Македонија
Самка Ибраимовски – заменик-директор на „Македонијапат“, Деспотовски на чело на Дирекцијата за ТИРЗ

Владата му препорача на Управниот одбор на Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта „Македонијапат“ – Скопје да го избере Самка Ибраимовски за в.д. заменик-директор.
Досегашниот директорт на Фондот за иновации и технолошки развој, Јован Деспотовски, пак, е именуван за в.д. директор на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони.
На местото на Деспотовски на директорската функција во ФИТР е поставен Коста Петров.
Бесник Елези е именуван за в.д. заменик-директор на Агенција за храна и ветеринарство, а Томе Спировски е разрешен од должноста директор на Државниот просветен инспекторат.
За в.д. директор на оваа институција е именуван Ардијан Муслиу.
Владата ја прифати оставката на Јовица Стојановиќ и го разреши од должноста директор на Управата за извршување санкции на негово барање и го именува за директор на Казнено-поправниот дом „Идризово“, отворено одделение во Велес.
Владата ја прифати и оставката од Марјан Спасовски и го разреши од должноста директор на „Затвор Куманово“, отворено одделение во Крива Паланка, на негово барање и го именува за в.д. директор на Управата за извршување санкции.
Ненад Цветковиќ е именуван за в.д директор на „Затвор Куманово“, отворено одделение во Крива Паланка.
Владата го разреши и Беким Халими од должноста директор на Службата за просторен информативен систем и на негово место го именува Митко Крстевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Филипче: Владата прво си потпишува договор, а после ќе не информира за камати и трошоци

„Да се задолжи земјата 6 милијарди евра и да не се каже кои се условите за заемот, колкава е каматата, кои се роковите е ненормално“, рече претседателот на СДСМ Венко Филипче во синоќешната средба со членството во Гостивар.
„ Владата прво си потпишува договор, а после ќе не информира за камати и трошоци и сето тоа се крие со еден стратешки договор со Велика Британија. Ја слушав министерката за финансии она кажува британски фирми ќе работат па се збуни кажа после Закон за јавни набавки, ние проверивме не е така“, рече Филипче.
Филипче оценува дека целиот овој процес ја одалечува државата од патот кон Европска унија.
“Позајмуваме огромни суми на пари, а притоа е закочен процесот на интеграција во ЕУ. За вакви проекти како што најавуваат тоа е пругата ЕУ дава грантови. Зошто ваков заем со кој ќе задолжиме следни генерации, кога можеме да добиваме грантови и далеку поповолни услови“, праша Филипче.
Македонија
Општина Центар објави јавен повик за финансиска поддршка на културниот проект „Центарски приказни“

Општина Центар денеска објави Јавен повик за финансиска поддршка на културниот проект „Центарски приказни“, кој има за цел да ги зачува колективните спомени и духот на центарските маала преку поставување урбани топоними – ознаки на значајни места со кратки приказни за нивното значење.
Градоначалникот Горан Герасимовски потенцира дека преку визуелна интерпретација и поставување на симболични обележја, проектот ќе придонесе за зачувување на урбаното наследство и културниот идентитет на општината.
„Право на учество имаат здруженија, организации и правни субјекти од областа на културата со седиште во Општина Центар, а вкупниот фонд за поддршка на проектот изнесува 200.000 денари. Со проектот ‘Центарски приказни’ сакаме да создадеме мапа на сеќавања, каде што урбаните маала и нивните приказни ќе оживеат преку уметност и културна меморија. Овие микролокации се дел од нашето секојдневие, но и од нашата историја. Време е да ги вреднуваме и раскажуваме на генерациите што доаѓаат“, вели Герасимовски.
За пријавување, заинтересираните субјекти треба да поднесат пополнета пријава со краток опис на проектот, портфолио на организацијата, биографии на сите вклучени изведувачи, како и референтна листа на досегашни проекти. Дополнително, потребно е да се достави финансиска конструкција за потребните средства за реализација, доказ за активна трансакциска сметка и важечко Решение за регистрација или тековна состојба од Централниот регистар на Република Северна Македонија, не постаро од шест месеци.
Целокупната документација може да се достави преку пошта на адреса: Општина Центар – Скопје, Сектор за јавни дејности / Одделение за култура, ул. „Михаил Цоков“ бр.1, 1000 Скопје или лично во Архивата на Општината (барака 6) секој работен ден од 9 до 15 часот. При поднесувањето потребно е да се наведе: „Јавен повик за финансиска поддршка за реализација на проектот ‘Центарски приказни’“.
Рокот за пријавување е пет (5) дена од денот на објавување на повикот на веб-страницата на Општина Центар.
Македонија
Даниловски за мајмунските сипаници: Болеста не се пренесува лесно, претпазливост, но не и паника

Откога Институтот за јавно здравје вчера потврди два случаја на monkeypox – мајмунски сипаници во Македонија, епидемиологот Драган Даниловски на социјалните мрежи објаснува за какво заболување станува збор.
„Мајмунските сипаници се вирусна болест предизвикана од monkeypox-вирусот, кој припаѓа на истото семејство како и вирусот на големите сипаници (variola vera). Симптомите обично вклучуваат: треска, главоболка, болки во мускулите и грбот, зголемени лимфни жлезди, исцрпеност, кожен исип, кој може да се појави на лицето, рацете, стапалата, гениталната област или на други делови од телото. Инкубацискиот период е обично од 6 до 13 дена, но може да варира од 5 до 21 ден. Болеста трае од 2 до 4 недели и во повеќето случаи се повлекува без потреба од специфичен третман. Сепак, кај лица со ослабен имунитет, деца и бремени жени може да се развијат посериозни компликации“.
Даниловски објаснува како се пренесува болеста.
„Директен контакт со кожни лезии или телесни течности на заразено лице; близок физички контакт, вклучувајќи сексуален однос; контакт со контаминирани предмети, како облека, постелнина или прибор; респираторни капки при продолжен близок контакт лице в лице“.
Важно е, како што напоменува, дека болеста не се пренесува лесно.
„Потребен е близок, продолжен контакт“.
Според него, ризикот за епидемија е многу низок, а состојбата се следи од здравствените власти.
Даниловски советува и што да направите за сопствена заштита.
„Одржувајте хигиена (миење раце со сапун и вода), избегнувајте близок контакт со симптоматски лица и споделување лични предмети, консултирајте лекар при сомнителен осип. Информирајте се од релевантни извори – не од шпекулации“.
Мајмунските сипаници, како што вели, не се нова, ниту неконтролирана закана. Ситуацијата, според него, бара информираност и претпазливост, но не и паника.
Од Институтот за јавно здравје најавија дека ќе продолжат да ја следат состојбата.
„Во моментот нема простор за паника бидејќи бргу и навремено институционално се преземаат сите потребни мерки. Вечерва се мобилизирани сите институционални капацитети за надминување на последиците од ваквата појава и се преземаат сите превентивни мерки“, беше нагласено во официјалната информација од ИЈЗ.
Тие најавија подетаљни информации во текот на денешниот ден.