Македонија
РСБСП: Корисни совети за безбедно возење во есен
Безбедното одвивање на сообраќајот зависи од многу фактори. Секако, најважен и одлучувачки фактор е факторот човек, но не смееме да ги заборавиме и занемариме и другите фактори, како: временските услови (магла, дожд, снег, голомразица), типот на патот по кој се движиме (автопат, регионален пат, локален пат…) или делот од денот во кој се одвива сообраќајот. Возењето во есен носи многу предизвици за возачите, особено за помладите и понеискусните возачи. Коловозите се влажни, денот е пократок, видливоста е намалена, честа појава на магла, дожд, ветер, одрони на пат, животни на патот итн.
Водејќи се од тоа, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата со совети до возачите на што да внимаваат во сообраќајот и како да се однесуват во сообраќајот во есенски услови:
• Возење во услови на магла
Маглата е карактеристична, односно честа појава за овој период од годината. Затоа, секогаш кога се движите низ магла, вклучете ги соборените светла и светлата за магла, почитувајте ги ограничувањата за брзина и не престигнувајте сè до моментот кога вашето видно поле не стане чисто, а вашето престигнување безбедно. Држете безбедно растојание и секогаш бидете подготвени за брзо и безбедно запирање на возилото.

• Внимателно возење на дожд и влажни коловози
Дождот и влажните коловози исто така се редовна појава во есен. Затоа, возете внимателно и имајте предвид дека влажните коловози го зголемуваат сопирачкиот пат на возилото и ја искривуваат траекторијата за запирање на возилото. Дополнително, опасноста се зголемува доколку на коловозот има места на кои се собираат вода, кал, лисја, остатоци од масло и гориво и други нечистоии бидејки тогаш самиот процес на запирање на возилото станува уште посложен и потежок. Особено внимавајте кога возете по колотраги, кои се честа појава на коловозите, а кои обично се полни со вода, кал и други остатоци. Во такви услови задолжително намалете ја брзината и избегнувајте да возите по колотраги доколку за тоа постои можност.

• Внимавајте на голомразица
Голомразицате е исто така еден од важните фактори од кои зависи безбедното одвивање на сообраќајот во есен и зима. Затоа, бидете особено внимателни на голомразица, особено ако патувате во раните утрински или во доцните вечерни часови. Голомразицата обично се појавува кога се движите низ високи и осојни планински места, каде што има остри кривини, на подвозници, надвозници, мостови, пред влез и излез од тунел итн. Доколку се соочите со голомразица на коловозот, клучно е да останете присебни и концентрирани, да не паничете и да не преземате нагли дејства, односно нагло свртување или нагло сопирање на возилото. Држете го цврсто управувачот и умерено и постепено стискајте на педалот за сопирање или во зависност од состојбата, понекогаш само пуштете го педалот за гас и немате потреба да стискате на педалот за кочење сè до моментот додека возилото не загребе на сув коловоз.

• Сигурно возење низ ветар
Силниот ветер ја намалува безбедноста во сообраќајот, особено на отворен пат – автопат. Во услови на силен бочен ветер намалете ја брзината на движење на возилото затоа што тоа може да го наруши правилното движење на возилото, да ја наруши неговата стабилност и на тој начин да се загрози безбедното одвивање на сообраќајот. Во ваква ситуација важно е да бидете подготвени да го застанете возилото во секој миг. Доколку превезувате некаков товар, проверете дали е добро зацврстен. Внимавајте на паднати дрвја, гранки и друго.
• Внимавајте на одрони на патот
Временските услови во есен (поројни дождови, силни ветрови, високи температурни разлики помеѓу денот и ноќта итн.) може да предизвикаат појава на одрони на пат, наноси на земја, песок, камења на патот итн., што може да биде многу опасно за сообраќајот. Затоа, возете внимателно, особено ако возите во услови на невреме или веднаш по невреме, во планински предели или во други непознати области, каде што не ги знаете доволно карактеристиките на патот. За безбедно возење во есен, клучно е да ја намалите брзината, да бидете концентрирани и да управувате технички исправно возило, во прв ред да поседувате добри и квалитетни пневматици.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре сончево и релативно топло со мала до умерена локална облачност и температура до 20 степени
Утре, сончево и релативно топло со мала до умерена локална облачност. По одделни котлини ќе има услови за појава на утринска магла. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 14 до 20 степени.
Во Скопје, ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Во делови од котлината ќе има услови за појава на утринска магла. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 19 степени.
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност. Во утринските часови по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла. Во четврток се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, особено во попладневните часови и во текот на ноќта.
Македонија
Тошковски – Хани: Зајакнување на антикорупциските механизми и унапредување на регионалната соработка
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска оствари работна средба со директорот на Секретаријатот на Регионалната антикорупциска иницијатива (РАИ), Алберт Хани, на која беа разгледани можностите за продлабочување на соработката во насока на зајакнување на институционалните капацитети за спречување на корупцијата.
Во фокусот на разговорите беа обуките за изработка на Национална проценка на ризик од корупција и антикорупциската проверка на законодавството во областа на внатрешните работи, при што беше истакната активната улога на Македонија како потписничка на Меѓународниот договор за размена на податоци за проверка на изјавите за имотна состојба. На средбата беше нагласено дека нашата држава претставува водечки пример и референтна точка за земјите кои сè уште не пристапиле кон овој механизам.
Тошковски ја потенцираше важноста од системски пристап во детектирањето и намалувањето на ризиците од корупција во безбедносниот сектор, како и значењето на регионалната соработка и размената на искуства.
„Борбата против корупцијата е еден од нашите врвни приоритети. Преку зајакнување на интегритетот на институциите, унапредување на законодавната рамка и користење на современи механизми за проценка на ризици, создаваме систем во кој корупцијата станува сè потешка, поскапа и неисплатлива. Поддршката и експертизата на РАИ во овој процес имаат значајна улога, а Министерството за внатрешни работи останува силно посветено на развој на ефикасни и одржливи антикорупциски политики“, истакна Тошковски.
На средбата беа разгледани и конкретни можности за идна соработка преку заеднички активности, обуки и проекти насочени кон јакнење на превентивните и репресивните механизми во справувањето со корупцијата.
Македонија
Наредена ексхумација на уште една жена, можна жртва на 25- годишникот од Малотино осомничен за сериски убиства
Во наредните денови ќе биде направена уште една ексхумација на жена за која постојат сомневања дека е жртва на 25-годишниот овчар Трајко Бојковски од селото малотино, Старо Нагоричане, осомничен дека е серириски убиец. Обвинителството ја прошири истрагата за уште едно кривично дело – убиство, за кое е предвидена казна доживотен затвор, извести денес обвинителот Љубомир Лапе.
Обвинителството веќе обезбеди докази за две убиства и еден обид за убиство со ДНК анализи кои посочуваат кон 25-годишникот, кој е во притвор. Сите жртви се од истиот регион и според Обвинителството, нема докази за сексуално насилство. Дадени се наредби за психијатриско вештачење на осомничениот и сè уште не е утврден мотивот за убиствата.
За расчистување на случајот дадени се наредби на МВР да ги извади сите можни пријави, поплаки, телефонски јавувања, очевидци за настаните поврзани со осомничениот кој од СВР Куманово веќе има кривична пријава за две тешки кражби.
Кумановската обвинителка Теута Рамдани потсети дека истрагата за Бојковски почна по пријава од 83- годишна жена која успеала да преживее напад од осомничениот.

