Македонија
„Сите за правично судење“: Судовите да обезбедат соодветни простории за одржување на рочиштата за време на пандемијата
Коалицијата „Сите за правично судење“ соопшти дека во одредени судови, лица во својство на јавност, вклучувајќи и претставници на невладини организации, кои се препознаени како стручна јавност во согласност со процесните закони, врз основа на судскиот протокол спречени се да присуствуваат и да ги набљудуваат судските рочишта, со образложение дека нема доволно простор во судницата како би се обезбедило соодветна физичка дистанца помеѓу лицата што се во неа. Поради тоа, тие ја истакнуваат својата загриженост поради потенцијалното влијание, кое вака изготвениот и на овој начин донесен протокол може да го има врз правото на правично судење и тоа од повеќе аспекти.
На 20.10.2020 на веб-страницата на Основниот кривичен суд Скопје беше објавен протокол за спроведување мерки за заштита од Ковид-19 во судовите, со кој се предвидуваат низа мерки кои се однесуваат на сите вработени, но и на сите странки и граѓани што влегуваат во судот.
„Најнапред, иако овој протокол според својата содржина се однесува на сите судови во земјата, тој досега е објавен само од страна на Основниот кривичен суд Скопје и воедно воопшто не е наведено кој орган, тело или институција го има донесено, туку само е наведено дека тој е изготвен од страна на Здружението на судиите, а објавен од страна на Основниот кривичен суд Скопје. Оваа ситуација повлекува низа прашања во однос на транспарентноста и независноста на судската власт. Во овој контекст, иако Здружението на судиите е професионална организација сочинета од судии, сепак тоа е само граѓанска организација, односно здружение на граѓани, па така тоа не е препознаено како тело, институција или орган што на каков било начин може формално да влијае врз судската власт и да носи обврзувачки акти за сите судови во земјата, директно навлегувајќи во овластувањата на Судскиот совет. Во оваа насока е и одлуката за постапување на судовите во услови на зголемена опасност од Ковид-19, која во март 2020 година беше донесена од страна на Судскиот совет.
Со оглед на тоа, се поставува прашањето дали овој протокол пред да почне со примена претходно треба да биде усвоен од страна на Судскиот совет и да биде јасно наведено од кој орган тој е донесен, како и да биде јавно објавен и достапен во сите судови со цел граѓаните да може соодветно да се информираат и приспособат на мерките?
Дополнителна загриженост предизвикуваат и самите мерки, кои се наведени во протоколот, а кои им даваат широки овластувања на судиите да ја ограничат, па дури и целосно да ја отстранат јавноста од постапките, спротивно на законските, уставните и меѓународните одредби кои се однесуваат на правото на фер судење. Така, во согласност со Уставот на РСМ, Европската конвенција за човековите права на Советот на Европа, Меѓународниот пакт за граѓански и политички права на Обединетите нации, како и домашните процесни закони, судењата во судовите се јавни, а причините поради кои јавноста може да биде исклучена, како и начинот на кој тоа може да биде направено, се соодветно предвидени. Јавниот карактер на постапката е важен дел од обезбедувањето на правичноста, а спроведувањето на правдата треба да биде видливо така што да биде подложно на јавен надзор, што воедно ќе послужи и како механизам со кој ќе може да се зајакне довербата на граѓаните во судството и правосудните институции“, се вели во соопштението.
Според коалицијата, „Законот за кривичната постапка предвидува дека доколку нема соодветни услови за одржување на главната расправа во одделни простории, судот може да определи главната расправа да се одржи во друга просторија“.
