Македонија
СДСМ: Арсовска ниту довршува наследени проекти, како изградбата на „Есенинова“, ниту реализира свои

Данела Арсовска потроши три месеци од мандатот без да реализира свои проекти, но и наследени проекти кои се во поодмината фаза. Еден од нив е улицата Есенинова, проект започнат од претходниот градоначалник, а сега заборавен од Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ, обвинуваат од владејачкиот СДСМ.
„ Овој проект е исклучително важен за граѓаните на општините Кисела Вода, Аеродром и Центар затоа што со оваа сообраќајна траса се поврзуваат булеварите „Борис Трајковски„ и „Трета Македонска Бригада“. Изградбата на оваа улица ќе го намали сообраќајниот метеж во овој дел од градот, но и ќе го намали времето за патување меѓу овие две општини.
За жал, како сè што е од интерес на граѓаните и оваа улица не ја интересира градоначалничката Арсовска. Оваа изградба требаше одамна да биде завршена, како и другите реконструкции на важни улици започнати од претходниот градоначалник. Но, Арсовска наместо да довршува наследени проекти и да реализира свои, се посветува само на нивелирање шахти и партизација на администрацијата.
Арсовска и сите други градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ знаат да работат само на штета на граѓаните и за лични и партиски интереси“, се наведува во соопштението на СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
На Надзорната расправа во Собранието обединети експерти, активисти и политичките чинители, голем чекор во борбата за чист воздух, велат од Левица

„Вчера во Собранието на Република Македонија се одржа значајна Надзорна расправа посветена на аерозагадувањето, со учество на граѓански организации, експерти и некои претставници на институциите, на иницијатива на Левица. Оваа расправа беше важен чекор кон барање на соодветни решенија за еден од најголемите еколошки проблеми во земјата“, велат од партијата Левица.
„Свои излагања имаа активисти од „Еко свест“, „Грин Пауер“ и „О2 Иницијатива“, како и правници кои укажаа на недостатокот од стратешки документи за справување со загадувањето. Присутните нагласија дека постои сериозен институционален јаз, односно дека обвинителството и судовите слабо постапуваат во случаи на еколошки криминал, а политичката одговорност за оваа состојба речиси и да не постои.
Еден од клучните проблеми што беа посочени е неконтролираниот увоз и користење на загадувачки горива, за што институциите немаат доволно капацитет за надзор. Во таа насока, беше нагласена итната потреба од донесување Закон за контрола на индустриските емисии и Протокол за контрола на горивата, како суштински алатки за подобрување на квалитетот на воздухот.
Иако беа поканети, клучните владини претставници, меѓу кои и премиерот и министерот за животна средина, не присуствуваа на расправата, што остава впечаток на игнорирање на проблемот. Со ова се потврди неспособноста, незаинтересираноста и сервилноста на владејачките елити пред крупниот капитал. Додека народот се гуши во загаден воздух, клучните носители на власт – премиерот Мицкоски, министерот Меџити и неговата заменичка Лашоска – не најдоа за потребно ни да се појават. Сепак, расправата заврши со конкретни препораки што ќе бидат преточени во заклучоци кои институциите би требале да ги спроведат.
Овој настан ја покажува силата на граѓанскиот притисок и експертската аргументација во процесот на креирање на подобри еколошки политики кога во законодавниот дом има слух од политичките чинители. Борбата за чист воздух продолжува, со надеж дека институциите конечно ќе преземат конкретни мерки за заштита на здравјето на граѓаните“, соопшти Левица.
Македонија
„Бетон и корупција го гушат Чаир, кој ќе сноси одговорност“, прашува ДУИ

„Наместо да ја префрла вината и да измислува оправдувања за своите неуспеси, градоначалникот на Општина Чаир треба да им даде одговори на граѓаните за урбаниот хаос и неконтролираното бетонирање што го уништува овој град. Нема воздух, нема простор за деца, нема место за движење, нема осветлување. Има само бетон и корупција“, велат од ДУИ.
„Секој агол на оваа општина е претворен во приватен пазар каде градежните дозволи не се издаваат за развој, туку за лични профити на мала група луѓе.
Ова е вистинското лице на лошото владеење што го уништува Чаир и секојдневниот живот на неговите жители.
Наместо да ги заштити граѓаните, општината ги тргува нивните интереси. Наместо да донесе паметни инвестиции и проекти што го подобруваат животот, таа дозволи масивни дивоградби што ја уништуваат оваа општина.
А денес, кога граѓаните бараат отчет, градоначалникот на општината се обидува да најде имагинарни непријатели за да ја скрие својата неспособност и корупција.
Кој ги гради овие монструозни згради без дозволи, без паркинг места, без минимална инфраструктура?
Кој го бетонира секој агол од Чаир, правејќи го градот неподнослив за неговите жители?
Кој носи одлуки во темница, претворајќи ги улиците и јавните простори во приватни имоти?
Оваа неспособна и корумпирана администрација го дозволи овој урбан масакр, фаворизирајќи мала група олигарси додека граѓаните ги трпат последиците на овој хаос.
Овие одлуки ги донесе токму оваа администрација, ова корумпирано владеење што ја гледа општината како отворен пазар за лични профити.
Чаир е во криза и граѓаните веќе не можат да ја поднесат оваа реалност.
Наместо зеленило, тие дишат прашина. Наместо средени улици, тие чекорат низ хаос.
Наместо жива општина, тие гледаат немилосрдно бетонирање што ги исклучува од сопствениот град.
Доста со оправдувања. Доста со лаги. Градоначалникот на Општина Чаир мора да даде отчет за оваа урбана катастрофа. Не може да продолжи да се крие зад празна реторика додека градот пропаѓа под тежината на корупцијата.
ДУИ ќе продолжи да го брани Чаир од оние што сакаат да го претворат во град без живот, без план, без иднина. Времето на молкот заврши. Сега е време за одговорност!“, се наведува во соопштението на ДУИ.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди

Променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 5, а максималната ќе достигне од 6 до 12 степени.
Во Скопје, променливо облачно, претпладне во делови од котлината со појава на магла. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
Следува период на променливо облачно време со услови за појава на утринска магла по котлините. Локални врнежи од дожд ќе има од четврток, а поради продор на постудена воздушна маса од север во недела на планините и на некои повисоки места врнежите ќе бидат од снег.