Македонија
Санкционирани 286 возачи во Скопје, од кои 150 за пречекорена брзина
Министерството за внатрешни работи во текот на вчерашниот ден продолжи со засилените акциски контроли во областа на сообраќајот.
На територијата на град Скопје во текот на вчерашниот ден изречени се вкупно 286 санкции, меѓу кои возење без возачка дозвола за 13 лица, пречекорување на дозволената брзина на движење – 150 прекршоци, нерегистрирани возила – 14, 11 санкционирани мотоциклисти, 53 мерки за непрописно паркирање, а изречени се и 44 санкции за неносење заштитна маска.
Засилените сообраќајни контроли продолжуваат и во наредните денови. МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи за да ја зголемиме безбедноста во сообраќајот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Судот се брани: Дали за системскиот проблем со црните сообраќајни точки вината е на судството
Кривичниот суд излезе во јавноста со соопштение во врска со претходните судски постапки кои биле водени против 20-годишниот, Васил Јованов, кој ја усмрти младата Фросина Кулакова на улицата „Партизански одреди“.
Од судот, за затекнувањето со дрога, лани, велат дека Јованов бил првостепено осуден со пресуда по која постапувала судијата Даниела Алексовска Стојановска.
„Поради неговата возраст, со неполни 20 години, а ва согласно одредбите од Законот за правата на децата, судот му изрекол воспитна мерка : Заводска мерка – Упатување во воспитно поправен дом, каде согласно чл. 48 ст.3 и ст.4 обвинетиот во домот останува најмалку 6 месеци, а најмногу 5 години односно до наполнети 23 години, во која пресуда му се пресметува и времено поминато во притвор, по истиот предмет од 02.04.2024 година до 12.08.2027 година“, објаснуваат од Кривичен.
Од тука велат дека соглсно одредбите во Законот, мерката притвор не може да опстојува, поради што Јавниот обвинител вложил жалба во однос само на кривичната санкција.
„Предметот на 7 ноември минатата година е доставен на надлежно постапување на Апелациониот суд Скопје, од каде сеуште не е вратен на евентуално извршување“, велат од Кривичен.
Понатаму, како што се доава, во согласност со евиденцијата на судот, Јовнов не бил осудуван за друго кривично дело и не се водела друга постапка за други кривични дела. Исто така до овој момент, до судот не е процесуирана друга кривична пријава, ниту пак прекршочна пријава од областа на сообраќајот, а лицето е евидентиран, единствено како малолетник во 2021 година кога му е изречена судска опомена заради нарушување јавен ред и мир.
„Како суд, изразуваме жалење за загубата на млад човечки живот. Но, имајќи го предвид сето погоре наведено, нејасна е конекцијата кој се создава во јавноста за кривичен предмет кој во прв степен е завршен со заводска мерка на одредено лице за едно кривично дело, со друго кривично дело кое е сторено 7 месеци потоа. Дали некој во правосудниот систем можел да претпостави дека обвинетиот после 7 месеци од донесената пресуда со која истиот треба да се институцијализира, може да стори друго кривично дело, па заради тоа требало да биде задржан во притвор. Законите во нашата земја како и Меѓународните конвенции за човекови права тоа не го дозволуваат. Дали за системскиот проблем со црните сообраќајни точки, каде не ретко се случуваат сообраќајни несреќи, вината е на судството, ако се има предвид било кој граѓанин кој претходно не бил во судир со Законите, може да предизвика сообраќајна несреќа со жртва заради недозволена брзина, управување под дејство на алкохол и не поседување возачка дозвола. Станува збор за општествен проблем“, се вели во соопштението на судот.
Во врск со смртта на Кулакова, возачот Јовнов е во притвор во траење од 30 дена поради опасност од бегство, попречување на истрагата со влијание врз сведоци и опасност да го повтори делото.
Македонија
Мицкоски со поддршка за протестот: Moраме да преземеме казнена политика, која ќе биде ригорозна
Апсолутен и оправдан е револтот на граѓаните и тука нема никаква дилема и еден од начините да се надмине сето ова е токму оној систем што треба да детектира ваков тип дивеење на булеварите и улиците, и тоа не само во главниот град туку и насекаде во државата.
