Македонија
Само три жени во Владата на Мицкоски значат итна потреба од субвенции за повеќе сервиси за чистење, готвење и пеглање
Владата на Христијан Мицкоски, со само три министерки, ја врати земјата децении наназад во напорите за родово изедначување. Активистите за женски права и родова рамноправност овој чекор на премиерот го оценуваат како катастрофален и алармираат на итна потреба од отворање субвенционирани сервиси за чистење, готвење, перење, пеглање и сѐ што традиционално важи за примарна обврска на жената, квоти за учество на жените во влада и кампањи за разбивање на стереотипот дека водењето на државата е машка работа.

„Ова не е лошо, ова е катастрофа. Само три жени на министерски позиции сме имале пред две децении, а од тогаш досега водевме многу битки. Владата на Мицкоски значи назадување и уште повеќе значи итна потреба од отворање субвенционирани сервиси за сите работи дома, кои традиционално се сфаќаат како обврска на жената. Тука се чување деца, чистење, перење, пеглање, готвење… Треба жената да е растоварена од овие обврски за да може да се посвети на потенцијалот што го носи за понатаму оние што ќе се пронајдат себеси во политиката, да се охрабрат и да може неоптоварени да застанат на државнички позиции. Субвенции за вакви сервиси се повеќе од потребни. Ако една услуга, карикирам, чини 1.000 денари, државата да субвенционира 500 денари, на жените ќе им биде многу полесно да одвојат уште 500 од домашниот буџет и обврските да бидат завршени, а тие да се посветат на она што би сакале да го работат. Недозволиво е земја со 51 отсто од населението жени и повеќе високообразовани жени отколку мажи да има само три министерки“, вели Савка Тодоровска, претседателка на Националниот совет за родова рамноправност.
Од Националниот совет за родова рамноправност, пред изборите, на разговори и консултации ги повикале сите политички партии, но се одѕвала само ВМРО-ДПМНЕ. Добиле ветување од неколкумина претставници на партијата дека, доколку победат на изборите, нема да ја чепкаат Истанбулската конвенција, нема да го менуваат Законот за абортусот и ќе се залагаат за повеќе жени да влезат во извршната власт. Од тука, по назначувањето само три жени за министерки, Националниот совет за родова рамноправност испрати реакција до Владата, во која укажа на сериозната загриженост од недоволната вклученост на жените на сите нивоа на управување.
„Вознемирувачки е што исклучувањето на жените од извршната власт е силно евидентно во новоформираната влада. Претходната влада имаше скромни 25 % застапеност на жените во министерски улоги (5 од 16 министерства). Сепак, оваа бројка сега е намалена за половина, при што само 3 жени се на министерски позиции од вкупно 24 (или само 13 %). Овој регрес е особено алармантен со оглед на иницијативата на Комисијата за еднакви можности при Собранието на Северна Македонија од 2023 година, која имаше цел да воведе промени во Изборниот законик, кои подразбираа промена на постојните квоти за репрезентативни позиции (пристап 50-50, односно 50 % учество на жените во советите на локалните самоуправи и во Собранието), како и вклучување квоти за позициите со извршна и одлучувачка моќ (30 % за градоначалнички и 40 % за министерски позиции)“, стои во реакцијата на Националниот совет за родова рамноправност.
Во реакцијата Националниот совет укажува дека една од главните причини за недоволното учество на жените во политиката се токму недостигот на политичка волја и несоодветната поддршка од политичките партии за вклучување на жените што, пак, потекнува од родовите стереотипи.
ВМРО-ДПМНЕ молчи, во ЗНАМ немале соодветни жени за министерки, „Вреди“ ќе компензира на локалните избори
Иако поминаа речиси три недели од формирањето на новата Влада, и премиерот Христијан Мицкоски и партијата ВМРО-ДПМНЕ, како носител на победничката коалиција, молчат по реакцијата на Националниот совет за родова еднаквост. Претседателката на Националниот совет, Тодоровска, вели дека не добиле никаков повратен сигнал, ниту од власта ниту од опозицијата.
Христијан Мицкоски не даде никаков одговор ниту на прашањата од „Макфакс“ за недоволната застапеност на жените испратени и до Владата, и до партијата, и на социјалните мрежи.
