Македонија
Сали: Поранешната касарна „Илинден“ можна локација за новиот клинички центар
Поранешната касарна „Илинден“ спроти американската амбасада во Скопје е една од трите можни локации за изградба на новиот клинички центар кои се разгледуваат откако министер е Беким Сали.
Тој денес извести дека сè уште целосно не е отфрлена локацијата во Ѓорче Петров, која беше одбрана за новиот клинички центар додека министер беше Венко Филипче, но нагласи дека конечниот избор ќе зависи повеќе од катастарските услови и логистиката на локацијата отколку од политичкиот момент, за кој веќе имале усогласеност.
„Јас иницирав работна група и од опозицијата и од позицијата во политичкиот дел да имаме усогласеност во јавната расправа која во минатото била главна пречка за нереализирање на тој проект. Начелно надмината е таа пречка, но не сме до фаза на избор на локација, износ кој ќе биде потребен за изградба, величина. Локацијата не е одредена сто посто. Една е Илинден, но има три позиции кои се предмет на дискусија. Која локација ќе биде одредена, освен од политичкиот момент, кој не е главен, ќе зависи од делот на катастарските услови. Клиничкиот центар треба да се изгради на локација со постојна логистика, да не трошиме дополнителни средства за оддалеченост која во минатото била предмет на дискусија и блокирање. Локациите засега сè уште се Ѓорче Петров, Илинден и уште една трета локација во која има постоечка болница со надградување и проширување на дејноста“, рече министерот Сали.
Временска рамка во која треба да се усогласат ставовите за новата локација за клинички центар, министерот Сали вели дека немаат оти тоа зависелo од внатрепартиски дискусии.
Министерот Сали потсети дека за изградба на нов клинички центар се зборува 17 години и уште еднаш кажа дека со неговата изградба ќе се надминат сегашните маки кои ги имаат пациентите со препраќање од една на друга клиника оти сè ќе добијат на едно место.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Законот за високо образование нема да биде повлечен, јавнaта расправа продолжува
Министерката за образование и наука Весна Јаневска на пленарна седница изјави дека нема да го повлече нацрт-законот за високо образование.
Таа посочи дека во моментов се одржуваат јавни расправи на сите универзитети и дека нацрт-текстот е објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР), каде што сите засегнати страни можат да достават коментари.
На прашање од пратеничката од СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска, која изнесе забелешки, Јаневска одговори дека законот е „за добробит на сите“ и дека реакциите не можат да се генерализираат.
Според министерката, предлог-законот е усогласен со европски и светски стандарди и предвидува подобрување на студентските права, двегодишен мандат за универзитетските тела, можности за ангажман на демонстратори и вработување на студенти на проекти, како и поддршка за најдобрите студенти.
Јаневска нагласи дека членот 13 се однесува на заштита на автономијата на универзитетите и дека во изработката на текстот учествувале над 60 професори.
Македонија
Гаши во Стејт департментот: Верската хармонија во земјава како модел за општеството
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со Мајкл Дозлер, раководител на Одделот за европски и евроазиски прашања во Канцеларијата за меѓународни верски слободи, како и со други претставници во Стејт департментот на САД.
За време на средбата, претседателот Гаши нагласи дека нашата земја ужива верска хармонија, која треба да служи како модел за унапредување на другите општествени односи. Беше дискутирано за важноста на толеранцијата и негувањето на верските вредности, а воедно и зачувувањето на секуларниот карактер на државата.
Дозлер изрази благодарност за моделот на хармонија што постои во земјата и нагласи понатамошна поддршка за иницијативите што промовираат мир и соработка.
Меѓу другото, беа дискутирани и искуствата и средбите одржани за време на последната посета на претседателот во Вашингтон (февруари 2026 година), каде што Гаши изрази благодарност за меѓудржавната соработка и партнерство.
Македонија
Гоце Наумовски стана нов уставен судија
Собранието со 63 гласа „за“, седум „против“ и без воздржани го избра професорот Гоце Наумовски за нов уставен судија, по што тој даде свечена изјава дека функцијата ќе ја извршува совесно, одговорно и во согласност со Уставот и законите.
Наумовски е редовен професор по римско право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје.
Доаѓа на местото на судијката Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, која во декември поднесе оставка од функцијата судија на Уставниот суд, поради здравствени и лични причини.

