Македонија
Сведок во „Монструм“: Не видов ниту еден од обвинетите кај Смилковско Езеро на денот на убиството
На денешното рочиште за случајот „Монструм“ за петкратното убиство кај Смилковско Езеро во 2012 година сведокот повикан од страна на одбраната, Рамадан Мурати, во своето сведочење истакна дека на 12 април, денот кога се случи немилиот настан, работел на нивите кај Смилковско Езеро кои ги поседува обвинетиот Фејзи Азири. Мурати тврди дека ниту тој ден, ниту, пак, неколку дена претходно Азири не бил во близина на Смилковското Езеро. За останатите обвинети Мурати кажа дека не ги познавал и дека не ги забележал во околината каде што работел тој ден.
Сведокот Мурати исто така кажа дека во текот на целиот ден, сè до неговото заминување од нивите кај езерото, не слушнал никакви истрели ниту, пак, забележал нешто невообичаено. Тој рече дека од нивите кај Смилковско заминал кога почнало да се стемнува, односно во 20 часот.
Откако адвокатите на обвинетите завршија со испрашувањето на сведокот, обвинителката од СЈО, Фатиме Фетаи изјави дека денешниот исказ на Мурати е во голем дел контрадикторен со оној што го има дадено на првото судење за случајот на 27.06.2013 година. Според Фетаи, контрадикторноста се јавува првично во часот кој го споменува Мурати кога заминал од Смилковско Езеро, а потоа и во однос на вработените кои ги ангажирал да работат на нивите.
„Во првиот исказ имате напоменато дека местото сте го напуштиле во 19 часот, денеска кажавте во 20. Исто така денеска рековте дека за работа на нивите биле ангажирани вашите роднини, додека, пак, во првото сведочење сте кажале дека за работа на нивите сте ангажирале работници од Шутка, Косовари кои дошле како бегалци“, рече Фетаи.
Обвинителката на почетокот од судењето побара забрзување на судскиот процес за „Монструм“. Фетаи, со оглед на големиот број предложени сведоци, побара на рочиштата да се испрашуваат поголем број сведоци. Таа исто така реагираше и на тоа дека одбраната донела нова група сведоци без да се слушне мислењето на обвинителството за истите, нешто што е предвидено во Законот за кривична постапка.
Фетаи во групата сведоци предложени од одбраната препозна двајца кои сведочеле и во првата постапка, пред Врховниот суд „Монструм“ да го врати на повторно судење, меѓу кои и сведокот Рамдан Мурати. Обвинителката ги подучи адвокатите дека за да се изнесат нови сведоци, потребно е прво да сведочат оние кои претходно сведочеле во постапката.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
МВР го пронајде возачот кој се снимаше додека вози со 293 километри на час
Министерството за внатрешни работи делуваше по објавата на шокантно видео на социјалните мрежи, на кое се гледа како возач управува со патничко моторно возило со неверојатни 293 километри на час на автопатот Скопје–Гевгелија, во близина на Неготино. На тој дел од патот максимално дозволената брзина е 120 километри на час.
Возачот, А.Д. (36) од село Елово, скопско, веднаш бил идентификуван, пронајден и повикан од полицијата.
„Тој е санкциониран согласно законските одредби“, велат од МВР.
Министерството повторно апелира до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, за зачувување на безбедноста на сите граѓани.
Фото: МВР
Македонија
Утре снежни врнежи, наместа снежната покривка ќе се зголеми и до 25 сантиметри, најавува УХМР
Облачно време со повремени локални врнежи од снег се очекува утре низ целата земја. Пообилни врнежи ќе има во западните делови, каде што висината на снежната покривка на планините и на некои повисоки места ќе може да се зголеми и до 25 сантиметри. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде помеѓу -8 и -2 степени, додека максималната ќе достигне од 0 до 6 степени, јавува УХМР.
За Скопје се најавува претежно облачно време со повремени врнежи од снег со послаб интензитет. Во Скопје, исто така, ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се движи околу -6, а максималната ќе биде до 2 степени.
Во наредните денови се очекува период на променливо облачно време со пораст на температурите. До сабота ќе продолжи претежно стабилно време, со појава на магла во поодделни котлини. Од сабота кон крајот на денот повторно се очекуваат локални врнежи од дожд, односно снег на планините и повисоките места.
Македонија
Полицијата ја тргнала плочката, а зад неа – 350.000 евра скриени во ѕидот: детали за падот на судијата
Единицата за корупција при Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал поднела кривична пријава против судијата Ѓоко Ристов (53) од Апелациониот суд Скопје, осомничен за „противправно стекнување и прикривање имот“ и „перење пари и други приноси од казниво дело“. Пријавата е доставена до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), соопшти МВР.
Според истрагата, Ѓ.Р. во периодот од февруари 2020 до денес не пријавувал промени во имотната состојба и дал лажни податоци за личниот и семејниот имот, кој, како што се наведува, значително ги надминува неговите законски приходи.
Од клучно значење за случајот се наодите од претресот извршен на 18 јануари 2026 во домот на родителите на осомничениот во Неготино. Таму, според МВР, полициските службеници забележале необични градежни активности во кујната, конкретно промени на ѕидните плочки. По отстранување на една од нив, откриена била дупка во ѕидот.
Во неа биле скриени 13 алуминиумски цилиндрични пакувања, во кои биле пронајдени вкупно 835 банкноти — 610 од по 500 евра и 225 од по 200 евра. Вкупната вредност на пронајдените пари изнесува 350.000 евра.
Обвинителството претходно денес побара куќен притвор за судијата, откако пред два дена беа пронајдени парите.
Фото: илустрација

