Македонија
Сведок во „Насилство во Центар“ вели дека немало насоки за насилни протести пред општинската зграда
Сведокот Томислав Лазаров, кој е осуден во случајот „Насилство во Центар“, а денеска сведочи за денот на протестите и што претходело на истите, пред судот рече дека како што тој известувал што се случува на седницата во Општина Центар, така се зголемувале тензиите пред бараките.
Даниела Рангелова како советник во Општина Центар немала комуникација со обвинетите во случајот, кажа Лазаров, по што дополни дека таа постојано реагирала и негодувала кога тој се обидувал да ја одолжи седницата за да не се изгласа дневен ред.
„Тоа го напоменав и во исказот во којшто наведов дека ниту еден од останатите членови на советничката група предводена од ВМРО-ДПМНЕ ниту имал ингеренции, ниту, пак, претпоставувам сакал да ги има за ваков настан. Даниела Рангелова постојано реагираше со негодување на сите мои укажувања, пренесувања на информации дека седницата треба да трае подолго за да не се усвои дневниот ред. Јас седев до неа на двете седници и имав можност колку-толку да видам со кого комуницира. Поголемиот дел од комуникациите на Рангелова беа со нејзиното семејство, но не и со лицата кои претходно ги споменав, а јас ги известував”, рече Лазаров на прашање од Рангелова дали ќе се согласи дека таа не учествувала во организација на протестите и не контактирала со Јанакиески и Божиновски.
Осудениот сведок Лазаров посочи дека немало насока од Јанакиски и Божиновски, кои ги спомена претходно, дека протестите треба да бидат насилни.
„Никој немаше добиено таква насока, во однос на партиската организираност на протестите, во ниту еден момент не беше воопшто споменато дека протестите треба да бидат и насилни“, рече Лазаров на прашање од адвокат кој дополнително кажа дека не ги познава Дарко Стојчевски, Даниел Трипуновски и Трајче Петковски, кои се обвинети во истиот случај.
За Јанакиески немал писмено известување дека е координатор на општинскиот комитет, чиј претседател во тоа време, бил самиот Лазаров.
„Мене како на претседстел освен дека сум именуван, а со тоа и член на ЦК немам друго писмено известување. Немав писмено известување за тоа кој е координатор на општински комитет. Кажав дека лично од страна на Миле Јанакиески дека тој ќе биде тоа. И кога беше направена промена на координатор, исто усно ми беше кажано. Тоа е по овие настани“, сведочеше Лазаров.
Насилствата во Општина Центар се случија во 2013 година кога група граѓани се собраа пред општината за наводно да ја одбранат изградбата на црквата „Свети Константин и Елена“. За овој случај беа објавени и прислушувани разговори во кои се слушаше како тогашниот премиер Груевски нарачува шлаканици за градоначалникот на Центар, Андреј Жерновски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

