Македонија
Романскиот Сенат едногласно го ратификува протоколот за членство на Македонија во НАТО

Сенатот на Романија едногласно го ратификува протоколот за членство на Македонија во НАТО.
По ратификацијата на протоколот, претседателот на Собранието, Талат Џафери, имаше средба со претседателот на Сенатот на Романија, Калин Попеску Таричану.
„Таричану истакна дека денешната едногласна одлука на Сенатот за поддршка на членството на нашата земја во алијансата уште еднаш ја потврдува силната заложба на Романија, Република Северна Македонија да стане полноправен член на алијанса и да добие датум за почнување на преговорите со ЕУ, особено за време на претседавањето со Советот на ЕУ“, соопштија од собраниската прес-служба.
Џафери рекол дека Република Северна Македонија ја смета Романија за пријателска земја која може да придонесе во размена на искуства и експертиза во однос на одговорностите кон НАТО како земја членка, и во однос на процесот за отпочнување на преговорите со ЕУ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Милошоски: Демократски зрело е членовите на Судски совет да си поднесат оставки после изгласана недоверба

„Тие што сметаат дека никој не носи одговорност и дека не смее да се покрене интерпелација за избраните членови на Судски совет треба да разберат дека Македонија е парламентарна демократија, не е монархија“, истакна пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски на денешната пленарна седница во Собранието.
Милошоски посочи дека не може да се очекува некаков придонес од член на Судски совет кој не ги почитува законите.
„Ако еден член на Судскиот совет не ги почитува законите кои се однесуваат на работата на Судскиот совет тогаш како можеме да очекуваме дека таквиот член ќе даде придонес за зголемување на довербата во правосудството во Република Македонија кое е на историски најниско ниво“, вели Милошоски.
„Гласањето за интерпелација на членот на Судскиот совет Селим Адеми е гласање за кадровска реформа во Судскиот совет. Ние, мораме да направиме тоа што е во наша надлежност, да го зголемиме интегритетот на оваа институција коишто членови како Селим Адеми и Весна Дамева ја руинираа таа институција и ја сведоа на најниско можно ниво по рејтинг и во јавноста и помеѓу судиите“, рече Милошоски.
Потенцираше дека после изгласаните интерпелации би било демократски зрело членовите на Судски совет да си поднесат оставки.
„Затоа сметам дека на овој начин Собранието ќе го даде својот реформски придонес за корекција на работењето на Судскиот совет, а доколку членовите на Судскиот совет кои се повикуваат тука на Устав, на закон и на демократски механизми, доколку тие како Селим Адеми, Весна Дамева имаат демократски капацитет, после изгласана недоверба од 70 или 77 пратеници во Собранието треба да се свесни дека немаат легитимитет да учествуваат во работата и да носат одлуки во Судскиот совет, би било од нивна страна демократски зрело да си поднесат оставки и со тоа да дадат барем мал скромен придонес за покривање на оние незаконитости коишто ги направија во изминатите неколку години“, заклучи Милошоски.
Македонија
Стојаноски: Интерпелациите за членовите на Судскиот совет се тема која има цел да се расчисти со мочуриштето што го има окупирано македонското судство

Многу суштинска тема којашто уште некој период пред изборите беше најавувана, транспарентно прикажана пред граѓаните во предизборна Програма којашто доби поддршка од над 600 илјади гласови на изборите во коишто суштината е само една и единствена цел, да се расчисти со мочуриштето коешто го има окупирано македонското судство, вели пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, во текот на денешната парламентарната расправа по поднесените интерпелации за петте члена на Судскиот совет.
Според него ова е начин на којшто правосудниот систем конечно ќе биде ослободен од долгогодишните, поточно децениски стеги во којшто е западнат.
„Координиран настап, настап во којшто провејуваа многу навреди, настап во којшто немаше никаква аргументација и настап во којшто имаше за цел да направи една димна завеса за да на крајот од денот впечатокот биде дека некој сака да прави упад во уставниот поредок, некој сака да го политизира судството и обвинителството“, јасно посочува Стојаноски зборувајќи за обидите на СДС да го прикажат сето ова како упад во уставниот поредок.
Тој појаснува дека во текот на вчерашниот ден професорка од Правниот факултет, токму од редовите на СДС, со својот исказ направи обид да прикаже на јавноста дека некој сака да прави упад во уставниот поредок.
„Да се вратиме на почеток, кој го зборува тоа. Дојде Весна Дамева, даде свој исказ и избега од салата, а другите коишто чекаат да почне седницата на Судскиот совет, небаре во овој ден денеска и во овој момент ќе одлучуваат за нешто коешто значително ќе ги промени нештата, даваат изјави од безбедна далечина дека ова е неуставно, дека тие нема да присуствуваат, дека ова е упад и така натаму“, констатира Стојаноски.
Пратеникот Стојаноски во овој контекст го истакна и она што нему му го задржало вниманието, а тоа е излегувањето на координаторот на СДС, додека беа присутни сите од нивната пратеничка група, при тоа искористувајќи односно повторувајќи ги токму истите зборови.
„Почитуваната Дамева и другите имаат напишано дека неусвоениот извештај не може да биде земен како платформа бидејќи бил само статистика. Сега замислите, таа статистика шест години е иста, но во суштината на тој извештај не е дека таму некој треба да напише бројки, туку дека треба нивната уставна обврска да ја образложат пред пратениците“, прецизен е Стојаноски.
Македонија
„Ауф, ќе магистрираме на тема интерпелација“: Апасиев за собраниската седница

На денешната собраниска седница се дискутира за интерпелациите на членовите на Судски совет.
Лидерот на Левица, Димитар Апасиев на социјалните мрежи се јави со коментар за истата: „Аууууф… Ќе магистрираме на тема “ИНТЕРПЕЛАЦИЈА”, напиша Апасиев.
Инаку со 77 гласа Собранието попладнево изгласа недоверба на Весна Дамева, член на Судски Совет, а со 76 гласа „за“ изгласа недоверба на Павлина Црвенковска.
На ред е интерпелацијата на членот на Советот, Селим Адеми. До крајот на денот се очекува Собранието да се произнесе и за интерпелациите и на Тања Чачарова-Илиевска и на Миљазим Мустафа.
Пратениците на опозициската СДСМ, претходно ја напуштија седницата откако пратеникот Оливер Спасовски интерпелациите ги оцени како упад во судството.