Македонија
Рудникот „Саса“ инвестира во нов систем за рано предупредување од елементарни непогоди
Директорот за Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов и генералниот директор на Рудник Саса, Кристофер Колбурн го потпишаа документот кој ги утврдува процедурите за соработка, координација и комуникација помеѓу оваа институција и рудникот. Со ова, новиот систем за рано предупредување на Рудник Саса и официјално стана дел од националниот систем за тревожење.
Покрај останатите технички елементи, новиот систем за рано предупредување на Саса вклучува и звучни уреди (сирени) поставени на неколку стратешки локации утврдени со експертска студија. Неговата примарна цел е преку звучни сигнали навремено да ги извести сите, вклучувајќи ги и жителите на населбите во близина на рудникот, како и оние кои живеат по течението на Каменичка река и во градот Македонска Каменица, за потенцијални опасности предизвикани од различни причини и природни непогоди кои можат да го загрозат живот и здравјето на луѓето и материјалните добра. Заради контрола на исправноста на системот предвидено е повремено вклучување на сирените, што ќе се врши согласно утврдените протоколи и во координација со ЦУК. За терминот и времетраењето на ваквите проверки жителите на општината Македонска Каменица ќе бидат навремено известени преку медиумите и други начини за информирање.
„Сведоци сме дека рудникот Саса во изминатиот период вложил многу во современа опрема и во имплементација на најдобри индустриски стандарди и практики наменети за намалување на ризиците од инциденти и кризни ситуации кои можат да го загрозат животот, здравјето и безбедноста на вработените, како и на населението во околината на рудникот. Новиот систем за рано предупредување на Саса, кој од денеска и официјално станува дел од националниот систем за тревожење, секако е дел од ваквите напори на компанијата, кои се за поздравување и претставуваат добар пример што треба да го следат и другите компании и институции во земјата“, изјави директорот на ЦУК Стојанче Ангелов, при посетата на контролниот центар за далечинско управување со системот во Саса.
Градоначалникот на Македонска Каменица, Димчо Атанасовски го поздрави поставувањето на новиот систем, истакнувајќи ја неговата превентивна улога за поголема безбедност на целокупната локална заедница. „Горди сме на тоа што нашата општина е прва во нашата земја која има функционален систем за рано предупредување од елементарни непогоди. Заедно со противпожарната кула која неодамна беше направена и ставена во функција, овој систем ќе овозможи рано откривање на потенцијалните ризици по безбедноста на луѓето и материјалните добра, што во голем број случи е пресудно при справувањето со кризни ситуации предизвикани од различни елементарни непогоди“, истакна Атанасовски.
Инсталирањето на овој систем во Саса се одвиваше паралелно со имплементација на Глобалниот индустриски стандард за управување со јаловишта (GISTM), креиран од страна на Меѓународниот совет за рударство и метали и Програмата за животна средина на Обединетите Нации, со крајна цел – нула штета за луѓето и животната средина.
„Овој современ систем за рано предупредување е само една од многуте активности и проекти во кои инвестиравме за да обезбедиме највисоко ниво на безбедност, што е приоритет број еден во Саса. Токму грижата за луѓето, за нивната безбедност и благосостојба, заедно со заштитата на животната средина и просперитетот на локалната заедница, претставуваат основа за нашиот одржлив развој. Затоа ние во Саса, благодарение на поддршката од групацијата ЦАМЛ каде припаѓаме, и понатаму ќе продолжиме со реализација на ваков вид иницијативи, доследно почитувајќи ги националните регулативи и глобалните индустриски стандарди и принципи на одговорно рударство“, истакна генералниот директор на Рудник Саса, Кристофер Колбурн.
Од вклучувањето кон групацијата Централ Азија Металс (ЦАМЛ) во ноември 2017 година, рудникот Саса инвестираше над 80 милиони долари во современа рударска опрема, дигитализација на техничките процеси, реализација на капитални проекти, подобрување на безбедноста, подигнување на стандардите и условите за работа во рудникот, како и во професионалниот развој на вработените, потврдувајќи ја со тоа својата посветеност на одржливото рударство, соопштија надлежните.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДОМ: Поддршка за повисоки плати, но со одговорен и одржлив економски пристап
Демократска обнова на Македонија (ДОМ) ја препознава реалната состојба на ниски плати и растечка сиромаштија со која се соочуваат голем број граѓани и ја поддржува потребата од отворање сериозна јавна и институционална дебата за подобрување на животниот стандард на работниците.
