Македонија
Рудник во Иловица нема да има, Владата го одби „Еуромакс рисорсис“
Компанијата „Еуромакс рисорсис“ не ги исполнила законските услови за вршење експлоатација на рудник во Иловица и Владата го одби барањето за издавање дозвола. Со ова завршува двегодишната битка на активистите и жителите од Струмичкиот Регион кои секојдневно го блокираа патот кон местото каде што требаше да биде отворен рудникот за бакар и злато Иловица-Штука и посочуваа на низата нерегуларности од страна на концесионерот и опасноста по животната средина.
„Министерството за економија на денешната седница на Владата на Република Северна Македонија информираше дека се исполнети законските услови за донесување решение за одбивање на барањето за издавање дозвола за експлоатација на минерална суровина бакар и злато на локалитетот Иловица“, општина Босилово на „Еуромакс Ресоурцес ДОО Скопје“, информираат од Владата.
Во информацијата којашто денеска пред Владата ја презентираше Министерството за економија, утврдено е дека компанијата не ги доставила сите потребни документи што се бараат согласно Законот за минерални суровини за добивање дозвола за експлоатација.
По истекот на задолжителниот рок за жалба од 15 дена, Владата ќе може да донесе и конечна одлука за едностран раскин на договорот за концесија со „Еуромакс рисорсис“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Телевизиите без прекршувања во вториот круг од кампањата – објавен извештајот на АВМУ
Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги изработи Извештај од изборното медиумско претставување и Извештај за платеното политичко рекламирање на радиодифузерите за време на вториот круг од изборната кампања за Локалните избори, од 20 до 31 октомври 2025 година.
Примерокот за мониторингот на изборното медиумско претставување и овој пат ги опфати трите програмски сервиси на Јавниот радиодифузен сервис: МРТ 1, МРТ 2 и Собранискиот канал, како и 8 комерцијални национални телевизии: Сител, Алфа, Канал 5, Телма, Алсат-М, Компани 21-М, Шења и 24 Вести. За другите програмски сервиси се постапуваше врз основа на претставки.
За време на изборната кампања и за време на изборниот молк во вториот круг од Локалните избори не беа констатирани прекршувања на Изборниот законик од страна на радиодифузерите. Наодите покажаа дека телевизиите вложија напори да обезбедат подробна информираност на гледачите како потенцијални гласачи за изборната кампања, а преку вестите и преку посебните информативни емисии, се обидоа да ја претстават и пошироката, пообјективна слика за постојниот општествено-политички амбиент во кој се одвиваше изборната кампања.
При медиумското покривање на изборната кампања, медиумите генерално, се придржуваа до професионалните правила за правичност, избалансираност и непристрасност, со почитување на начелото за еднаквост кон преостанатите кандидати за градоначалници. Во однос на обезбедување баланс во дневноинформативните емисии, сите анализирани медиуми, генерално известуваа неутрално за учесниците во изборната кампања. Јавниот радиодифузен сервис и националните телевизии што емитуваа платено политичко рекламирање, ја исполнија законската обврска да информираат на начин прилагоден за лицата со сетилна попреченост преку – едно издание на вестите секој ден и едно издание на актуелно- информативна емисија неделно.
Извештајот за платеното политичко рекламирање на радиодифузерите за време на вториот круг од изборната кампања за Локалните избори, беше изработен согласно обврската на Агенцијата од Изборниот законик и истиот е доставен до Државната изборна комисија.
Вкупно 41 радиодифузер – 22 телевизии и 19 радија, склучија договори со учесниците во изборната кампања. На сите 22 телевизии заедно беа емитувани вкупно 52 часа 56 минути и 15 секунди ППР, а на 19-те радија заедно беа емитувани вкупно 47 часа 34 минути и 31 секунда платено политичко рекламирање. Во вториот круг од изборната кампања на телевизиите и радијата беа емитувани вкупно 100 часа 30 минути и 46 секунди ППР.
Од 9-те национални телевизии што склучија договори за емитување ППР во вториот круг од кампањата, најголем обем рекламно време емитуваа Канал 5 (4 часа 53 минути и 36 секунди), Алсат-М (4 часа 43 минути и 19 секунди) и Алфа (4 часа 42 минути и 17 секунди). Од вкупно четири национални радија, три склучија договори за емитување ППР, а најмногу рекламно време емитуваа Антена 5 (5 часа 29 минути и 47 секунди) и Канал 77 (2 часа 51 минута и 26 секунди). Радио Метрополис емитуваше 53 минути и 5 секунди, а Јон радио не емитуваше ППР во вториот круг.
Извештајот од изборното медиумско претставување на радиодифузерите за вториот круг од изборната кампања за Локалните избори 2025 е достапен на линкот.
Македонија
Одрони, зголемен водостој на реките, расчистување на наноси: поради обилните дождови интервенирано на повеќе локации во државата, соопшти ЦУК
Во изминатото деноноќие, поради обилните врнежи, екипите на Регионалните центри за управување со кризи интервенирале на повеќе критични локации низ државата, информираат од Центарот за управување со кризи.
На подрачјето на Битола биле ангажирани екипи и механизација на јавните претпријатија и водостопанските компании за расчистување наноси и зајакнување насипи на повеќе делови од речните корита.
„Поради ерозијата на патот кон Пелистер и кај с. Цапари, предложено е привремено затворање на стариот пат Р-106 и пренасочување на сообраќајот по патот А-3.
Во Охрид и Кичево водостоите се зголемени, но нема излевања. Најризичен е делот кај ул. Прилепска во Кичево, каде е побарана општинска интервенција. Во Охрид се интервенира по пријавено поплавување на подруми во населбата Железничка, предизвикано од диво ископани канали.
Во Куманово, реката Пчиња накратко излезе од коритото кај Пелинце – Стрновац, без нанесена штета. Мостовите во Коинце и Пелинце се расчистуваат од насобрани дрва и отпад, без констатирана опасност по нивната стабилност.
На регионалниот пат Македонски Брод – Скопје преку НП „Јасен“ беше регистриран голем одрон, поради кој сообраќајот беше во прекин. Патот е расчистен по една лента, а во тек се активности за целосно обезбедување на трасата“, соопшти ЦУК.
Македонија
(Видео) Николоски: Автопатот Прилеп – Битола го градиме со силна динамика
Автопатот Прилеп – Битола се гради со силна динамика и до 2028 година ќе го изградиме, напиша вицепремиерот Александар Николоски на својот фејсбук профил и објави видео од изградбата.
„Силен прогрес во изградбата на автопатот Прилеп – Битола. Продолжуваме по планот, автопат од Прилеп до Битола до 2028 година“, објави вицепремиерот Николоски.

