Македонија
Романо Проди одликуван со награда за хуманизам
Охрид и Македонија се прататковината, магна карта на европскиот хуманизам, со самиот факт што Свети Климент Охридски, на стотина години пред првиот европски универзитет, во Болоња, овде ја формираа првата хуманистичка школа.
Со овие зборови, вечервa во Куќата на Уранија (МАНУ), официјално му беше врачена Светската награда за хуманизам, за 2018 година, на Романо Проди, политичар, хуманист, универзитетски професор и еден од водечките интелектуалци на стариот континент.

Наградата, на Проди, еден од визионерите и градителте на европската идеја, му ја врачи В.Д. градоначалник на Охрид, Константин Георгиески, кој, меѓу другото нагласи дека од вечерва Романо Проди, со целиот негов политички и хуманистички беграунд, ќе биде дел од охридската калдрма и светостите на македонската духовна и црковна метропола.
Екс-премиерот на Италија и поранешен претседател на Европската комисија, Проди, заблагодарувајќи се на признанието, додаде дека духот на европската идеја не се профитот и економското поврзување, туку хуманизмот и солидарноста.
„Европа е заедница на малцинства. Кога бев во Романија, еден тамошен пратеник ми кажа, како неговиот татко бил убиен, само затоа што таму бил малцинство, како што бил убиен и неговиот дедо – за истото. Тоа повеќе не смее да се случува. Европа треба да биде семејство на мир и солидарност, во европската архитектура, како темел треба да влезе балканската стратегија, но и нешто пошироко – солидарноста со африканските земји, чие население, без своја вина, се раселува во очајнички поморски и сувоземни колони“, потенцираше Проди, кој 10 години во Африка беше специјален пратеник на ОН.

Дипломатот и писател, Јордан Плевнеш, во својата пригодна беседа, напомена дека, вечерва целата светска идеја на хуманизмот е во Охрид.
„Вечерва во Охрид, градот на првата средновековна европска школа на хуманизмот, на самиот почеток на 10. век, се случува една вистинскас духовна револуционерна синтеза, мегу двата митски европски градови во Европа, Охрид и Болоња“, потенцираше Плевнеш.
Доказ за духовното единство мегу Охрид и Болоња, рече натаму Плевнеш, е фактот што еден од најстарите глаглски ракописи, пишуван е во охридското село Рамне (1230-1240), а се чува во Августинскиопт манастир Сан Џакомо Маџоре во Болоња, под името Болоњски псалтир.

Плевнеш ја информираше бројната публика, дека Романо Проди е роден на денот на Свети Клименти дека во Охрид, со неговата животна сопатничка, Флавија Франзони, ќе ја прослави златната свадба – 50 години брак.
Во Охрид, вечерва зборуваа и Рикардо Бризи, професор на Универзитетот од Болоња, како и Жан Патрик Конрад од Империјалниот колеџ во Лондон.

Светската награда за хуманизам ја востанови Охридската академија на хуманизмот, по идеја на дипломатот и писател Јордан Плевнеш и со неа се слави името на Св. Климент Охридски на сите светски меридијани.
Пред професорот Проди, Охрид, градот на УНЕСКО, со ова иусклучително признание веќе ги овенча нобеловците Александр Солжењицин, Херта Милер, светските легенди Даисаку Икеда, Рави Шанкар, Питер Брук, Маноел Де Оливеира, будејќи ги изворите на духовната меморија од првата средновековна школа на хуманизмот, основана од учениците на Св. Кирил и Методиј, заштитниците на Европа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Потпишан Меморандум со највисоко рангираните универзитети во Македонија за соработка во рамки на проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, објави Ѓорѓиевски
Градоначалникот на Град Скопје, заедно со највисоко рангираните универзитети во Македонија потпишаа Меморандум за соработка во рамки на проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, со што академската заедница официјално се вклучува како активен и рамноправен партнер во овој значаен европски културен процес, информираат од Град Скопје.
Со Меморандумот се потврдува јасната европска ориентација на универзитетите и нивната улога како двигатели на знаење, креативност и иновации, како и нивната општествена одговорност во развојот на заедницата. Вклучувањето во „Скопје 2028“ отвора можности за интеграција на културата во наставните и истражувачките програми, поттикнување на студентската креативност и младинскиот ангажман, развој на интердисциплинарни и меѓународни партнерства и зголемување на академската видливост на европско ниво.
Академската заедница останува посветена на активна, професионална и визионерска улога во реализацијата на „Скопје 2028“, со цел зајакнување на европските вредности, продлабочување на интеркултурниот дијалог и создавање одржлива, солидарна и креативна иднина за Скопје и Македонија.
Македонија
Сиљановска-Давкова: „Извозот на мозоци“ остава длабоки лузни, најдобрите си заминуваат поради недостиг на правдата при вработувањето и напредувањето
Претседателката на државата, Гордана Сиљановска -Давкова денеска присуствуваше на презентацијата на проектот „Партнерства за вештини за одржливи и праведни модели на миграција“ (Skills4Justice), спроведен во рамките на програмата на ЕУ за истражување и иновации Хоризонт Европа (HORIZON Europe). Настанот се одржа на Економскиот факултет при УКИМ, како национален координатор на истиот.
Во своето воведно излагање, таа истакна дека одливот на младите високообразовани и компетитивни македонски кадри е една од најголемите закани за македонскиот општествен развој, со сериозни демографски, економски, политички, научни и културни последици.
Според неа, со сè помалубројна и послаба епистемолошка заедница (професори, истражувачи, новинари-аналитичари, културни дејци), тешко е да се креираат добри политики во различни области.
Најдобрите си заминуваат во потрага по подобар живот, но и заради недостиг на меритократија (потценето знаење, талент, вештина и креативност), како и отсуството на владеење на правото и правдата при вработувањето и напредувањето, смета таа.
За неа, напливот на високообразовни институции со сомнителен квалитет, како и партизацијата и непотизмот, продуцираат некритична и послушна ,,интелигенција”.
Таа истакна дека борбата со егзодусот на најдобрите треба да почне со реформи во основното и средно образование, преиспитување на високообразовната мрежа и заострени критериуми при избор и кариера.
На крајот, претседателката укажа на потребата од воведување дуално образование во сите степени, преиспитување на преоптоварената високообразовна мрежа, организирање заеднички студии и проекти со други универзитети, ангажирање на македонските умови од дијаспората со помош на вештачката интелигенција и дигитализација.
Македонија
СДСМ: Македонија сака во ЕУ а ВМРО изолација
Македонските граѓани во големо мнозинство, над 70% сакаат членство во ЕУ. Додека Мицкоски и ВМРО намерно ја туркаат земјата кон изолација, далеку од ЕУ, истакнуваат од СДСМ.
„Известувачот за Македонија, Томас Вајс денеска изјави дека мора да се исполнат реформи и условот со уставни измени за да продолжи европскиот пат на земјата, при презентирањето на нацрт-извештајот за 2025 година.
Евроамбасадороот Михалис Рокас вчера беше дециден дека нема членство во ЕУ без право на глас и без право на вето.
Со ова, приказните на Мицкоски се разобличени целосно.
Исто како и празната националистичка реторика која веќе не поминува“.
Граѓаните, додаваат од СДСМ, го гледаат Мицкоски седнат во авион како се лукзуора на нивна сметка, со скапи часовници од 60.000 евра, со тендери како томбола за бизнис.
Тоа, како што оценуваат, е личен финаниски патриотизам.
„Зборува за меко ткиво а не знае дека и мозокот е меко ткиво.
Мицкоски, граѓаните имаат мозок“.

