Македонија
СДСМ: Арсовска е избрана да го понесе поразот во Скопје
Дури и кадрите на Груевски не сакаат да бидат официјални кандидати на ВМРО – ДПМНЕ, Арсовска е избрана да го понесе поразот во Скопје, реагираат од СДСМ по објавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, дека партијата ќе ја поддржи Данела Арсовска за градоначалник на Скопје.
„Независната кандидатура на Даниела Арсовска, кадарот на бегалецот Никола Груевски, е уште една потврда дека и во ВМРО-ДПМНЕ знаат дека на претстојните локални избори ги чека уште еден пораз. Почесниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ ја избра почесниот конзул на Унгарија и поранешен партиски донатор да се жртвува во кампањата за градоначалник на Скопје. Таа е избрана само да го понесе поразот во Скопје“, велат од СДСМ.
Наместо кандидатура со печат на ВМРО-ДПМНЕ, додаваат од таму, Арсовска ќе се обиде да глуми наводна независност, ама со потписите на партиските членови на ВМРО – ДПМНЕ.
„Како и да ги пакува партиските кандидати Мицкоски не може да ја избегне казната што граѓаните ќе му ја испорачаат бидејќи упорно ги потценува и се обидува да ги прелаже со веќе видени трикови. После 27 годишно уништување на Скопје од страна на ВМРО ДПМНЕ не проаѓа глумењето кандидати, ниту пак потценувањето на скопјани. Јасно е, Петре Шилегов со својот резултат и сработеното во Скопје е најдобрата понуда за скопјани и сигурен победник на изборите“, велат од СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Значајни одлуки за напредокот на граѓаните, демократијата и европската иднина на државата на денешната владина седница, соопшти Митева
На денешната седница Владата донесе низа значајни и суштински одлуки кои јасно ја потврдуваат нашата определба и конкретната посветеност кон исполнување на обврските од процесот на пристапување во Европската Унија, но и кон заштита на јавниот интерес и демократските вредности, изјави владината портпаролка Марија Митева.
„Владата денес направи уште еден силен и долгоочекуван чекор во насока на заштита на слободата на изразување и јавниот интерес.
Формиравме работна група за воспоставување механизам за заштита од злоупотребата на т.н. стратешки тужби против јавното учество, тема за која со години зборуваат и бараат новинарите и медиумската заедница.
Ова е јасен сигнал дека оваа Влада има слух, храброст и проактивност да се соочи со суштински прашања“.
Дополнително, истакна таа, со усвојувањето на Законот за органско земјоделско производство се правим важен исчекор во поддршката на малите земјоделци.
Законот како што појасни, овозможува олеснета сертификација преку намалување на трошоците за инспекција и сертификација, што директно придонесува за поконкурентен пласман на органските производи на пазарот.
Истовремено, се унапредува и правната рамка со појасни, попрецизни и применливи одредби, усогласени со европските стандарди.
„Со ова, исполнуваме уште една обврска која произлегува од процесот на пристапување во ЕУ.
Ние продолжуваме да носиме одлуки кои значат напредок и за граѓаните, и за демократијата, и за европската иднина на државата“.
Македонија
Утре претпладне претежно облачно, кон крајот на денот и во текот на ноќта со врнежи од дожд
Времето утре претпладне ќе биде претежно облачно, а кон крајот на денот и во текот на ноќта облачноста ќе се зголеми и најпрвин во западните делови, а потоа насекаде ќе има врнежи од дожд, а на повисоките планини слаб снег. Ќе дува слаб до умерен јужен ветер.
Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 2, а максималната ќе достигне од 8 до 12 степени.
Во Скопје, ќе биде облачно, а попладне со повремен дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Утре кон крајот на денот и во четврток, повторно ќе има локални врнежи од дожд, а на планините од слаб снег. Во петок и недела ќе преовладува претежно облачно време со услови за слаби локални врнежи од дожд и снег, а во сабота и понеделник ќе биде променливо облачно.
Македонија
Одбележан Меѓународниот ден на сеќавање на жртвите на Холокаустот
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, денеска го одбележа 27 јануари – Меѓународниот ден на сеќавање на жртвите на Холокаустот.
На овој настан, заменик министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски, имаше поздравно обраќање при што оддаде почит кон жртвите и денешните наследници на македонските Евреи кои во 1943 година биле присилно депортирани. Тој нагласи дека, како полноправна земја членка на ИХРА, македонската Влада останува цврсто посветена на борбата против антисемитизмот, искривувањето на историските факти и негирањето на Холокаустот. Изрази надеж дека преку доследна едукација на младите генерации за Холокаустот ќе можеме како цивилизација да спречиме антисемитски акти во сите нивни форми.
Во рамки на настанот, обраќања имаа амбасадорката на Државата Израел, Вивиан Аисен, како и претседателот на македонската Еврејска заедница, Пепо Леви. Одбележувањето беше проследено со сведоштво за единствената преживеана Еврејка од Штип, Шела Алтараз. Ученици од Основното училиште „Димитар Влахов“ од Штип, изведоа краток сценски перформанс со наслов „Писмо од Треблинка“. Во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија беше отворена и изложба посветена на жртвите на Холокаустот, прикажана низ детска перспектива.
Нашата држава е полноправна членка на Меѓународната алијанса за сеќавање на Холокаустот (IHRA). Во Скопје се наоѓа Меморијалниот центар на Холокаустот на македонските Евреи, како еден од ретките вакви центри во светот. Евреите од тогашна Македонија, во ноќите на 11 март 1943 година, биле присилно собрани и депортирани во логорот Треблинка, во окупирана Полска, од каде што никогаш не се вратиле во своите домови во Штип, Битола и Скопје. Станува збор за 7.144 жртви. Активностите на државата се насочени кон почитување на историските факти и зачувување на колективното сеќавање на Холокаустот, со јасна и трајна порака: никогаш повеќе.

