Македонија
Родители и блиски на жртвите во Кочани бараат Обвинителството да објасни кој е обвинет, а кој ослободен
Родителите, роднините, пријателите на загинатите деца, како и нивните поддржувачи, излегоа на уште еден марш во Кочани, барајќи правда за 62-та жртви кои загинаа во трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“. Тие упатија јавен апел до Јавното обвинителство – конечно и директно да ги информира за тоа кои лица се обвинети, а за кои е запрена постапката.
„Ние не сме правници, соопштението ни е дадено по членови и закони… и реално ништо не сфативме. Претпоставувам и другите родители, освен градоначалниците и обезбедувачите, не сфатиле“, рече Марија Петрушева, мајката на загинатиот Андреј Панов.
Таа истакна дека во понеделник официјално ќе испратат барање до Обвинителството, со кое ќе побараат лична средба со надлежните обвинители.
„Чувствуваме морална и човечка должност да се обратиме. Сметаме дека е од суштинско значење Обвинителството конечно и целосно да нѐ запознае со исходот од истражната постапка и со содржината на поднесениот обвинителен акт, кои лица се опфатени, а кои се изземени од одговорност, за да ги отстраниме сите дилеми кои се јавуваат кај нас. Неприфатливо е за нас да добиеме информации преку медиуми. Очекуваме транспарентност и директна комуникација“, порача Петрушева.
Таа изрази загриженост што, и покрај укажувањата, одредени лица сè уште не биле повикани ни на распит.
„Нашата болка е тешка, но борбата е праведна. Бараме одговорност и вистина“, додаде таа.
Со остар тон се обрати и Васка Стојанова, мајката на загинатиот Томче, која директно го обвини газдата на „Пулс“, познат како Деко, дека во моментот на пожарот се скрил, оставајќи ги младите да се борат за живот.
„Јас не знам зошто партиите преку медиумите кажуваат кој што и колку дал. Господ рекол кога левата рака дава, десната не треба да знае. И обратно. На нашите деца никој и ништо не им помогна, само помогнаа со тоа што им ја затворија вратата и што многу повеќе уништија. Да била вратата отворена, немало толку да бидат уништени и ќе се спасија. А не како оној монструмот Деко што се криел долу во скривницата, за да се спаси, а нашите деца ги оставил на милост и немилост“, изјави Стојанова со солзи во очите.
Присутните граѓани порачаа дека нема да престанат со протестите додека не добијат јасни и транспарентни одговори од институциите. Бараат правда, но и човечка емпатија – не правни термини и соопштенија кои, како што велат, никој од нив не ги разбира.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Забранет сообраќајот на регионалниот пат Гостивар – село Чегране поради излевање на реката Вардар и обилниот дожд
Во 20.40 часот е воведена забрана за сообраќај на регионалниот пат Р2-233 Гостивар – село Чегране поточно во село Форино, поради излевање на реката Вардар и обилни врнежи од дожд, извести АМСМ.
Сообраќајот се пренасочува од село Чајле кон село Старо Чајле према село Форино.
Воведена е забрана за сообраќај и на локалниот пат од „Тумчевишка Петла“ кон село Тумчевиште и село Чегране, додаваат од АМСМ.
Македонија
Меѓународните односи, реформите и борбата против корупција во фокусот на разговорите меѓу Сиљановска-Давкова и Варнс
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја прими Никол Варнс, вршителка на должноста шеф на мисијата во Амбасадата на САД.
Таа изрази подготвеност за понатамошна соработката со истата динамика и посветеност како со претходната амбасадорка.
Разговорот започна со осврт на меѓународните односи, состојбите во НАТО, ЕУ и регионот.
Потоа соговорничките се фокусираа на македонските работи: реформските процеси во судството, дигитализацијата, борбата против корупцијата и организираниот криминал и реализацијата на инфраструктурните проекти.
За нив, инклузивниот модел на одлучување и меритократијата во сите сфери на општествениот живот, а особено во образовниот систем и во регрутирањето на државната и јавна администрација на највисоко ниво се клучни не само за нашата евроинтеграција, туку и за просперитетот на државата.
Во време на безбедносни предизвици и ризици, за обете, американско-македонското стратешко партнерство, како и сојузништвото во НАТО се важни за стабилноста.
Амбасадорката ја потврди американската подготвеност за унапредување на пријателските односи, поздравувајќи ја неодамна усогласената заедничка изјава за рамката за идниот Договор за реципрочна, фер и балансирана трговија, како значаен чекор во зајакнувањето на економската соработка.
Сиљановска-Давкова и Варнс очекуваат со Акцискиот план да се конкретизираат низа проекти во интерес на граѓаните.
Македонија
Укината забраната за сообраќај на камиони на патот Гостивар-Стража-Кичево
Од 17:20 часот укината е забраната за ТМВ на патниот правец Гостивар-Стража и обратно.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Врнежи од снег има на Пониква и на патниот правец Штип-Неготино кај с.Лесковица, кој во моментов не претставува пречка за одвивање на сообракајот, јави АМСМ.

