Македонија
Светски ден на Алцхајмеровата болест: Во Македонија 40.000 лица живеат со деменции
Денеска, 21 септември, се одбележува Светскиот ден посветен на Алцхајмеровата болест.
Во земјата во моментов живеат околу 20.000 лица со Алцхајмерова деменција, а вкупниот број лица со деменции од сите типови достигнува и до 40.000. Во светот има околу 50 милиони лица со оваа болест, а до 2050 година се очекува овој број да се зголеми тројно и да достигне до 152 милиони.
Од Министерството за здравство информираат дека во изминатите три години е постигнат значителен напредок во дијагностицирањето на деменциите.
За таа цел, како што наведуваат од Министерството, дизајниран е посебен протокол, кој опфаќа проширени невропсихолошки тестови, лабораториски анализи за исклучување реверзибилни деменции, имаџинг-методи и најважно, одредување биомаркери за Алцхајмеровата болест.
Протоколот е дизајниран со тимска работа и мултипрофесионална експертиза од повеќе релевантни институции, меѓу кои: Универзитетската клиника за неврологија, Клиниката за психијатрија, генетската лабораторија при МАНУ, како и Институтот за нуклеарна медицина каде со помош на методата мозочен SPECT се диференцираат типичните и атипичните форми на Алцхајмерова болест и Фронто-темпорална деменција, а од овој месец и Институтот за имунологија и хумана генетика каде што се одредуваат биомаркерите за Алцхајмерова болест во цереброспинален ликвор.
„Со оваа дијагностичка метода се овозможува прецизна и рана дијагноза на Алцхајмеровата болест, која е неопходна за точна дијагноза кај сите лица кај кои постои сомнеж за ран почеток, на возраст под 65 години“, велат од Министерството за здравство.
Токму точната и навремена дијагноза на Алцхајмеровата болест е неопходна во раниот стадиум на болеста, со цел почнување со соодветен третман и донесување одлуки за натамошна грижа.
Алцхајмеровата болест се нарекува и епидемија на 21 век, имајќи предвид дека е најчестиот вид деменција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Уапсени возачи од Скопје и Куманово, возеле без возачка, одземени им се возилата
Полицијата уапси двајца возачи од Скопје и Куманово, возеле без положен возачки испит, одземени им се возилата.
Попладнево во 12:40 часот на патот Куманово-с. Липково, полициски службеници го лишија од слобода Ш.А.(31) од Куманово. При сообраќајна контрола, полициските службеници сопреле патничко возило „голф“ со кумановски регистарски ознаки, при што било констатирано дека возилото го управувал без положен возачки испит за управување на возило од Б категорија. Ш.А. е задржан во полициска станица, а возилото е одземено.
На 03.02.2026 во 13:00 часот на улица „Јустинијан први“ во Скопје, полициски службеници го лишија од слобода И.Џ.(20) од Скопје. При сообраќајна контрола, полициските службеници сопреле патничко возило „опел“ со скопски регистарски ознаки, при што било констатирано дека возилото го управувал без положен возачки испит за управување на возило од Б категорија. И.Џ. е задржан во полициска станица, а возилото е одземено.
По документирање на случаите, ќе бидат поднесени соодветни пријави по член 297-а од КЗ.
Македонија
Партиите со осуда за нападот врз новинарот Видиновски
Политичките партии го осудија нападот врз новинарот Александар Видиновски.
„Ги осудуваме нападите врз новинарот Александар Видиновски, кои се последица на бугарскиот национализам и шовинизам. Нападот врз новинарот Видиновски е напад врз слободата на говор и врз медиумите, од страна на структури кои разгоруваат омраза, а се мотивирани од бугарскиот национализам. Сите напади како овој врз новинарот Видиновски го разјадуваат општеството и ја подгреваат омразата, и мора веднаш да престанат“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Осуда стигна и од ЛДП.
„Либерално-демократската партија (ЛДП) најостро го осудува однесувањето на онлајн насилниците со коментари исполнети со говор на омраза кон новинарот на Канал 5, Александар Видиновски. Ваквиот начин на изразување и на воспоставување дијалог не е воопшто соодветен за било кое демократско општество. Ја изразуваме нашата поддршка за Видиновски, бараме независното новинарство да остане независно од секакви влијанија и бараме брза реакција на институциите за расчистување на случајот“, велат од ЛДП.
Македонија
Македонија и ОАЕ потпишаа Меморандум за размена на искуства во областа на развојот и модернизацијата на владата
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Дубаи оствари билатерална средба со вицепремиерот и министер за надворешни работи на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Абдула бин Зајед Ал Нахјан, во чии рамки беше потпишан Меморандум за разбирање меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Обединетите Арапски Емирати за размена на искуства во областа на развојот и модернизацијата на владата.

„Со Меморандумот се воспоставува институционална рамка за систематска соработка насочена кон унапредување на јавните политики, јакнење на административните капацитети, дигитална трансформација и примена на иновативни модели на управување“, соопштија од МНР.
Од таму додаваат дека потпишувањето на документот отвора нови можности за размена на знаења, експертиза и добри практики, како и за реализација на заеднички активности и проекти во области од заемен интерес, со цел зголемување на ефикасноста и квалитетот на владините услуги.
На средбата станало збор и за можноста за воспоставување директна авиолинија меѓу Скопје и Обединетите Арапски Емирати. Воедно бил направен сеопфатен преглед на билатералните односи, при што биле разгледани можностите за нивно натамошно продлабочување. Посебен акцент бил ставен на унапредувањето на политичката соработка, јакнењето на економските врски и интензивирањето на трговската размена меѓу двете земји.
Двете страни ја потврдиле заедничката определба за натамошно зајакнување на партнерските односи и развој на конкретни иницијативи кои ќе придонесат за одржлив економски раст, институционална ефикасност и продлабочена соработка меѓу Република Северна Македонија и Обединетите Арапски Емирати.

