Македонија
РСБСП: Пешаците се најмасовна и најранлива група учесници во сообраќајот
Црната статистика за 2017 година покажува дека 34 пешаци го загубиле животот во сообраќајни незгоди од кои дури 17 се на возраст над 65 години, а повеќе од 900 се сериозно повредени. Една од причините зошто пешаците толку многу страдаат во сообраќајот, покрај неодговорните возачи и несоодветната сообраќајна инфраструктура, секако е и непочитувањето на сообраќајните правила и прописи од нивна страна.

„Секојдневно можеме да видиме пешаци како поминуваат улица надвор од пешачки премин, на црвен пешачки семафор, како се движат помеѓу две коловозни ленти, помеѓу возила во движење, но и пешаци кои воопшто не ги следат случувањата во сообраќајот поради мобилниот телефон или слушањето музика. Непотребното задржување на коловозот е редовна појава, особено од страна на повозрасните пешаци. Пешаците се најмасовна и најранлива група учесници во сообраќајот, а како таква, општиот впечаток што го оставаат е недостиг на чувство за нивното активно учество во сообраќајот и недостигна одговорност дека и за нив важат сообраќајните правила и прописи што задолжително треба да се почитуваат.

Покрај наведеното, анализите на РСБСП и статистиката покажуваат дека бројот на пешаци кои страдаат во сообраќајни незгоди случени токму на пешачки премин е многу голем. Имено, обврска на возачите е да се движат со особено внимание секогаш кога се приближуваат кон пешачки премин, да ја намалат брзината и да ги прoпуштат пешаците на пешачкиот премин, но тоа никако не значи дека пешаците имаат апсолутно право на првенство на минување. Напротив, пешакот е должен да ја помине улицата на пешачки премин откако ќе се увери дека тоа може да го направи без да го загрози безбедното одвивање на сообраќајот, односно откако ќе се увери дека возилата што се движат на коловозот се во можност навремено и безбедно да застанат. Непочитување на ова правило од страна на возачите и на пешаците е најголема причина за сообраќајни незгоди во кои страдаат пешаците.
Анализите, исто така, покажуваат дека пешаците се најмалку санкционирани и најмалку контролирани учесници во сообраќајот. Нивното однесување во сообраќајот е препуштено на личната одговорност, свест и совест, како и на сообраќајната култура на секој поединец кој како пешак учествува во сообраќајот.
Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата упатува апел до пешаците за нивно одговорно учество во сообраќајот и ги потсетува дека внимателното учество во сообраќајот не е грижа само на возачите, туку и на пешаците. Секој пешак има обврска да се грижи за својата безбедност и да дава личен придонес за непречено одвивање на сообраќајот.
РСБСП потсетува дека почитувањето на сообраќајните правила и прописи е обврска на секој учесник во сообраќајот, вклучително и на пешаците. Согласно со тоа, пешакот треба секогаш да се движи по тротоарот, да ја преминува улицата на пешачки премин, откако ќе се увери дека возилата што се движат по коловозот можат безбедно да застанат, да ги почитува црвеното и зеленото светло на пешачкиот семафор, да не се задржува непотребно на коловозот, да не застанува и да не се движи помеѓу двете коловозни ленти, секогаш да биде внимателен и фокусиран на сообраќајот итн.
Прв и најважен чекор кон поголема безбедност на пешаците во сообраќајот е будење на свеста и стекнување добри сообраќајни навики, почитување на сообраќајните правила и прописи, поголема сообраќајна култура и поголема меѓусебна толеранција меѓу пешаците и возачите.
Анализите на РСБСП покажуваат дека пешаците најчесто страдаат во сообраќајни незгоди во услови на намалена видливост (магла), во раните утрински и во доцните вечерни часови, на неосветлени коловози или на неосветлени пешачки премини, и токму затоа РСБСП укажува на потребата од користење рефлектирачко елече или други рефлектирачки додатоци од страна на пешаците.
РСБСП потсетува: златното правило што важи за поголема лична заштита и за поголема безбедност на секој пешак во сообраќајот, правило што постајано треба да се применува е: „Гледај! Види! Биди виден!“
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Заев и СДС беа главниот кадија во државата, тие судеа, тие пресудуваа, тие разрешуваа
„Во времето на Зоран Заев и СДС, Македонија беше држава на еден човек. Заев беше и обвинител и судија и главен кадија. Одлучуваше кој ќе биде гонет и кој ќе седи на судиската клупа“, кажа денеска на прес-конференција, Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Судиите и обвинителите не се бираа по закон и интегритет, туку по послушност. Доколку ги следевте насоките на Зоран Заев, останувавте на функција. Доколку покажевте непослушност, веќе следниот ден бевте разрешени. Судските случаи се кроеја по политичка мерка. Наместо правда, имавме политички пресметки, а наместо владеење на право, имавме владеење на страв“, истакна тој.
