Македонија
Саливан: САД ќе ѝ помогнат на Владата да се спротивстави на штетното влијание на Русија
Нема да биде изненадување за никого овде ако кажам дека Русија се спротивставува на патот што Македонија го има избрано и ќе ги примени сите расположливи средства за да го поткопа тоа. Ова го гледаме и во други делови од Европа, ова го видовме за време на изборите во САД во 2016, изјави заменик-државниот секретар на САД, Џон Саливан, на заедничката прес-конференција со премиерот Зоран Заев во Владата.
„Значи, не сме изненадени, но уште еднаш сакам да нагласам дека САД се тие што ја поддржуваат Македонија, ја поддржуваат нејзината храбра Влада и луѓето во Македонија, а ќе им помогнеме и на другите што се обединети во поддршката кон оваа Влада да се спротивстави и да го разоткрива штетното влијание на Русија во Македонија, во другите делови од регионот и Европа и секаде каде што се обидуваат да ги поткопаат легитимните демократски процеси на владите што прават одлуки во интерес на своите граѓани така како што прави Македонија. Ќе ги поддржуваме тие влади и ќе правиме сè што е во наша можност да се спротивставиме на тоа штетно влијание и да го изнесуваме на виделина“, рече Саливан на новинарско прашање дали има руско влијаение во непријателската реторика кон Македонија, како што напредува процесот за спроведување на преспанската спогодба, со оглед на тоа што Русија отворено ѝ се спротивстави.
Саливан рече дека се гордее што во името на САД е во Македонија како поддршка на она што Владата на Македонија и граѓаните на Македонија го посакуваат, а тоа е прием во НАТО и ЕУ.
„САД ја поддржуваат оваа Влада и нејзините напори да го остварат тоа вклучувајќи ја и спогодбата од Преспа. Јас со гордост го поддржувам тоа, САД со гордост го поддржуваат тоа. Ние го поддржуваме тоа, не потпалуваме ништо. Овие одлуки беа донесени под храброто лидерство на овој премиер. Не е тајна дека Владата на Русија се спротивставува на членството на Македонија во НАТО и може слободно да се каже дека Русија ќе направи сè што е во нејзин сопствен интерес за да го поткопа она што Владата и граѓаните на Македонија го утврдиле како најдобар интерес за оваа земја. Меѓутоа, САД ја поддржуваат Македонија“, рече Саливан.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Посебен режим на сообраќај во Скопје за празникот Водици
На 19.01.2026 (понеделник) Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе воведе посебен режим на сообраќај за одредени сообраќајници во Скопје.
Во центарот на Скопје за сообраќај ќе биде затворена ул. „Филип Втори Македонски“ на потегот од крстосницата со бул. „Гоце Делчев“ до крстосницата со ул. „11 Октомври“ во двете насоки.
Во општина Ѓорче Петров за сообраќај ќе бидат затворени сообраќајницата од црквата „Свети Петар и Павле“, бул.„Партизански Одреди“ до ул.„Ѓорче Петров“, ул.„Ѓорче Петров“ до ул.„Васил Чакаларов“, како и од црквата „Свети Пантелејмон“, ул.„Козле“, дел од ул.„Васил Чакаларов“ до Железничкиот мост на реката Вардар. Во општина Аеродром за сообраќај ќе биде затворен локалниот пат кон Горно и Долно Лисиче.
СВР Скопје апелира со сите учесници во сообраќајот да ги прочитуваат наредбите кои ќе ги даваат униформираните полициски службеници.
Македонија
Утре локални врнежи од дожд, на планините снег
Утре на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места и на планините од снег. По одредени котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 6 степени, информира УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со слаби локални врнежи од дожд и појава на магла. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 5 степени.
За време на викендот на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места од снег.
Во поденелник и вторник има преодно стабилизирање на времето, а од среда повторно ќе има врнежи претежно од снег. Од утре до крајот на неделата има услови за појава на магла по одредени котлини. Дневната температура ќе има тенденција на опаѓање.
Македонија
Министерството за здравство ги кани на соработка нашите лекари кои работат во странство
Министерството за здравство информира дека на веб-страницата на МЗ од денес е активиран електронски модул на кој лекарите кои моментално работат или специјализираат во странство може да изразат интерес за соработка со нашиот здравствен систем.
-Во рамки на нашите заложби за дигитализација во здравството, овој електронски модул претставува директен канал за стручна соработка со дијаспората, со цел полесно мапирање профили и експертизи кои може да придонесат во нашиот здравствен систем. Меѓусебната соработка со овие лекари е предвидено да опфати обуки, едукации, менторство, консултации или проектна поддршка, како и други стручни ангажмани. Во оваа прилика ги повикувам да се пријават нашите лекари кои работат во странски медицински центри, лекари кои се на специјализација или супспецијализација во странство, или лекари кои се ангажирани во странски академски и научно-истражувачки установи, потенцира министерот за здравство, Азир Алиу.
Пријавувањето се врши исклучиво преку електронскиот модул на веб-страницата на Министерството за здравство, по што Министерството ќе ги контактира лекарите за конкретна соработка што одговара на нивниот профил.
Во електронскиот модул насловен „Лекари од дијаспората“ предвидено е лекарите да пополнат повеќе лични и професионални податоци, детали за клучните области на експертиза, лиценци, сертификати, листа на публикации, како и сегменти на соработка за кои изразуваат интерес.