„Оттаму сметаме дека судовите треба да вложат напори за разгледување на сите други алтернативни мерки во насока на обезбедување соодветни простории за одржување на судските рочишта за време на пандемијата, а со цел обезбедување на стандардите за фер и правично судење на граѓаните. Во согласност со Законот за кривичната постапка точно е определено во кои ситуации судот може да ја исклучи јавноста на главната расправа, а тоа да не се смета за суштествена повреда на постапката.Воедно ЗКП го обврзува судечкиот судија, или судечкиот совет, доколку постојат причини за исклучување на јавноста, да донесе решение за тоа, кое мора веднаш да биде јавно образложено. Имајќи го предвид горенаведеното, коалицијата ги поздравува напорите за заштита од Ковид-19 од страна на правосудните институции и судовите преземени како не би се изложиле граѓаните на ризик за зараза од вирусот, но воедно апелира судовите и правосудните институции да вложат дополнителни напори за почитување на човековите права во време на пандемија како би се обезбедило фер и правично судење за сите граѓани согласно со највисоките меѓународни стандарди за фер и правично судење.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Посебен режим на сообраќај во недела во Скопје
СВР Скопје ги известува граѓаните на Скопје дека на 12.05.2024 (недела) од 08.30 часот до 10.30 часот, поради одржување на улична трка, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај и тоа по сообраќајниците по кои ќе се движат натпреварувачите, кои имаат стартна позиција на бул.„Илинден“–локација Фонтана, ќе се движат по бул.„Илинден“ до крстосница со ул.„Никола Парапунов“, потоа до крстосница со бул.„Партизански одреди“, десно (кон населба Ѓорче Петров) до мостот Влајко, каде што вртат полукружно и назад по истиот коловоз до крстосницата со ул.„Љубљанска“, каде вртат полукружно и по истиот коловоз се враќаат назад на ул.„Никола Парапунов“ и по бул.„Илинден“ до целта на локација Фонтана на бул.„Илинден“.
СВР Скопје апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците каде што ќе се одвива настанот.
Македонија
Пеевски до Мицкоски: Од вас се очекува правилно да го исполните договорот, Бугарија направи голема работа
Нема да дозволиме Бугарија да се користи за внатрешнополитички цели во Северна Македонија, наведува претседателот на ДПС од Бугарија, Дељан Пеевски.
„Зборовите на лидерот на партија со тврдења од нашата соседна земја дека ќе чека поразумен премиер се апсолутно недозволиви и неприфатливи. Нема оправдување Северна Македонија да се оттргне од свјот евро-атлантски пат“, вели Пеевски и му се обраќа на претседателот на македонската партија ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски:
„Сакам да му се обратам на господинот Миткоски: нема да има бугарски премиер што ќе оди спротивно на интересите на Бугарија. Од вас се очекува правилно да го исполните договорот потпишан со Бугарија. Ве потсетуваме дека Бугарија како држава направи многу со поддршката за Северна Македонија, чие место треба да биде членка на ЕУ“, вели Пеевски.
Македонија
Џафери за порасната трева околу Владата: Градоначалничката доби соодветен одговор со изборниот резултат, граѓаните гледаат и вреднуваат
Техничкиот премиер Талат Џафери по денешниот отчет за сработеното во првите 100 дена од Владата што ја предводи, даде објаснување за порасната трева околу Владата за што имаше многу реакции од граѓаните. Одговарајќи на новинарско прашање за тревата, Џафери објасни дека тоа е обврска на Град Скопје, па од таму и изборниот резултат на партијата што ја предводи градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска.
„Разбирам дека има реакции по тоа прашање. Според процедурите и прописите, земјиштето е сопственост и во надлежност на Град Скопје. Според договореното и обврските, ‘Паркови и зеленило’ како јавно претпријатие што се грижи за изгледот на градот е надлежно и за оваа работа. Владата ниту има предвидено средства ниту, пак, може да предвиди средства за работи што се надлежност на друга институција. Во овој контекст, јас жалам што излезе вака, но, секако, и на изборите соодветен одговор доби и градоначалничката на градот Скопје во однос на изборниот резултат. Граѓаните гледаат, граѓаните оценуваат, вреднуваат и си го дадоа својот одговор“, рече Џафери.
Нова алтернатива, партијата која на изборите ја предводеше градоначалничката Данела Арсовска, освои 3.516 гласа, односно 0,35 отсто од гласовите на запишаните избирачи.