Македонија
САСА го одбележува Денот на рударите со награди за вработените и донација за поголема безбедност во сообраќајот
Традиционално и оваа година, во пресрет на 28 Август – Денот на рударите, рудникот САСА, за своите над 760 вработени обезбеди парични награди и пригодни подароци. Дополнително, вкупно 122 вработени, меѓу кои најдобриот рудар во САСА за изминатата година, како и оние што дале особен придонес за безбедноста и здравјето при работа и за остварување на безбедно и стабилно производство, добија и дополнителни парични награди, подароци и признанија.
Честитајќи им го Денот на рударите на сите вработени во САСА, како и на вработените во целокупната домашна рударска индустрија, генералниот директор на САСА Кристофер Колбурн изјави: „Горди сме со сѐ што направивме како тим во изминатиот период, особено во делот на безбедноста и благосостојбата на вработените, кои биле и ќе останат наш највисок приоритет и постојана грижа. Со големи залагања од сите и континуираната поддршка што ја добиваме од Централ Азија Металс, САСА и во следниот период ќе продолжи по патот на успехот и одржливиот развој, обезбедувајќи благосостојба за своите вработени, поддржувајќи ја локалната заедница и придонесувајќи за просперитетот на земјата. Од клучно значење за ваквиот одржлив развој се новите капитални проекти, вредни над 40 милиони долари, во чија реализација бележиме значаен напредок, а кои ќе обезбедат безбедна, еколошки одговорна и стабилна работа на САСА и во годините што следуваат“.
Инаку, оваа година, како дел од својата континуирана грижа и поддршка за заедницата, САСА одлучи да ги откаже сите интерни свечености поврзани со прославата на Денот на рударите, а планираните средства за нивната организација да ги пренамени во проект за зголемување на безбедноста во сообраќајот во локалната заедница. Заради осмислување и реализација на овој проект, САСА во следниот период ќе воспостави комуникација и соработка со надлежни домашни институции и организации од оваа област. Ваквата одлука на САСА следува по зачестените сообраќајни несреќи со трагични последици кои во последно време се случуваат во овој регион од земјата.
Рудникот за олово и цинк САСА е најголемиот подземен македонски рудник. Од ноември 2017, САСА е дел од Централ Азија Металс, интернационална рударска компанија која котира на Лондонската берза (AIM: CAML). Од влезот на Централ Азија Металс до сега во САСА се инвестирани околу 60 милиони долари, во нова рударска опрема, во модернизација и дигитализација на технолошките процеси, во безбедноста, стандардите и работните услови во рудникот, како и во професионалниот развој и едукација на вработените. Преку својата Фондација за поддршка на одржливиот развој, САСА секоја година вложува и повеќе од 400.000 долари во различни области значајни за животот и просперитетот на луѓето и локалната заедница, како што се: образованието, науката, животната средина, здравствената заштита и ранливите социјални групи.
(ПР текст)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Силјановска Давкова по повод 75-годишнината од основањето на УКИМ: Образованието беше, е и мора да остане врвен приоритет на македонската држава
Претседателката Гордана Силјановска Давкова вчеравечер се обрати на свечената академија по повод 75-годишнината од основањето на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и одбележувањето на патрониот ден на Универзитетот.
„Чест ми е што ова е едно од моите први обраќања по преземањето на претседателската функција. Се разбира моето место беше и остана меѓу вас. Овој универзитет е изворот на моето знаење, инспирација и мотивација. 75 години потоа мислам дека е време кога можеме да кажеме дека мудроста е со нас. Стекнував знаење од постарите почитувани професори и под нивното менторство како Телемах го засакав правото. Не само правото, туку и правдата. И ден денеска црпам инспирација од ценетите колешки и колеги со кои продолжив да соработувам. Се разбира, образованието беше и останува мојот дом. Најважно од сè, УКИМ е и ќе остане изворот на мотивацијата и на инспирацијата на нови генерации студенти.
