Македонија
Свечена академија по повод 70 години на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“
Премиерот Зоран Заев вечерва се обрати на свечената академија по повод 70-годишнината од Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, која се одржа во Национална филхармонија и со која почнаа активностите од програмата по повод јубилејот на Универзитетот и по повод 24 Мај – Денот на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј, и Ден на просветните работници.
Обраќањето на премиерот Заев на оваа свеченост, на која присуствуваа членовите на ректорската управа на УКИМ, членови на Сенатот на Универзитетот, поранешни ректори, членови на Академијата на науките и уметностите, професори, студенти и други гости членови на академската заедница на нашата земја од странство, ви го пренесуваме во целост:
„Голема е честа да се биде вечерва тука и да се биде дел од оваа свеченост со која се одбележуваат 70 години од основањето на Универзитетот ‘Свети Кирил и Методиј’.
Прослава на еден голем јубилеј во чест на науката и образованието како основни светилници на патот кон подобра иднина за секоја заедница. Затоа, денот на основањето на Универзитетот ‘Свети Кирил и Методиј’ е и ден на високото образование во нашата земја. Седум децении оваа наша значајна институција го сее семето на знаењето, а нашата заедница ги жнее плодовите на академската и научната дејност на сите факултети и институти на првооснованиот универзитет во нашата држава.

Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје е првиот државен универзитет во Република Северна Македонија, формиран во 1949 година со три факултети. Денес, тој претставува заедница на 23 факултети, 5 научни институти, 4 јавни научни установи – придружни членки, 1 придружна членка – друга високообразовна установа и 7 придружни членки – други организации.
На Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје постојат студиски програми во сите научни области – природно-математичките, техничко-технолошките, медицинските науки и здравствoто, биотехничките, општествените, хуманистичките науки и во уметностите. Истражувачката работа, освен на факултетите, се одвива и на научните институти во состав на Универзитетот.
Сликата на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје јасно е претставена и низ следните бројки: во наставно-образовниот процес на сите факултети се вклучени повеќе од 60.000 студенти од Република Северна Македонија во прв и втор циклус на студии, како и повеќе од 700 странски студенти. Третиот циклус – докторски студии се реализира во рамките на Школата за докторски студии на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, со повеќе од 1.000 студенти. Во реализацијата на наставно-образовниот и научниот процес на факултетите и институтите учествуваат над 3.100 наставно-научни и соработнички, како и административни кадри.

Во досегашниот развој на Универзитетот се создадени речиси 150.000 високостручни кадри, над 10.000 магистри и специјалисти и приближно 4.000 доктори на науки во сите наставно-научни области. На овој универзитет се напојувале со знаење и со академски и научни вештини нашите членови на академската и научната јавност, членови на Академијата на науките и уметностите, професорите и наставниците во образованиот систем, научниците што сега се членови на врвни научноистражувачки институти во светот, нашите досегашни претседатели на државата, премиери, министри во владите.
Денес, во аулите и лабораториите на Универзитетот се образоваат и усовршуваат нашите идни истакнати членови на општествената заедница. Тие ќе ги испишат страниците на иднината на нашата земја како што нивните претходници ги испишаа страниците на значајното минато и на Универзитетот и на нашата земја. Историјата на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ е и историја на нашата земја. Во изминатите 70 години првиот државен универзитет во нашата земја ја исполнуваше својата мисија и со тоа ја исполнуваше визијата на нашата држава: да создаде институции како составни атрибути на стекнатиот вековен сон – државноста.
Оттаму, мисијата на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ да биде автономен, научен, високообразовен универзитет, кој ќе обезбедува наставна, научна и апликативна дејност во природно-математичките, техничко-технолошките, медицинските науки и здравството, биотехничките, општествените и хуманистичките науки и во уметностите, е државотворна мисија. Државотворна е и мисијата на Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ да биде посветен на негувањето и на интернационалната афирмација на традиционалните обележја и вредности на македонскиот народ, македонскиот јазик, историјата, литературата и културата и како да ги негува и афирмира и културните вредности на сите други етнички заедници во Република Северна Македонија.
Во духот на најдобрите традиции на универзитетите како автономни врутоци на знаењето, науката и образованието, нашиот прв државен универзитет ги отвори академските перспективи за сите студенти врз основа на еднаквост и резултати, без разлика на нивното идеолошко, политичко, етничко, културно и социјално потекло.
