Македонија
Свечена заклетва на триесет слушатели на курсот за офицери на Армијата на Македонија, Петровска им порача дека стануваат дел од семејството што се грижи за безбедноста на земјата
Триесет млади граѓани, идни офицери на Армијата на Република Северна Македонија на Воената академија во Скопје, дадоа свечена заклетва по што ќе почнат со своето школување на Воената академија. На свеченоста свое обраќање имаше министерката за одбрана, Славјанка Петровска, која на слушателите на курсот за стручно оспособување и усовршување офицери им порача дека оваа заклетва преставува нешто многу повеќе од изговорените зборови и дека ја симболизира нивната непоколеблива посветеност на каузата која е поголема од нив самите.
„Како идни офицери, ќе ја носите тежината на одговорноста на вашите рамена. Ќе бидете повикани да водите со храброст, интегритет и разбирање. Ќе ви бидат доверени животите на оние што ќе бидат под ваша команда, а одлуките што ќе ги донесете ќе имаат големо влијание врз нивната благосостојба, но и безбедноста на нашата татковина. Затоа, посветено и внимателно учете ги содржините за време на курсот, усовршите ги своите вештини, а вашата цврстина и посветеност нека ги надминат сите предизвици“, рече Петровска.
Министерката Петровска на идните офицери, кои доаѓаат од разни гранки на дејности, им упати благодарност што одговорија на повикот и им порача дека нивната храброст и посветеноста на должноста го претставуваат најдоброто од нашата земја. Идните офицери, рече таа, не се сами на патот кон стекнување на првиот офицерски чин.
„На ова патување не тргнувате сами. Имате целосна поддршка од вашите колеги, вашите професори и нашата земја, која длабоко ја цени вашата жртва и служба. Вие станувате дел од заедница, дел од семејство“, потенцира Петровска.
Деканот на Воената академија, полковникот Митко Богдановски, истакна дека Академијата, именувана по генералот Михаило Апостолски, е симбол на патриотизам, храброст и издржливост.
„Наследството на генерал Апостолски е инспирација за сите што се дел од оваа институција и нè потсетува на жртвите положени за нашата слобода и независност“, истакна Богдановски.
Тој додаде дека со давањето на свечената заклетва нашите идни офицери гордо презедоа одговорност и целосна посветеност на одбраната и безбедноста на нашите граѓани и на сојузниците.
На денешната свеченост присуствуваше и командантот на Командата за обука и доктрини, полковник Васко Коколански, претставници од Воената академија, други гости од Министерството за одбрана и Армијата, како и членови на семејствата на слушателите на курсот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДИК: ВМРО-ДПМНЕ освои 59 мандати, СДСМ 19, Европски фронт 18, ВЛЕН 13, Левица 6 и ЗНАМ 5 мандати
Државната изборна комисија ги објави првичните резултати за парламентарните избори, а бројките ги потврдија пресметките на партиските штабови.
„На ниво на држава по мандати коалицијата ’Твоја Македонија’ со ВМРО-ДПМНЕ освои 59 мандати, коалиција ’За европска иднина’ со СДСМ 19 мандати. Коалицијата ’Европски фронт’ има 18 мандати, коалиција ВЛЕН 13 мандати, политичка партија Левица 6 мандати и ЗНАМ 5 мандати. Може да се случат некои мали промени да претрпат овие бројки. 94,05 е голем процент на обработени податоци, не верувам дека ќе има некои сериозни промени. Тоа ќе го знаеме веќе утре“, рече претседателот на Државната изборна комисија, Александар Даштевски.
Вечерва почнаа да течат и рокови за приговори за парламентарните избори. Приговори за текот на гласањето може да се поднесат до 19 часот на десетти мај, а приговори за сумирање и утврдување резултати до 23.30 часот исто така на десетти мај.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ ја слави двојната победа, Мицкоски порача: Сите кои што мислеа дека можат да ја уништат Македонија, завршија на буниште
Членовите на партијата ВМРО-ДПМНЕ, заедно со своите симпатизери ја слават победата на претседателските и парламентарните избори на плоштадот во Скопје.
На насобраните луѓе им се обрати лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Ја ослободивме Македонија. Сите тие кои што мислеа дека можат да ја ограбат Македонија, да ја понижат, да ја уништат, денеска завршија на буниште, а набргу ќе одговараат“, порача тој.
Мицкоски претходно ги повика граѓаните да дојдат на плоштадите низ сите градови на Македонија заедно да ја прослават победата.
Македонија
Ахмети: ДУИ е втора сила во државата
ДУИ е втора сила во државата, изјави вечерва лидерот на интегративците, Али Ахмети.
„Ние Европскиот фронт сме втора сила во државата. Ние всушност го имавме ВМРО-ДПМНЕ како главен противник, затоа што ВМРО многу му помогна на Влен, но разликата помеѓу Европскиот фронт и Влен е преку 30.000 гласови“, рече Ахмети.
Според официјалните податоци на ДИК, ДУИ освои 18 мандати, коалицијата Влен освои 13 мандати.
ВМРО-ДПМНЕ која извои убедлива победа со 59 пратеници и ќе го добие мандатот за формирање Влада, најави дека ќе почне преговори со Влен за коалицирање. Партискиот лидер, Христијан Мицкоски и вечерва повтори дека е време ДУИ да замине во опозиција.