Македонија
Сали од Тирана: Алармантно е влијанието на Ковид-19 врз менталното здравје кај адолесцентите

Министерот за здравство, Беким Сали, учествуваше на форумот посветен на здравјето и добросостојбата на младите од земјите од Западен Балкан, што се одржа во Тирана, Албанија, во организација на Регионалната канцеларија на СЗО за Европа и претставништвото на УНФПА, како и младинските организации од државата.
„Пандемијата со Ковид-19 ни покажа дека младите се наши партнери во заштита на здравјето, а меѓу главните теми на кои е неопходно заеднички да се фокусираме е ангажираноста на младите лица и носителите на одлуки за прашања од областа на здравјето, пристапот до здравствени услуги, репродуктивно и сексуално здравје, социјалните нееднаквости, со посебен акцент на грижата за менталното здравје. Студиите покажуваат дека е алармантно влијанието на Ковид-19 врз менталното здравје кај адолесцентите и кај 30 отсто од нив се забележани од умерени до сериозни симптоми на депресија. Младинските организации имаат значајна улога во обезбедување поддршка и совети за ментално здравје меѓу младата популација, истакна Сали во своето обраќање на форумот.
На маргините на Форумот, тој оствари билатерална средба со албанската министерка за здравство и социјална политика, Огерта Манастирлиу.
На средбата се потенцираше потребата од измени на Спогодбата меѓу државите во областа на медицинските науки и тоа во делот на дигитализацијата, фармацијата, размена на искуства меѓу лекарите и соработка на коморите од двете држави.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
СДСМ објави документ: Трипуновски ги пушти низ вода лозарите, Владата ќе им дава 2 денари само на винариите

„И денес Трипуновски не собра храброст јавно да ја каже производната цена на двете најзастапени вински сорти ‘Вранец’ и ‘Смедеревка’ и пак продолжи да ги лаже земјоделците дека во договор со винарниците е постигната историски највисока цена“, велат од СДСМ.
„Пред три недели Владата далеку од очите на јавноста донела мерка на винарниците им исплати по два денари по литар произведено вино, од откупени количини на грозје од реколта 2024 година. Ама не и на лозарите.
Ова покажува дека Владата на ВМРО ДПМНЕ ги пушти низ вода лозарите. Од минатата 2024 година цената на грозјето е зголемена само за пола денар, што е срамно ништо да не добијат лозарите а на винарниците власта им дава два денари за литар произведено вино од реколта 2024 година, без јавно да го соопшти тоа.
Минатата година, за прв пат, лозарите останаа и без субвенции по килограм предадено грозје. Ќе се повтори ли и оваа неправда пак?
Ова е уште еден доказ дека Владата на ВМРО-ДПМНЕ не работи за земјоделците, туку им служи на олигарсите“, соопшти СДСМ.
Македонија
Мицкоски: Планирана е набавка на 100 нови модерно опремени амбуланти возила

Христијан Мицкоски претседател на Владата на Република Северна Македонија, одговарајќи на прашањето дали се планира набавка на медицински возила со оглед дека сегашните се застарени, посочи дека на последната седница е донесена одлука за отпочнување на набавка за купување на 100 нови модерно опремени амбулантни возила.
Наш главен приоритет е обновата на овој тип на возен парк во јавните медицински установи, имајќи во предвид дека таму е катастрофално алармантна состојбата, бидејќи таму луѓето се потпираат на оние возила кои се донација. Како Влада на последната седница донесовме одлука за отпочнување на 100 нови модерно опремени возила, кои ќе бидат распределени во јавните здравствени установи ширум државата, вели премиерот Мицкоски.
Македонија
Можно е гласачкото ливче да биде седум-осум метри, ама ако изборниот процес е неуспешен, Владата именува повереници, предупреди Мицкоски

Одлуката на Државната изборна комисија независните кандидати да може да поднесат кандидатури за локалните избори со само два потписа од избирачи можно е да направи хаос на гласачките ливчиња. Премиерот Христијан Мицкоски предупреди дека ако изборниот процес е неуспешен, Владата има можност да именува владини повереници.
„Не исклучувам ни таква можност, можно е гласачкото ливче да биде седум-осум метри, можно е гласачкото ливче да ги обесхрабри граѓаните да излезат, да се намали цензусот, но тука сакам да предупредам дека во согласност со Уставот и законот, ако не е успешен избирачкиот процес, Владата е таа што именува владини повереници. Неодговорното однесување на поединци и од одделни политички партии резултира со ваков тип на можности. Сега, дали тоа ќе се случи, ќе видиме многу бргу од денеска. До 1 септември треба да заврши овој процес, па да видиме како ќе биде, инаку не ја исклучувам и оваа можност“, рече премиерот Мицкоски по увидот во градежните активности за нова градинка во Драчево.
Државната изборна комисија (ДИК) за претстојните локални избори донесе нов правилник, со кој се олеснува процесот за кандидирање независни кандидати за градоначалници и за советници. Според новите измени, за поднесување кандидатска листа од група избирачи потребни се само два потписа. Ваквата одлука следува по укинувањето на два члена од Изборниот законик од страна на Уставниот суд, со што се создаде правна празнина во постапката за собирање потписи.
Краен рок за поднесување кандидатури е 13 септември. Првиот круг за гласања е закажан за 19 октомври.