Македонија
Сашо Милошeвски по вторпат го фати крстот во општина Кисела Вода
Празникот Водици и оваа година беше најсреќен за Сашо Милошевски, кој денеска, меѓу педесетина други верници, успеа по вторпат да го извади Светиот крст од осветените води на базенот “Расадник”.
Истакна дека е многу среќен и дека минатата година му била многу успешна на сите полиња во животот и нему и на неговото семејство.
Ова го посакува и оваа година и за себе и за сите присутни, за кои се радува што ги има во уште поголем број од лани.
Се заблагодари и на црквата и на Општина Кисела Вода, како и на општествено одговорните компании за организацијата и за наградите, кои како и минатата година, во духот на христијанството, ќе ги донира на социјално загрозени семејства.
Манифестацијата “Водици” ја возобнови Општина Кисела Вода минатата година. Годинава, одбележувањето започна со литија од храмот “Св. Ѓорѓија”, од каде верниците и свештенството од “Св. Ѓорѓија” и од ‘Св. Петка”, придружувани со песна од КУД ‘Китка”, се упатија кон базенот “Расадник”.
На чинот на положување на крстот му претходеше и света литургија со која чиноначалствуваше отецот Томе од црквата Св. Петка. Градоначалникот Ѓорѓиевски, му честиташе на среќниот Милошевски и им се заблагодари на сите кои зедоа учество во денешната манифестација.
-Денес, за мене и за сите православни верници е многу голем и значаен ден, кога го славиме крштевањето како една од светите тајни на христијанството, го чествуваме зачетокот на човековото живеење во верата и прочистување на неговата душа. Масовноста која денес ја гледаме е само потврда за исправноста на одлуката што ја донесовме минатата година –да ја возобновиме традицијата во Кисела Вода за положување на крстот во осветената вода. Ги поздравувам сите кои денес најпрво беа дел од литијата што започна од храмот Св. Ѓорѓија, да се заблагодарам и на КУД “Китка” кои со својата песна овозможија настанот да има уште потрадиционална и посвечена нота, на свештенството од двата храма, “Св. Ѓорѓија” и од “Св. Петка”, како и да им честитам на сите кои имаа храброст и се обидоа да го фатат крстот. Посебна честитка до најсреќниот, Сашо Милошевски, кој по втор пат е најуспешен. Му посакувам добро здравје, среќа и радост за него и за неговото семејство, а ние како Општина заедно со неколку општествено одговорни компании се потрудивме да го запамети овој ден и по повеќе награди. Бог се јави и секогаш да бидеме вака обединети! Да сте ми живи и здрави-изјави градоначалникот Ѓорѓиевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Претседателката за утре го свика Советот за безбедност
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска – Давкова за утре – 1 март 2026 година, закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Македонија
Агресивен карцином кај 10-годишната Ева, се бараат донации
Десетгодишната Ева е девојче кое се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
„Ви се обраќам во име на моето семејство и за најважната личност во нашиот свет, Ева, која е радосно, љубопитно, отворено, храбро десетгодишно дете кое одеднаш се соочува со борбата на својот живот. Нашето мало сонце се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
Овој вид на дијагноза не може да се лекува во Македонија, бидејќи нема центри ниту експертиза за да се обезбеди потребната грижа и третман. Туморот е класифициран како високостепен и брзо се шири, лекарите советуваа итно лекување во странство во специјализирани центри.
Времето и дејствувањето се критични. Во моментов таа е примена во специјализирана клиника во Минхен – Германија, каде што ја завршуваме последната фаза од дијагностиката (закажан термин за ПЕТ/КТ скенирање следната недела, по МРИ, биопсија, рендгенски снимки и крвни проверки).
Од она што го знаеме, третманот ќе следи во три фази:
1. Приближно два месеци интензивна хемотерапија
2. Хируршко отстранување на туморот
3. Дополнителни шест месеци хемотерапија“, стои во објавата.
Средствата се наменети за покривање на трошоците за медицинското лекување во Германија. Донации за помош на малата Ева може да се дадат на следниот линк.
Македонија
Телефонски разговор на Муцунски со Гидеон Саʼар за состојбата со Иран
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски попладнево остварил телефонски разговор со министерот за надворешни работи на Израел, Гидеон Саʼар.
Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информираат дека била реафирмирана поддршката за координираните напори на Соединетите Американски Држави и Израел во однос на Иран, како и неопходноста од зачувување на регионалната стабилност и безбедност.
– Беше истакнато дека продолжената блиска соработка е од суштинско значење за мирот и одвраќањето. Воедно, беше нагласено дека иранскиот народ, како и сите народи во регионот, заслужуваат мир, стабилност и можност за просперитет, се наведува во соопштението.