Одбележуваме 75 години од формирањето на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, а прославуваме и 80 години асномска Македонија. Се разбира, од црковно-училишните општини до денеска учителите имале важно место во историјата на оваа држава. УКИМ е сраснат, УКИМ е во хармонија со македонската држава. Универзитетот беше и остана alma mater на генерации, генерации кои станаа со знаењето потолерантни, станаа компетитивни, оставија траги овде, а оставаат траги и по светот. Она што е економијата, науката, технологијата, културата и уметноста во голем степен е заслуга на вас. УКИМ не е оаза. УКИМ соработува и тоа плодно со бројни високообразовни институции и установи ширум Европа и светот, УКИМ овозможува да бидеме дел од единствениот образовен простор, од морето на знаење, да ги продлабочуваме знаењата и вештините на европските универзитети и посакувам студентите да се вратат овде и знаењето да го стават во функција на државата“, рече претседателката Гордана Силјановска Давкова.
„Судбина на нашата држава е да биде тесно поврзана со најстариот универзитет, со УКИМ. И обратно. УКИМ секогаш ги чувствува предизвиците низ кои минува нашата држава и се уште минува.
Веќе неколку години по ред, УКИМ е меѓу најдобрите 2.000 светски универзитети. Но беше и многу повисоко. Не можам, а да не кажам дека да се биде меѓу двеилјадитите е охрабрувачки, меѓутоа ако фрлиме поглед на регионалниот и европскиот контекст, ќе видиме дека состојбата не е многу сјајна. Затоа јас посакувам УКИМ да не биде само единствениот македонски универзитет на оваа ранг-листа, туку да се качи погоре на Шангајската листа.
Оваа состојба ме тера да се запрашам: Дали најстариот и најголемиот универзитет, чии кадри ја градеа оваа држава и се вградија во неа, има шанса да се качува погоре? Сигурна сум. Одговорна држава ќе вложи во образованието и во науката. Во образованието, науката и културата нема мали и големи држави. Да не си го дозволиме луксузот да бидеме на крајот од оваа листа. Мислам дека оваа дилема ја поставувам не само како претседателка, туку како професорка која не може да живее без образованието и науката, без правото и без правдата.
Причините за ваквите состојби се многу. Меѓутоа, мислам дека ни се потребни вистински реформи. Реформи што нема да завршат како слепи улици. Уште еднаш повторувам – одговорна власт ќе сфати дека нема подобра инвестиција од онаа во образованието и истражувањето. Развојот се темели и ќе остане да се темели на доброто образование. Јазот помеѓу образовните профили и реалните потреби на пазарот на трудот јасно ни е дека се зголемуваше. Некои научни области и многу од нив останаа запоставени. Но, треба да им обрнеме внимание.
За да ја смениме состојбата во којашто сме, треба да му обрнеме внимание на севкупното високо образование, да постигнеме добро обмислени и суштински реформи, како што нашите праучители тоа го правеа. Ние сме горди на нив, заслужуваме и ние, студентите да бидат горди на нас.
Потребно ни е да ја одбраниме слободата. Слобода нема без критичка мисла. Образованието е каналот, образованието е институцијата, образованието е домот во којшто идеалите ќе ги пренесуваме од една генерација на друга. Сите велиме дека училиштето и универзитетот се бедем на слободата и независноста. Нашите современи херои, вашите современи херои, драги студентки и студенти, треба да бидат учителите, наставниците, професорите. Тие имаат одговорност да создаваат генерации што ќе поставуваат прашања што ќе бидат критички, што ќе не критикуваат, што ќе бидат подобри од нас. А ние, заедно со нив, ќе нудиме одговори и решенија за предизвиците што ги носи иднината. Иднината, веќе ни се случува, таа е пред нашите очи“, рече Силјановска Давкова.
„Дигиталната трансформација која беше зачната на некои од врвните универзитети, ги трансформира сите универзитети, и нашите. На врвот на Шангајската, па и на секоја друга ранг-листа ќе опстанат оние универзитети што најбрзо и најдобро ќе се приспособат на дигиталната доба.
Затоа, државата мора да усвои сеопфатен пристап кон дигиталната трансформација, преку имплементација на прецизна национална дигитална стратегија, се разбира, во согласност со дигиталната агенда на Европската Унија и со Целите за одржлив развој на Обединетите Нации. Нам ни треба дигитална писменост. Мора да ги подобриме вештините на граѓаните, мора да инвестираме во надградбата на дигиталната инфраструктура, мора да го развиваме иновативниот и претприемачкиот екосистем.