Членови на ВМРО-ДПМНЕ, вели Манасиевски, беа предмет на политички прогон, а притисокот не застануваше само на нив, се одеше и кон нивните семејства.
„Тоа не беше борба за правда, туку демонстрација на сила. Случајот со Мерцедесот и Гордана Јанкуловска е само еден од симболите на тој систем. Поранешниот врховен судија Катевеновски јавно посочи дека таа немала никакво сторено кривично дело. Кога предметот стигнал до него, на рочиште зад затворени врати јасно кажал дека нема да даде позитивно мислење за притвор и дека одлуката ќе ја координира заедно со неговите колеги. Но, разговорот со колегите никогаш не се случил. Утредента, на седница на Судски совет, која била свикана по насока на тогашната власт, судијата Катевеновски бил разрешен. Разрешен бил поради тоа што не постапил по политичка директива. Тоа е вистинското лице на Зоран Заев и на СДС. Ветуваа вистина и правда, а испорачаа селективност, криминал и корупција. Оние кои зборуваа за независно судство, создадоа зависно правосудство“, рече тој.
Според Манасиевски, денес, клопчето се одмотува.
„Сведоштвата стануваат сè погласни. Индициите и сомнежите за директна поврзаност помеѓу СДС, Заев и одредени одлуки во правосудството не смеат да останат без одговор. ЈО има обврска да постапи. Затоа што вистината, колку и да се прикривала, секогаш излегува на површина“, заклучи Манасиевски.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: СДС и ДУИ наложувале, а Судски совет експресно, за само еден ден, разрешувале судии неподобни за тогашната власт, како Катевеновски од Врховен
„Власта на СДС целосно го зароби судството и го стави под своја контрола. Со притисоци и уцени се морало да биде по нејзин терк“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„По насока на СДС и Зоран Заев се бирале подобни и послушни судии и обвинители, и по нивна насока, експресно, за еден ден се реазрешувале непристрасни судии и професионалци кои не беа под нивна контрола.
Таков е и примерот на поранешниот судија во Врховниот суд, Ристо Катевеновски кој тоа отворено, пред целата македонска јавност, го кажува.
Во свое телевизиско гостување, Катевеновски тврди дека бил разрешен поради тоа што не дал позитивно мислење за судски случај по барање на тогашната власт и коалициски партнери СДС и ДУИ.
Станува збор за судско рочиште на кое поранешниот судија истакнал дека нема да даде позитивно мислење во случајот поврзан со поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска и дека за тоа ќе биде потребно да се разговара со неговите колеги за понатамошно дејствие.
После само еден ден од оваа негова изјава Судски совет свикал итна седница на која експресно бил разрешен иако, како што вели Катевеновски, изјавата била дадена зад затворени врати.
Тој посочува дека неговото разрешување не било случајно, туку истото дошло од тогашните власти СДС и ДУИ, односно Зоран Заев и Али Ахмети.
Тоа што во изминатите години го зборуваме, дека СДС и ДУИ под своја целосна контрола го ставиле судството и обвинителството и дека судиите и обвинителите ги бирале во партиските седишта во Струмица и Зајас, веќе се потврдува со јавни сведоштва.
СДС и ДУИ, на чело со Заев и Ахмети одлучувале кој ќе се апси, а кој ќе се апстрахира од одговорност од одреден случај.
Овој случај уште еднаш покажува дека СДС и ДУИ си ја партизираа државата и ги заробија институциите.
Тоа време веќе заврши и за тоа е потребна одговорност“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
СДСМ: Власта да покаже конструктивност заради работниците, да го поддржи Законот за 600 евра плата
Додека граѓаните едвај врзуваат крај со крај, додека цените растат, синдикалната кошничка надминува 67.000 денари, власта продолжува да се луксузира со авион, мебел, нови возила, кабинети и удобност за функционерите, велат од СДСМ.
„Ова е срамно и безобразно. Работниците се приморани да протестираат на улиците за поголеми плати, за достоинствен живот. Бараат минимална плата од 600 евра за да можат да ги прехранат своите семејства и да платат сметки. Законот на СДСМ за 600 евра минимална плата е на дневен ред во Собранието. Еве шанса власта да биде конструктивна, заради работниците. Дадовме предлог со конкретно решение, поддржете го. Пари има. Со ребаланс на буџетот, наместо авион, наместо мебел, нови коли, луксузни кабинети, патувања, репрезентации, тендери може да се пренаменат за 600 евра минимална плата. Доста е луксуз на власта, време е парите да се насочат кон работниците“, стои во соопштението на СДСМ.