За разлика од ВМРО-ДПМНЕ, од Движењето ЗНАМ – За наша Македонија имаат објаснување зашто не предложиле барем една жена за двете министерства што ги добија.

„Се базираме исклучиво на квалитет и немавме соодветни жени, кои би ги предложиле на понудените министерски места. Сите наши членки, кои се во тесното раководство на партијата, добија функции, но кадровски не беа соодветни да ги предложиме за министерки“, вели портпаролот на ЗНАМ, Никола Мемов, за „Макфакс“.
За Тодоровска, немањето соодветен кадар не е оправдување.
„Сите партнери во владината коалиција ги навредија жените членки во партиите. Не им ги почитуваа професиите ниту, пак, им го препознаа и вреднуваа квалитетот. Во крајна линија, можеа да го следат примерот на ВМРО-ДПМНЕ, која за претседател поддржаа жена што не е нивен член. Сите можеа да го направат вакво нешто, а Мицкоски како мандатар можеше уште повеќе. Верувам дека можел да влијае кај коалициските партнери и да издејствува да предложат повеќе жени. Албанскиот партнер во владите неколку изборни циклуси наназад не предлага жени за министерки. Предлозите доаѓаат или од СДСМ или од ВМРО-ДПМНЕ во зависност од тоа кој е на власт, а тоа многу ни зборува за тоа каде треба се работи на разбивање на родовите стереотипи во следниот период“, вели Тодоровска.
Албанскиот партнер во Владата, коалицијата „Вреди“, најави дека сегашниот пропуст ќе го компензира на локалните избори в година со повеќе кандидатки за градоначалнички.
Волјата на партиите, која се наведува како еден од главните фактори за учество на жените во политиката, не е единственото нешто на кое треба да се работи. Анализата „Политичарките и медиумската пристрасност“ на Институтот за комуникациски студии ги отслика штетните родови наративи и родово базиран говор на омраза во онлајн-просторот насочени кон жените во политиката за време на претседателските и парламентарните избори годинава. Покажа дека речиси и да нема жени политичарки што се поштедени од навреди, сексизам, „ејџизам“, мизогинија, а на површина излегоа и традиционалните стереотипи, кои дополнително ги обесхрабруваат жените да се охрабрат да учествуваат во политиката.
„Преку онлајн-вознемирување, сексистички коментари и мизогини наративи жените во политиката често се изложени на понижувачко портретирање, кое ги зајакнува стереотипите за жените како слаби, емотивни или неспособни лидерки. Овие наративи не само што ги дискредитираат политичките достигнувања на жените туку ги обесхрабруваат и другите жени да влезат во политичката арена зацврстувајќи ја идејата дека нивното место не е во политиката. На овој начин дигиталниот простор служи како моќна алатка за перпетуирање на штетните стереотипи и инхибиција на целосното и еднакво учество на жените во политиката“, стои во анализата.
Од осамостојувањето до денес најмногу жени, шест, имаше во техничката влада на Оливер Спасовски од 2020 година
Од сите досегашни влади од осамостојувањето до денес жените биле најмногубројни во техничката влада предводена од Оливер Спасовски во 2020 година. Владата, заедно со премиерот, имаше вкупно 26 члена, а шест од нив беа жени, односно 23 отсто од членовите на тогашната влада беа жени. Радмила Шекеринска беше министерка за одбрана, Мила Царовска министерка без ресор, Нина Ангеловска беше министерка за финансии, Рената Дескоска раководеше со Министерството за правда, Рашела Мизрахи беше министерка за труд и социјала и Зорица Апостолска беше министерка без ресор задолжена за странски инвестиции. Оваа техничка влада, место 100 дена, имаше мандат од 3 јануари 2020 година до 31 август 2020 година оти ковид-кризата ги одложи изборите.

Нема ниедна жена само во првата експертска влада на Никола Кљусев од 1991 година. Веќе следната година, со изборот на првата политичка влада, во извршната власт влегуваат две жени. Сегашната претседателка Гордана Сиљановска-Давкова беше назначена за министерка без ресор, а Софија Тодорова за министерка за развој.