Образованието беше, е и мора да остане врвен приоритет на македонската држава. Во Европската Унија и во светот ќе нѐ почитуваат ако развиваме квалитетно, компетитивно образование и наука, ако ги негуваме, ако ги наградуваме најдобрите. Образованието мора да го осовремениме, мораме да го приспособиме на светските текови, мора да го димензионираме во согласност со реалните потреби на пазарот на трудот. Мора да зајакне врската меѓу образовните институции и компаниите. Мора да вложуваме во истражувањето и во развојот. Така ќе ја намалиме невработеноста, така ќе го запреме егзодусот на најумните, најпотребните.
Како ваша колешка свесна сум дека реформите бараат големи вложувања, бараат пожртвуваност, каква што впрочем демонстрираа патроните на нашиот универзитет – сесловенските и македонски просветители и светители, браќата Кирил и Методиј.
Историчарите се согласни дека солунските браќа имале јасни инструкции од Византиската држава да ги описменат словенските народи за истите да не подпаднат под влијанието. Со други зборови, ако во Византиската држава, образованието било средство за ширење на политичкото влијание ние знаеме дека писменоста, образованието ниту е, ниту смее да биде средство за политички цели. Образованието е највисока цел. За оваа цел, мора да бидеме свесни и веднаш да се зафатиме со нејзино остварување.
Реков дека е ова мое прво обраќање. Мојата прва посета во странство ќе биде поврзана со делото на Св. Кирил и Методиј. За три дена ќе ја имам честа да се поклонам пред гробот на Константин Филозоф – Кирил во базиликата Сан Клементе во Рим. Ако сакаме да бидеме доследни наследници на неговото дело, мора пожртвувано да го издигнеме македонското високо образование и да ја обезбедиме иднината на генерациите по нас.
Нека ни е честит големиот јубилеј и нека ни е вековен претстојниот празник на сесловенските просветители“, кажа претседателката Гордана Силјановска Давкова во своето обраќање.
Македонија
„Георгиев и Мемети се само дел од криминално судскиот октопод“, велат од ВМРО-ДПМНЕ
„СДС и ДУИ се причината поради која денеска правосудството е корумпирано. Наке Георгиев и Иџет Мемети се остатоците од криминалната влада на СДС и ДУИ. Георгиев и Мемети се само дел од криминално судскиот октопод“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Наке Георгиев и Иџет Мемети се ситни криминалци во споредба со крупните криминалци од владата на СДС и ДУИ за кои институциите треба конечно да се охрабрат и да истражат дали од позиција на функција и моќ влијаеле врз судски одлуки и се стекнале со материјална корист.
САД, Европската комисија и сите меѓународни институции јасно укажуваа и нотираа во сите истражувања и извештаи дека правосудниот систем е корумпиран и дека Македонија нема напредок во борба со криминалот и корупцијата, само СДС и ДУИ се правеа при очи слепи, при уши глуви.
Денеска број еден тема наместо нови инвестиции во Македонија, е апсењето на Наке Георгиев кој во моментот на земање мито е приведен.
Со инсталирање на свои корумпирани кадри, Ахмети и Ковачевски го доведоа правосудниот систем во целосен хаос.
Она кое што ВМРО-ДПМНЕ го зборуваше дека ниската доверба на граѓаните во судството е поради висок степен на криминал и корупција, излезе на површина.
Во која европска држава врховниот судија кој треба да ги почитува законите, да суди и носи одлуки согласно законите, зема мито и се обидува да влијае врз судски процес, односно влијаел за да се донесат олеснителни околности во случајот за екс градоначалникот на Ново Село од СДС, Боро Стојчев.
Криминалот и корупцијата во Македонија се резултат на неказнивост и директна спрега меѓу власта на СДС и ДУИ и правосудните органи.
Но, добро е што ова завршува. Важно е што институциите со промена на власта ќе се ослободат и конечно ќе работата во интерес на државата и граѓаните.
Секој кој што се огрешил пред законот и стекнал материјална корист од позиција на моќ и функција и влијаел врз правдата и владеењето на правото ќе одговара. Само така Македонија повторно ќе биде правна држава!“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.