И мислам дека, не мислам – туку знам, Министерството за внатрешни работи тоа како постапка го спроведува и набргу од денеска ќе имаме еден таков систем кој ваков тип на дивеење ќе санкционира и тоа мора да се случи колку и да треба политички куршуми да добиеме ние, тоа мораме да го инсталираме, имплементираме и да преземеме казнена политика, која ќе биде ригорозна. Затоа што и еден живот да спасиме, сме ја постигнале целата, вели претседателот на Владата, Христијан Мицкоски.
„За жал прерано згасна еден млад живот поради еден ваков дивјак, кој се однесувал дивјачки на улиците во главниот град. Но, за мене, понеодговорно е однесувањето на одредени политичари со некрофилска политика, кои се обидуваат на ваков начин, преку пораки што згрозуваат, да привлечат политичко внимание и да добијат политички поен“, посочи премиерот Мицкоски.
„Ова е граѓански и оправдан протест и го поддржувам и во таа насока размислувам како премиер и како претседател на Владата. Но, што побргу системот ‘Безбеден град’ треба да биде инсталиран, да функционира и сите законски измени што се неопходни да бидат донесени. Јас мислам оваа година сето тоа ќе биде ставено во функција. Жалам што во годините претходно сето ова не било направено.
Во овој буџет, тука е и министерката, веќе се обезбедени средства, не само во градовите туку и на клучните артерии, автопатски и експресни патишта, кои ја поврзуваат државата со соседните држави, така што како Влада можеме тоа и да го направиме.
Она за што сум информиран е дека лицето што го сторило инцидентот е приведено, одредена му е мерка од 30-дневен притвор. И се надевам дека овој, како што вие го квалификувавте, судско обвинителски систем, со доверба помала од 2 процента кај граѓаните, конечно ќе се ослободи од партиските и други влијанија и ќе суди и обвинува според законот и навистина нема да прави и нема да толерира ваков тип на личности, кои, ако навреме не ги санкционирате, гледате што сѐ може да направат“, рече премиерот Мицкоски.
„Згрозен сум од политичарите некрофили, кои на ваков начин сакаат да добијат политички поен, апсолутно револтот на граѓаните го поддржувам и жалам како прв човек на Владата што прерано згасна еден ваков млад човечки живот.
И се надевам дека многу бргу од денеска сето ова за што зборував ќе биде инсталирано, имплементирано и ќе спасуваме човечки животи, да не згаснуваат прерано како што згасна овој“, коментира претседателот на Владата, Мицкоски.
Македонија
„Врските не враќаат човечки животи“ – протест на „Партизанска“ по смртта на Фросина Кулакова
Граѓаните излегоа на протест на улицата Партизански одреди, каде што 20-годишниот Васил Јованов завчера ја усмрти 22-годишната Фросина Кулакова.
Се оставаат цвеќиња и се палат свеќи крај фотографијата на Фросина, а демонстрантите носат транспаренти, на кои пишува: „Врските не враќаат човечки животи“, „Сите одиме кај ист судија, а таму има само една правда“, „Уште колку?“, „Не е несреќа, туку убиство“.
Граѓаните бараат построги казни и промени.
Според информациите од Обвинителството, Јованов возилото го управувал пијан, без возачка дозвола и поминал на црвено светло.
Граѓаните дополнително се возмемирени и револтирани по информацијата дека возачот им бил познат на органите бидејќи лани бил фатен со дрога и завршил во притвор, а потоа со одлука на судот во попрвен дом. Тој предизвикал уште една сообраќајка без возачка на 4 ноември 2022 година, во која едно лице добило полесни повреди. Со изјавена согласност на оштетената јавен обвинител донел решение со кое не се презема кривично гонење, а тој платил глоба од 18.000 денари.
Mинистерот за внатрешни работи Панче Тошковски најави построги контроли и казни, но, вели, најважно е правосудните органи соодветно да ги санкционират виновниците. Министерот за правда, Филков, пак, претходно рече дека потребна е промена на целиот систем.