Македонија
РСБСП со апел: Возачи, внимавајте на тракторите во сообраќајот
Во овие есенски денови, кога обработката на земјоделските површини е во најголем замав и кога е актуелна бербата на грозјето, пченката, жетвата на оризот, итн. бројот на земјоделски возила – трактори, мотокултиватори и други мобилни машини, кои учествуваат во сообраќајот, значително се зголемува. Ова претставува дополнителна и сериозна опасност во патниот сообраќај.
Сообраќајните незгоди во кои учествуваат земјоделски возила најчесто завршуваат со загуба на животи, тешки телесни повреди и огромни материјални штети. Ова е нешто што сите би сакале да го избегнеме, предупредува Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.
За жал, статистичките податоци покажуваат дека секоја година по неколку возачи на трактор и патници на трактор или приколка го губат животот во сообраќајни незгоди. Во првите 6 месеци во 2020 година 1 возач на трактор го загуби животот во сообраќајна незгода, а 12 се повредени. Во летните месеци, според неофицијалните податоци на РСБСП, уште двајца возачи на трактор го загубија животот во сообраќајни незгоди. Меѓутоа, не страдаат само возачите на трактори, тука се и патниците, т.е. лицата што се превезуваат на трактор или приколка, а и другите учесници во сообраќајот, кои страдаат во сообраќајни незгоди, во кои едно од возилата учесници во незгодата е трактор или приколка.
Во согласност со наведеното, не е мал бројот на лица што страдаат во сообраќајни незгоди во кои учествуваат трактори, мотокултиватори и други мобилни машини. За таа цел, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата со апел до сите учесници во сообраќајот да бидат свесни и претпазливи за оваа опасност во сообраќајот. РСБСП особено апелира да возачите на трактори и мотокултуиватори да бидат внимателни и одговорни во сообраќајот, да ги почитуваат правилата и прописите во сообраќајот, да управуваат технички исправни возила и да бидат соодветно осветлени во ноќни услови и во услови на намалена видливост.
Покрај тоа, РСБСП со совети и за возачите на другите моторни возила да внимаваат на тракторите и другите мобилни машини во сообраќајот, и тоа:
• Бидете внимателни во ноќни услови и во услови на насмалена видливост бидејки, за жал, често се случува трактори и други мобилни машини да не бидат соодветно осветлени.
• Намалете ја брзината, особено на локални и регионални патишта, на кои често во сообраќај учествуваат трактори и други мобилни машини. Особено внимавајте на остри кривини, мостови и други места, каде што има слаба видливост бидејки тракторите се движат со помала брзина. Поради побрзо возење, може да се доведете во состојба да не можете безбедно да го запрете вашето возило ниту, пак, безбедно да престигнете.
• Бидете внимателни и стрпливи при престигнувањето. Доколку се најдете зад трактор, мотокултиватор или друга земјоделска машина, бидете трпеливи и имајте предвид дека тие најчесто имаат релативно кратки релации на патување, најчесто од 5 до 10 километри и бргу ќе се исклучат од сообраќај. Земјоделците се свесни за застојотјшто го предизвикуваат во сообраќајот и доколку тоа е можно, ќе ви остават доволен простор безбедно да ги престигнете, но тие не треба да бидат престигнувани на места и во услови каде што коловозот не го дозволува тоа.
• Внимавајте на приколките и другата приклучна механизација. За жал, приколките и другата приклучна механизација на тракторите, мотокултиваторите и другите мобилни машини (прскали, плугови, цистерни, култиватори и др.) честопати не се соодветно означени или на се соодветно и безбедно прикачени за возилото или излегуваат надвор од дозволениот простор во должина или ширина. Секогаш кога ќе забележете трактор или мотокултиватор во сообраќајот, намалете ја брзината и пристапете и продолжете со дополнително внимание и концентрација.
• Внимавајте на товарот. Несоодветно обезбеден товар и товар што излегува надвор од дозволениот габарит или надвор од пропишаната и дозволената маса може да биде опасен како за возачите на трактори и мотокултиватори така и за другите возачи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Левица: Ќе поднесеме предлог – закон за департизација и искоренување на непотизмот во јавното здравство
Пратеничката група на Левица до Собранието на Република Македонија ќе поднесе Предлог-закон за укинување на дискреционото право на директорите во јавното здравство при вработување, со кој се воведува обврска за избор на најдобро рангираните кандидати на транспарентни конкурси со јасни, мерливи и проверливи критериуми, соопштија од партијата.
