Македонија
РСБСП со кампања за подобрување на безбедноста на пешаците
Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП), во соработка со МВР и Факултетот за безбедност од Скопје, од денеска (1 април) почнуваат кампања за подобрување на безбедноста на најранливата категорија учесници во сообраќајот – пешаците со мотото „И јас и ти – сите сме пешаци! Безбедноста на прво место!“
Оваа кампања ќе се реализира неколку месеци, при што ќе бидат опфатени голем број македонски градови.
„Секој човек во разни ситуации избира некакво превозно средство за да стигне до посакуванaтa дестинација, но во одреден момент секој е пешак.
Пешаците се најмасовна и најранлива категорија учесници во сообраќајот, а истовремено и најмалку контролирана и најмалку санкционирана.
Има повеќе причини зошто пешаците страдаат во сообраќајни незгоди“, посочуваат од Републичкиот совет.
Според анализите на РСБСП, но и од светските искуства, најчести причини поради кои пешаците страдаат во сообраќајни незгоди се:
• непочитување на сообраќајните правила и прописи од нивна страна,
• поминување улица надвор од пешачки премин,
• претрчување преку улица,
• преминување на црвен пешачки семафор,
• движење во услови на намалена видливост (дожд и магла),
• преминување помеѓу две коловозни ленти,
• преминување помеѓу возила во движење,
• користење мобилен телефон или слушалки,
• непотребно и долго задржување на коловозот (особено карактеристично кај повозрасните пешаци),
• погрешна процена на брзината и растојанието на возилата што им доаѓаат во пресрет,
• движење во алкохолизирана состојба или под дејство на опојни средства,
• невнимателно движење на паркинзи и сл.
„Пешаците треба да имаат предвид дека и за нив важат сообраќајните правила и прописи, како и за сите други учесници во сообраќајот. Доколку тие не се почитуваат, може да дојде до сообраќајни незгоди со несакани последици и за возачите и за пешаците.
Пешаците најчесто страдаат во сообраќајни незгоди во услови на намалена видливост (магла), во раните утрински и во доцните вечерни часови, на неосветлени коловози или на неосветлени пешачки премини.
Зголемената брзина на движење на возилата ја зголемува веројатноста пешакот да биде удрен од автомобил, како и да претрпи посериозни повреди.
Пешаците најчесто се жртви во сообраќајни незгоди во урбани средини, на места каде што нема пешачки премини и на неосветлени места, односно ноќе“, се наведува во извештајот.
РСБСП препорачува пешаците да користат батерија или рефлектирачка облека (на пр. рефлектирачко елече или други рефлектирачки додатоци) кога се движат ноќе или во услови на намалена видливост, да преминуваат коловоз на означени пешачки премини, да ја почитуваат сообраќајната сигнализација и да го прифатат пешачењето како алтернативна форма на сообраќај.
РСБСП со потсетување и за возачите дека обврска на возачите е да ја намалат брзината и да бидат подготвени да застанат секогаш кога се приближуваат кон пешачки премин, да ги прoпуштат пешаците на пешачкиот премин, никогаш да не престигнуваат возило што застанало на пешачки премин, да бидат особено внимателни кога возат наназад во близина на пешаци, што никако не значи дека пешаците имаат апсолутно право на првенство на минување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Здружението на судии загрижено за изјавите за Управниот суд: со нив се врши притисок врз судиите и судиското одлучуваљње
Здружението на судии во врска со реакцијата на Управниот суд на РСМ, ја искажува својата загриженост за изјавите на поединци со кои, како што се истакнува во соопштението, директно или индиректно се врши притисок врз судиите и судиското постапување и одлучување.
Како што велат, припадноста кон одредена политичка партија и можноста за идно владеење односно учество во извршната власт, не смее да се користи за коментирање, заканување или влијание врз судиското одлучување.
Оценуваат дека таквите изјави се штетни пред се за политичките субјекти кои ги пласираат во јавноста, а истовремено може да се разберат и како обид да се поткопа непристрасноста и интегритетот на судиите.
„Во однос на неоснованите обвинувања кои беа упатени на адреса на Претседателот на Управниот суд на РСМ, како Здружение на судии даваме целосна поддршка на колегите од именуваниот суд и напоменуваме дека секој избран судија е независен во своето одлучување и таа независност му е Уставно загарантирана. Па во тој правец и при најмал сомнеж за евентуален обид за притисок или влијание врз неговата работа, без разлика од кого доаѓа, е должен да ги извести надлежните судиски инстанци. Воедно, сите останати општествени чинители, а особено претставниците на политичките партии се должни да ја почитуваат загарантираната судиска независност што е во духот и на демократскиот развој и Европскиот просперитет на земјата“, потенцираат од ова здружение.
Македонија
Одбиена тужбата на „Европскиот фронт“ за избирачкото место во Долнени
Управниот суд ја одби како неоснована тужбата од Коалицијата „Европски фронт“ на решението на Државната изборна комисија (ДИК) за прифаќање на приговорот од Коалицијата „Твоја Македонија” за избирачкото место 1470 во Долнени на Парламентарните избори 2024.
„Европскиот фронт“ поднесе седум тужби против решенија на ДИК на Парламентарните избори 2024.
Досега Управниот суд ja одби како неоснована и тужбата за избирачкото место 1194, во Општина Крушево.
Македонија
Мицотакис со предупредување: Ако некои веруваат дека можат да го игнорираат Договорот, треба да разберат дека нивниот пат кон Европа ќе остане затворен
Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис уште еднаш ја предупредува Македонија дека прекршувањето на Договорот од Преспа, со кој се реши долгогодишниот спор за името меѓу двата соседа, ќе ги загрози амбициите на балканската земја за членство во ЕУ, пишува грчки „Катимерини“
Говорејќи од градот Верија во северна Грција за време на неговата кампања пред изборите за Европскиот парламент во јуни, Мицотакис изјави дека трите меморандуми за разбирање поврзани со договорот од 2018 година нема да бидат ратификувани од Парламентот се додека новото раководство во Скопје продолжи со прекршување на договорот.
„Ако некои веруваат дека можат да го игнорираат договорот, треба да разберат дека нивниот пат кон Европа ќе остане затворен, а меморандумите нема да бидат ратификувани освен ако не се почитува она што го предвидува договорот“, рече тој.