Македонија
Сакате да протнете докази на нечесен начин, ѝ рече судијката на адвокатката на Груевски
На продолжението на судското рочиште за предметот „Тенк“, судијката Добрила Кацарска ја предупреди адвокатката на експремиерот Никола Груевски, Сања Алексиќ, дека сака на нечесен начин да протне докази.
„Читајте ги само оние докази за кои имате одобрение“, ѝ рече судијката на адвокатката на Груевски. Кацарска додаде дека Алексиќ во оваа фаза не смее да изведува докази што претходно не биле одобрени од судот, а за тоа се нема произнесено јавниот обвинител. „Кога тие докази ќе бидат изведени, може да предлагате нови докази“, ѝ рече судијката на адвокатката Алексиќ.
Судењето се одвива со многу паузи. По последната, судот им го одби барањето на адвокатите на Груевски да не се изведуваат дополнителни докази на СЈО, односно имејл-комуникацијата меѓу „Макаутостар“ и „Мерцедес“. Нови дополнети докази предложија и адвокатите на Груевски.
Во кривичниот суд денеска се одржува ново рочиште за предметот „Тенк“ на специјалното јавно обвинителство, кој се однесува за набавката на луксузниот „мерцедес“ од 600 илјади евра. На претходните рочишта сведочеа осум сведоци предложени од одбраната, кои посочија дека набавката на новиот „мерцедес“ била неопходна бидејќи старото возило често останувало дефект и не било безбедно за превоз на важни личности. Во случајот „Тенк“ обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешната министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, и поранешниот помошник-министер во МВР, Ѓоко Поповски. Судот донесе одлука да ја раздвои постапката за Јанкулоска поради тоа што имала ризична бременост.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Центар и Чаир денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска имаат планирани два зафати во водоводната мрежа и тоа:
· поради уличен дефект на ул.Адам Мицкиевиќ бб (пред ОУ „Киро Глигоров“), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Адам Мицкиевиќ-вклучително и основното училиште, дел од Козара и дел од Васил Ѓорѓов, општина Центар. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
· поради уличен дефект ф-225м на ул.Отокар Кершовани бб , прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Отокар Кершовани,вклучително Амбуланта „Бит Пазар“, Петре Георгиев и Чаирска, општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец. Попладне и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни во југоисточните делови. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 7, а максималната ќе достигне од 7 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со умерен, повремено засилен ветер од југоисточен правец. Кон крајот на денот, а особено во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Времето во наредните денови
Од денеска следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд со променлив интензитет. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во текот на денешниот ден засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.