Од таму појаснуваат дека со Предлог-законот се прави неопходен и одлучен чекор кон дефинитивно укинување на децениските практики на непотизам, партизација и клиентелизам, преку елиминирање на дискреционите овластувања и воведување задолжително почитување на ранг – листите и објективните критериуми при вработување.
„Јавното здравство со децении е оптоварено со системски непотизам, партизација и клиентелизам, каде што роднинските врски и партиската подобност се вреднуваат повеќе од стручноста, знаењето и професионалниот интегритет. Дискреционото право на директорите се претвори во институционализиран механизам за репродукција на привилегии, со што јавното здравство функционира како затворен систем на наследни и партиски вработувања. Како директна последица на ваквите политики, најквалитетните и највисоко рангираните здравствени работници се системски оттурнати од јавното здравство и принудени својата професионална кариера да ја продолжат во приватните здравствени установи во државата, каде што нивното знаење станува пазарна стока или во здравствените системи во странство, каде што државата практично го извезува сопствениот образуван кадар од државните универзитети“, велат од партијата.
Овој двоен одлив, кон приватниот сектор и кон странство, додаваат од Левица, претставува тежок удар врз јавното здравство.
Според Левица, државата инвестира во образование и обука на здравствени работници, а придобивките од таа инвестиција ги собираат приватните профитни структури, други држави или промена на професијата. Истовремено, велат од Левица, Фондот за здравствено осигурување сноси дополнителни трошоци за лекување во приватни установи и во странство, додека пациентите продаваат дел од својот имот да се лекуваат во приватни клиники или други држави.
„Јавното здравство мора да биде систем на знаење, одговорност и еднакви шанси, а не поле за семејни и партиски привилегии. Левица ги повикува сите пратеници во Собранието да го поддржат овој Предлог-закон и да застанат на страната на јавниот интерес, здравствените работници и пациентите. Поддршката на овој закон е јасен показател дали се брани јавното здравство или се продолжува со заштита на непотизмот и клиентелизмот“, велат од Левица.
Македонија
Продлабочување на стратешкото партнерство со САД во фокусот на средбите на Гаши во Вашингтон
За време на работната посета на Вашингтон, претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со Даниел Џ. Лотон, заменик-помошник секретар во Бирото за европски и евроазиски прашања на Стејт департментот на САД.
„На оваа средба беше потврдено непоколебливото партнерство меѓу двете земји, изградено врз заеднички демократски вредности, посветеноста на владеењето на правото, борбата против корупцијата и посветеноста на меѓународниот мир и стабилност. Соговорниците разменија мислења за актуелните геополитички настани, безбедносните предизвици и конструктивната улога на Република Северна Македонија како фактор на стабилност во Западен Балкан“, соопштија од Собранието.
Гаши информирал за континуираните напори за полноправна интеграција во Европската унија и изразил благодарност за континуираната поддршка на САД во процесот на реформите.

Гаши на средбата беше придружуван од потпретседателите на Собранието, Антонијо Милошоски и Јован Митрески, како и од владината делегација, составена од министерот Стефан Андоновски, Златко Пирински и генералниот секретар на Владата, Игор Јанушев.
По средбите во Вашингтон, Гаши се сретна и со Филип Рикер, поранешен амбасадор на САД во Република Северна Македонија и докажан пријател на земјата, со кого разговарале за неодамнешните политички настани и продлабочувањето на стратешкото партнерство со Соединетите Американски Држави.
На средбите биле потврдени одличните билатерални односи и заедничката посветеност за продлабочување на трансатлантската соработка.
Македонија
СДСМ ги осуди заканите и навредите кон новинарот Видиновски: Институциите да реагираат
„СДСМ најостро ги осудува заканите и личните навреди кон новинарот Александар Видиновски, кон граѓаните и директорот на Канал 5 Телевизија од бугарски државјани“, велат од СДСМ.
„Говорот на омраза, заканите и навредите се недозволиви, претставуваат атак врз целата новинарска професија, слободата на говорот и слободата на информирање кои се европски вредности.
Ги повикуваме институциите да реагираат и да ги преземат сите мерки за санкционирање“, соопшти СДСМ.