Роден на темелите на кои се создаваше и државата, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ ја усогласи својата академска понуда со потребите на своето социјално опкружување и на динамиката на процесите што го определуваа нашето општество и пулсира заедно во истиот ритам со кој нашата заедница поминуваше низ сите процеси, фази и премрежиња на современиот развој.
Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, имајќи го предвид своето место во европскиот академски простор, ја препозна својата мисија и во обврската да постигне европските норми и стандарди во сите области на своето дејствување. На остварувањето на оваа димензија од својата мисија Универзитетот е обврзан и од наследството на своите покровители – светите браќа Кирил и Методиј. Колку е извонредно важна и суштинска историската мисија на светите браќа говори фактот што денес тие се патрони на Европа, признание дадено од Ватикан, со цел да се потенцира нивното значење за единството на европските народи, чие културолошко мото е – единствени во различноста.
Таквиот космополитизам е есенцијата на заложбите на светите Кирил и Методиј, чие битие за навек се вкорени во културната историја на Европа, е големината на легатот што го наследи и Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ од Скопје во Република Северна Македонија.
Оттаму доаѓа и интернационализацијата како еден од главните приоритети на Универзитетот. Главната цел е да се зголемат и бројот на партнери во светот и бројот на договори. Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ има речиси 300 договори за програмата „Еразмус плус“. Минатата година Универзитетот стана дел и од програмата „Еразмус+ К107“, во која, покрај земјите членки на Европската Унија, се вклучени и Албанија, Бразил, Јапонија, Косово, Србија, САД, Кина и други земји. Народна Република Кина ја дава својата поддршка на овој кампус преку своите програми „Чајна ејд“ и преку Институтот „Конфучие“, кој тесно соработува со скопскиот универзитет со своја канцеларија во Народната и универзитетска библиотека „Свети Климент Охридски“.
Во таа насока и во насока на поддршка на интернационализацијата, Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Владата на Република Северна Македонија има силен партнер на кој може да смета во исполнувањето на оваа своја мисија. Наша должност е да бидеме сигурни дека она што го оставаме зад нас е силна поддршка на континуитетот на големите идеи на кои беше заснована и мисијата на светите браќа, на идејата на која беше засновано основањето на првиот државен универзитет во нашата земја. Дека таа поддршка е нашиот најдобар придонес.
Ако сме посветени на тоа, ако веруваме во пораката дека студентите денеска се лидерите на иднината, тогаш нашата обврска е уште поголема и поблагородна зашто знаеме дека таа мисла водилка ги водеше и нашите претходници од сите минати генерации. Во ерата на општества засновани на знаење, универзитетите имаа уште една посебна општествена мисија: да преземат водечка улога во вмрежувањето за да обезбедат еднаков и отворен пристапот до знаењето.
Во тоа име и во име на идните потфати на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ ви го честитам големиот јубилеј и ви посакувам академска иднина исполнета со успеси и високи достигнувања“, истакна Заев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ некогаш беше државтворна партија, а сега се занимава со трач муабети, реагира движењето ЗНАМ
Движењето ЗНАМ за Наша Македонија реагираше на, како што наведуваат, обвинувањата од СДСМ, оценувајќи дека партијата „бега од одговорност со навреди, етикетирања и лични дискредитации“.
Во реакцијата, од ЗНАМ наведуваат дека СДСМ, наместо да понуди аргументи и одговори за кономската и институционалната состојба во државата, се занимава со „озборувања“ и „трач муабети“.
Партијата оценува дека СДСМ, која некогаш беше државотворна партија, денес е сведена на фабрика за навреди, конструкции и политички отров, како и дека со улична реторика покажува нервоза и очај.
Од ЗНАМ нагласуваат дека движењето не е ничја квислиншка група, туку автентична политичка сила создадена од граѓани разочарани од владеењето на СДСМ.
Во реакцијата се споменува и периодот на владеење на Зоран Заев, при што се изнесуваат критики за, како што наведуваат, националните политики и управувањето со државата. Се споменува и поранешниот министер за здравство Венко Филипче, при што се посочуваат, како што стои во реакцијата, контроверзии и сомнежи за тендери и набавки.
