Македонија
Сашо Стошевски назначен за нов директор на општата болница Куманово

Сашо Стошевски, досегашниот директор на подрачната единица на Фондот за здравствено осигурување е назначен за нов директор на општа болница Куманово.
На функцијата директор на кумановската болница доаѓа откако вчера министерот за здравство Арбен Таравари го разреши Стефан Трајановски.
Стошевски е вработен во Фондот за здравствено осигурување во Куманово, каде лани беше назначен и за директор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Одреден 30-дневен притвор за 13 лица за пожарот во Кочани, меѓу кои Бектеши и Трајковски

Судот го прифати предлогот на Обвинителството и определи притвор за 13 од вкупно 19 лица опфатени со истрагата за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Меѓу нив се и поранешниот министер за економија, Крешник Бектеши, поранешниот директор на Државниот пазарен инспекторат, Горан Трајковски и поранешниот директор на Дирекцијата за заштита и спасување, Беким Максути. За останатите, судот ќе донесе одлука во текот на денот.
Основното јавно обвинителство Кочани во текот на ноќта донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 27 физички и три правни лица во врска со катастрофалниот пожар, соопштија од ОЈО.
Македонија
Заеднички теренски активности на проверка во битолските угостителски oбјекти

Деновиве, во рамките на законските надлежности, истовремено во соработка со Државниот пазарен инспекторат и СВР Битола, општина Битола презема низа активности во однос на контрола на угостителските објекти во градот.
1.Општинскиот инспекторат од почетокот на работната недела на терен врши проверка на сите категоризирани објекти на физички лица што се под општинска надлежност дали ги исполнуваат минимално техничките услови согласно правилникот за минимално технички услови донесен од министерот за економија и дали ги поседуваат сите документи потребни за дејноста. Доколку им недостига одреден документ, имаат даден рок за обезбедување, во спротивно, ако не ги обезбедат ќе бидат избришани од регистарот за вршење на угостителска дејност. Според Законот за угостителска дејност, за физичките лица, општината е надлежна да издаде категоризација за конфекционирани угостителски услуги во наменски подвижни објекти, угостителски услуги за сместување и исхрана во куќи, угостителски услуги во апартмани и соби за одмор, угостителски услуги во селски домаќинства и угостителски услуги во пловни објекти.
2.Општинскиот инспекторат во соработка со Државниот пазарен инспекторат и СВР Битола вршат проверка на терен, дали ноќните клубови во Битола имаат важечки лиценци за работа и дали ги имаат сите елаборати кои што треба да ги поседуваат, вклучувајќи и елаборати за бучава, за противпожарна заштита, за животна средина итн.
3. До Владата и до Министерството за економија и труд, доставени се податоци по извршениот увид од страна на овластениот градежен инспектор на општина Битола, согласно деталните урбанистички планови на општина Битола, Генералниот урбанистички план на општината и податоците запишани во Агенцијата за катастар на недвижности, на правните субјекти со капацитет над 50 лица кои вршат угостителска дејност на територијата на општина Битола. На овој начин треба да се изврши проверка со вмрежување на податоците и соодветната издадена категоризација/лиценца, за правните субјекти кои вршат угостителска дејност на територијата на општина Битола.
4. До Државниот пазарен инспекторат, Одделение за инспекциски надзор Битола, доставен е допис дека општина Битола достави известување до угостителските објекти на територијата на градот Битола, дека не постапиле согласно чл. 7 и чл. 25 од Законот за угостителска дејности. Од нив е побарано во рок од 3 дена да достават Лиценца/Дозвола за работа на објектот согласно Законот за угостителска дејности и работно време на објектот, согласно истиот закон. Од Одделението за инспекциски надзор Битола доставена е листа на објекти со која располага општината и побарано е да се изврши вмрежување на податоците преку заедничка координација.
5.Согледувајќи ги сите аспекти од законските регулативи, постојат одредени недоречености, односно неусогласености помеѓу Законот за угостителство во однос на Законот за градење и Законот за животна средина. Оттука, општината испрати допис до наделжните институции во кој нагласи дека се потребни законски измени, пред се во регулативата со документите, кои што се пополнуваат за вршење на одредената угостителска дејност, како и во делот на надминување на недореченостите во законските одредби.
Во наредните денови, продолжуваат координираните активности на терен со надлежните инспекциски служби и СВР Битола.
Македонија
Агенцијата за медиуми го осудува говорот на омраза кон медиумите

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги најостро го осудува говорот на омраза и повиците за насилство кон медиумите и новинарите.
Повиците за напади на медиумите и медиумските работници директно ја загрозуваат безбедноста на новинарите и претставуваат напад врз слободата на изразување.
Истовремено, Агенцијата повторно ги потсетува медиумите при креирањето на својата програма да обрнат исклучително внимание на содржините на емисиите, филмовите и сериите, особено на тоа какво значење можат да добијат во контекст на овие чувствителни моменти.
Информациите и содржините кои се објавуваат да бидат соодветни на денови на жалост и истовремено да ги почитуваат највисоките професионални и етички новинарски стандарди.