Етеми и Бесими. Но, и тие, исто така, не смееше да бидат осудени со реални казни, за да не пропеат и го издадат нивниот шеф, па добија по само година и пол затвор.
Судиите и обвинителите заробени во канџите на Заев и Ахмети, за пожар во болница каде што живи горат 14 луѓе, доделија вкупно 3 години затвор на директорите, а за Филипче станаа неми, слепи и глуви.
Релацијата на одредени судии и обвинители кои сè уште работат по насока на СДС и ДУИ, ги оставија криминалците по улиците, а народот без правда.
Со овие судии и обвинители не може да се очекува независно судство и обвинителство. Потребни се итни реформи за конечно во државата да дојде вистинска правда и одговорност“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.