„Политиките на Зоран Заев останаа запаметени како период во кој националните интереси се ставаа на распродажба без јасен консензус и без чувство за државничка мерка. Со рачето на срце се промовираше како чесен и достоинствен, а всушност државата ја претвори во сопствен приватен бизнис. Симболиката на „едно евро за Вицето, едно за црквата“, беше само дел што нештото го докажува. Ги распродадоа македонските национални позиции на ангро, без јасна стратегија и без поддршка, ја разнишаа довербата во институциите и ја продлабочија поделбата во општеството. И по сето тоа, истите тие кругови, истото тоа раководство, се обидуваат да зборуваат за морал и одговорност, како граѓаните да немаат паметење. Во периодот кога со здравството раководеше Венко Филипче, јавноста беше сведок на низа контроверзии, сомнежи за тендери, набавки и прашања на кои никогаш не доби целосни и транспарентни одговори. Златни визи, сомнителни бизнис релации и повластени шеми, сето тоа се случуваше во време кога СДСМ ветуваше „живот за сите“, а испорача привилегии за малкумина“, велат од ЗНАМ.
Од ЗНАМ дополнително оценуваат дека опседнатоста на СДСМ со наративи за т.н. ‘српски свет’ и со случувањата во соседна држава и нивната постојана потреба да отвораат фронтови и да се караат со сите, од политички партии до новинарие прашање што партијата треба да го решава во сопствени рамки.
Македонија
Нова опрема за анализа на тешки метали во почвата во Државната лабораторија за животна средина
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, денеска ја посети Централната лабораторија при Министерството, каде најави системско и координирано решавање на сите институционални предизвици.
Тој нагласи дека модерна и функционална Централна лабораторија претставува темел на ефикасната заштита на животната средина и гаранција за точни и навремени податоци во интерес на јавното здравје. Целта е да се обезбедат стабилни услови за работа и долгорочно унапредување на капацитетите.
Во рамки на посетата беше нагласено дека Лабораторијата успешно ја обнови акредитацијата за наредните четири години за вкупно 20 методи, од кои една за мерење на амбиентална бучава и 19 за индустриски отпадни води и за површински води. Она што следува е забрзување на процесот на акредитација на методите за мерење на загадувањето на воздухот од стационарни извори.
Дополнително,во рамки на посетата беше презентиран новиот ICP-MS инструмент, кој овозможува анализа на тешки метали во почва, вода и воздух и со кој значително ќе се унапредат аналитичките капацитети на Државната лабораторија за животна средина.
Македонија
Уставниот суд: Нема постапка за пензиите, запрена за Кривичниот законик
По 5. седница на Уставниот суд, претседателот Дарко Костадиновски и судијата проф. Осман Кадриу информираа за одлуките по предмети од поголем јавен интерес.
Судот не поведе постапка за оценување на одредби од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиско и инвалидско осигурување, кои се однесуваат на исплата на пензиите во земјата.
Подносители на иницијативите се Игорчо Точев, Љубомир Сандевски, Темелко Ристески и Кире Батев.
Претседателот Костадиновски изјави дека мнозинството судии оценило оти пензионерите кои ја примаат пензијата во државата и оние што ја примаат надвор од неа се во иста правна, но не и во иста фактичка состојба. Според него, за повреда на членот 9 од Уставот, кој се однесува на еднаквоста, потребно е субјектите да бидат во иста правна и фактичка положба, што во овој случај не е исполнето.
Тој посочи дека мерката има социјален карактер и легитимна цел – ублажување на последиците од растот на трошоците и инфлацијата. Додаде дека по истекот на времените услови утврдени со мерката, се враќа редовното законско усогласување на пензиите, кое важи и за лицата што не живеат во земјата.
Судијата-известител Осман Кадриу изјави дека предложил да се поведе постапка, но не добил мнозинство гласови. Тој оцени дека со оспорените одредби се врши дискриминација врз пензионерите кои живеат надвор од државата и дека им се ускратуваат правата на зголемување и усогласување на пензиите.
Во однос на предметите У.бр.162/2023 и У.бр.163/2023, кои се однесуваат на измените на Кривичниот законик, Судот ја запре постапката, оценувајќи дали Законодавецот постапил согласно насоките од претходното решение со кое беше поведена постапка.
Мнозинството судии констатирале оти во формален аспект Законот е донесен согласно процедурите. Во однос на материјалната уставност, дел од судиите сметале дека новото решение не е идеално, но е подобро од претходното.
Тој нагласи дека евентуално поведување нова постапка и укинување на законот би создало правен вакуум и правна празнина во санкционирањето на злоупотребите на јавни средства, поради што мнозинството одлучило да ја запре постапката, водејќи се од принципите на правна сигурност и предвидливост.
Судијата Кадриу изјави дека гласал против запирањето на постапката, наведувајќи дека, иако Законодавецот ја испочитувал формалната процедура, не постапил целосно по одлуката на Уставниот суд во материјалниот дел.