Од партијата соопштија дека даваат поддршка на денешните протести и на заложбите на синдикатите за подостоинствен живот за сите работници.
Истовремено, ДОМ оценува дека прашањето за зголемување на минималната плата, вклучително и предлогот таа да изнесува 600 евра, е комплексно и треба да се базира на пресметки кои ја одразуваат состојбата на сите засегнати страни. Според партијата, потребно е внимателно да се согледаат реалните економски ефекти, можниот притисок врз работодавачите, особено малите и средни претпријатија, како и ризикот од дополнително подгревање на инфлацијата.
Во соопштението се наведува дека ова прашање ги отвора и пошироките структурни предизвици на пазарот на труд, како што се различните модели на формално пријавување со минимални примања, неусогласеноста меѓу реалната економска активност и официјално прикажаните приходи, како и други појави кои го прават системот нефункционален и социјално неправеден.
ДОМ нагласува дека ниските плати и сиромаштијата се сериозен проблем, но решенијата мора да бидат внимателно осмислени за да не се создадат дополнителни економски ризици и несигурност – и за работниците и за работодавачите.
Од партијата порачуваат дека е потребно реално, системско и социјално праведно решение, засновано на дијалог меѓу синдикатите, работодавачите и институциите, оценувајќи дека станува збор за надпартиско прашање кое не смее да биде предмет на дневно-политички препукувања, туку заедничка одговорност за обезбедување одржлив и достоинствен животен стандард за граѓаните.
Македонија
Ако не се реши проблемот со превозниците, ќе трпи цела Европа, порача Николоски од Загреб
Заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски порача дека доколку не се изнајде решение за проблемот со превозниците и електронската евиденција за престој и работа во шенген-зоната, тоа ќе претставува сериозен удар не само за македонската и регионалната економија, туку и за економијата во цела Европа.
Николоски денеска во рамки на работната посета на Загреб оствари средба со Лука Буриловиќ, претседател на Стопанската комора на Хрватска, на која беше потенцирана клучната улога на транспортниот сектор во развојот на регионалната економија и негативните последици што би ги имале ограничувањата во работењето на превозниците од земјите од Западен Балкан.
Според Николоски, ваквата состојба претставува сериозна закана за економската стабилност и развој доколку не се изнајде соодветно решение во рамки на Европската Унија, со што професионалните возачи нема да се третираат како туристи или мигранти, туку како професионалци кои ја извршуваат својата работа.
На средбата беше разговарано и за унапредување на економската соработка и зголемување на трговската размена меѓу двете земји. Николоски изрази надеж дека размената ќе продолжи да расте и дека во иднина може да достигне и до една милијарда евра.
Претседателот на Стопанската комора на Хрватска, Буриловиќ, оцени дека економската соработка меѓу двете држави е добра и оти постои голем потенцијал за нејзино унапредување, особено преку директна соработка меѓу компаниите, како и преку развој на инфраструктурата, вклучително и железничката.
Македонија
Ѓорѓиевски објави видео: Скопското Кале целосно исчистено и уредено
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, објави видео на своите официјални профили на социјалните мрежи, со порака дека скопското Кале е целосно исчистено и уредено.
Преку својата изјава, градоначалникот Ѓорѓиевски истакнува дека грижата за културното наследство и јавните простори останува еден од приоритетите на Град Скопје.
Тој потенцира дека Скопското Кале, како симбол и гордост на градот, заслужува континуирано внимание, одржување и заштита, со цел да се зачува неговата историска вредност и да се обезбеди пријатна и безбедна средина за сите посетители.
Од Град Скопје велат дека и во иднина ќе продолжат со активности насочени кон унапредување, одржување и промоција на културно-историските знаменитости во главниот град.