Четири години подоцна, во 1998 година, Љубчо Георгиевски формира влада со четири жени. Меѓу нив е Мерие Рушани, првата жена Албанка која беше министерка за образование. Во оваа влада Милијана Даневска беше министерка за развој, а Доста Димовска и Радмила Кипријанова-Радовановиќ беа вицепремиерки.

Ако се исклучи првата влада, во која немаше жени, минимално е учеството на жените и во владата на Никола Груевски од 2014 година. Тогаш имаше две министерки, но владата броеше, дотогаш рекордни, 26 члена заедно со премиерот, па учеството на жените беше 8 отсто. Во оваа влада министерка за внатрешни работи беше Гордана Јанкулоска, а министерка за култура Елизабета Канческа-Милевска.
Во периодот што следува здруженијата за женски активизам најавуваат пожестока борба со која ќе се издејствуваат измени во Изборниот законик, а кои ќе предвидат квоти за учество на жените во секоја влада и задолжителен процент жени градоначалнички.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Речиси 5.000 прекршоци регистрирани со „Безбеден град“ за една недела, најмногу за брзо возење
Во периодот од 16 до 22 февруари 2026 година, преку системот „Безбеден град“ на подрачјата на градовите и коридорите каде што се поставени камери, регистрирани се вкупно 4.910 сообраќајни прекршоци.
Најголем дел од прекршоците, односно 4.691, се однесуваат на управување возило со брзина поголема од дозволената. За минување на црвено светло евидентирани се 16 прекршоци, што претставува намалување од 51,5 отсто во споредба со претходната седмица, кога биле регистрирани 33 прекршоци. Во првата недела од месецот биле констатирани дури 163 прекршоци за минување на црвено светло, информира МВР.
За управување возило со измината важност на сообраќајната дозвола, констатирани се 203 прекршоци.
Во истиот период изречени се вкупно 117 мерки „забрана за управување со возило“, што е намалување од 20,9 отсто во однос на минатата седмица. Во првата недела од месецот биле изречени 288 вакви мерки.
Од вкупно 117 изречени мерки минатата седмица, 16 се за минување на црвено светло, а 101 за брзо возење. Од нив, 75 се за брзина поголема од 80 километри на час во населено место, 19 за надминување на дозволената брзина за повеќе од 10 километри на час, и седум за брзина поголема од 170 километри на час во ненаселено место.
Надлежните апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, со цел заеднички да се придонесе кон побезбедни патишта.
Македонија
(Видео) Петрушевски: Местени тендери и аванси во Државната лотарија, Груби ќе се соочи со правдата
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, на денешната прес-конференција изјави дека време е за одговорност и дека поранешниот прв вицепремиер Артан Груби ќе се соочи со правдата.
„По година и пол бегство, денеска на граничниот премин Блаце уапсен е Артан Груби, поранешен прв вицепремиер и министер во владата на СДС и ДУИ“, изјави Петрушевски.
Тој рече дека Груби важи за олицетворение на криминалот и корупцијата предводена од СДСM и ДУИ и додаде дека конечно ќе се соочи со правдата.
Петрушевски посочи дека, криминалот на Груби достигнал минимум 500 милиони денари или над 8 милиони евра, а дека постојат индиции оти сумата може да надмине десетици милиони евра.
„Дополнителен криминал на Груби заедно со неговиот другар Бајрами, тогашен директор на Државната лотарија освен што местеле милионски тендери, е исплаќање на аванси на деловни соработници“, рече Петрушевски.
Тој обвини дека СДСМ знаела за милионскиот криминал, но молчела за да ја одржи коалицијата на власт.
Од ВМРО-ДПМНЕ порачаа дека борбата против криминалот и корупцијата останува нивен приоритет и дека секој кој се огрешил пред законот, порано или подоцна ќе се соочи со правдата.
Македонија
Сали во официјална посета на Украина: посетата има за цел размена на искуства за европската интеграција и поддршка за Украина
Утре првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, ќе престојува во официјална работна посета на Киев, Украина.
Во рамки на посетата, Сали ќе учествува на заедничка комеморативна церемонија во чест на загинатите бранители на Украина, и ќе оствари повеќе средби со високи претставници на украинските институции задолжени за европската и евроатлантската интеграција.
Посетата има за цел продлабочување на билатералната соработка, размена на искуства во процесот на европска интеграција и изразување поддршка за Украина.

