Македонија
СДСМ: Автокефалноста на МПЦ – Охридска архиепископија е важен историски настан
СДСМ на сите православни верници и на сите граѓани им го честита прифаќањето на автокефалноста на Македонската православна црква – Охридска архиепископија со уверување дека со заеднички напори на поглаварот на МПЦ-ОА, г. г.Стефан, Синодот и државниот врв набргу ќе дојде до потпишување на Томосот за целосно признавање на автокефалноста на Охридската архиепископија од страна на вселенскиот патријарх, г.г. Вартоломеј, се вели во соопштението од СДСМ.
Од партијата наведуваат дека ова е радосен момент за сите православни верници од Северна Македонија, важен историски настан и за македонскиот народ, но и за сите граѓани како резултат на сите досегашни напори и процеси што беа спроведени во државата.
Со прифаќањето на МПЦ-ОА во канонско единство со другите православни цркви полека се затвора уште едно повеќедецинско отворено прашање и истовремено се заокружува македонската самобитност и независност на што траен белег е МПЦ-ОА.
Благодарение на одлуката на вселенскиот патријарх г. г. Вартоломеј и нејзино прифаќање од Српската православна црква се прекина повеќедецениската сестрана изолација и стаблирањето на МПЦ-ОА како рамноправен меѓународен ентитет во православната екумена.
Поколенија и поколенија претходници и наши најистакнати дејци два и пол века сонуваа за она што денес го доживеа МПЦ-ОА и ние како народ, граѓани и држава, се вели во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски: Се реализира проектот за изградба на училишна фискултурна сала во ООУ „Наум Охридски“
Премиерот Христијан Мицкоски преку социјалните мрежи информира дека се реализира проектот за изградба на училишна фискултурна сала во ООУ „Наум Охридски“ во населено место Црешево во Општина Гази Баба.
Како што посочува премиерот, проектот опфаќа реализација на современ спортски објект без гледалиште, наменет за изведување на наставата по физичко образование и рекреативни активности.
Со изградбата на овој објект, како што стои во објавата на Фејсбук, се создаваат безбедни, функционални и современи услови за физичка активност на учениците, што директно придонесува за нивниот здрав развој, зголемена физичка активност и подобар квалитет на образовниот процес.
-Проектот претставува значаен чекор во унапредувањето на училишната инфраструктура и вложување во иднината на младите генерации. Инвестицијата изнесува 33.047.868 денари, средства обезбедени од Буџетот на Владата преку Министерството за образование и наука. Проекти за трајна промена – темели за сигурна иднина, се посочува во објавата на премиерот Мицкоски.
Македонија
Затворен патот кон ХЕЦ Козјак поради голомразица
Патниот правец кон ХЕЦ Козјак е затворен за сообраќај поради појава на голомразица, информираат надлежните служби. Возачите се повикуваат на зголемена внимателност и да не се упатуваат кон овој правец сè додека не се подобрат условите за возење.
Во меѓувреме, сообраќајот на регионалниот пат Дебар – Маврово е нормализиран и се одвива без поголеми проблеми. На останатите државни патишта, сообраќајот тече непречено, по наместа влажни коловози.
Потсетување дека од 15 ноември 2025 година е во сила законската обврска за задолжително поседување зимска опрема во возилата, без разлика на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе важи до 15 март 2026 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен, а на граничните премини, од македонска страна, засега нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Македонија
Утрово најстудено во Струмица
Најниска температура од -6 степени Целизусови утрово е измерена во Струмица, соопшти УХМР. Следат Скопје-Петровец со -4 степени, -3 Гевгелија, -2 Кавадарци, Попова Шапка, -1 Скопје-Зајчев Рид, Тетово, 0 Kрушево, 1 Куманово, Лазарополе, Mаврови Анови, 2 Берово, 4 Прилеп, Битола, Велес, Виница, Штип, 5 во Крива Паланка и Демир Капија и 6 во Охрид.
Во изминатите 24 часа до 7 часот утрово најмногу воден талог е измерен во Лазарополе од 24 литри на м2, 12 во Пожаране, 9 Маврови Анови, 3 Попова Шапка, 2 Крушево и 1 л/м2 во Охрид.
Времето денеска ќе биде променливо облачно. Во западните делови ќе има повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини од снег. Ќе дува умерен, наместа повремено засилен ветер од јужен правец.
Максималната температура ќе биде во интервал од 6 до 12 степени.
Во Скопје, променливо облачно. Во делови од котлината ќе има услови за повремен слаб дожд. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Максималната температура ќе достигне до 8 степени.

