Македонија
СДСМ веќе е крената на нозе, рече Венко Филипче
Задоволен сум што преку еден инклузивен и отворен процес заедно со членството успеавме да ја издигнеме партијата, СДСМ е веќе крената на нозе, ги брани интересите на граѓаните и силно се противи на погрешните политики на власта, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче, вечерва во Битола, каде заедно со заменик претседтелката Фани Каранфилова Пановска и потпретседателот Методија Илиевски присуствуваа на изборна конференција на општинската организација на СДСМ од овој град.
СДСМ не е веќе истата партија од пред изборите, интензивно сме на терен, помеѓу членовите, да го слушнеме нивниот глас и заедно да ги дефинираме следните чекори, додаде Филипче.
-Преку отворени дискусии и размена на идеи, продолжуваме да ја зајакнуваме партијата и да ги дефинираме следните активности. Како што ветив, членовите имаат активна улога во креирањето на политиките кои ќе ја обликуваат иднината на партијата. Отворена врата за секого и заедничко делување. Комуникацијата со членството, со базата е веќе на многу повисоко ниво, достапноста и присутноста на раководството е значително зголемена. Тоа ќе биде дел од новиот начин на функционирање на СДСМ и во иднина, рече Филипче.
Филипче му честиташе на новоизбраниот претседател на ОО СДСМ Битола, другарот Методија Куновски и му посака успешна работа, потенцирајќи дека процесот за избор на претседатели на општинските оганизации на СДСМ привршува успешно.
-Во завршна фаза е целиот процес за избор на претседатели на општинските организации на СДСМ, овој месец привршуваат изборните конференции и во останатите општини. Изборот на луѓето е со широк консензус во рамки на самата партија и во рамки на општинските организации и тоа наша вредност, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче вечерва во Битола.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Скопје руши рекорди по загаденост, утрово е втор град во Европа
Според светскиот сервис IqAir Скопје утрово е на 20 место во светот, а второ во Европа по загаден воздух.
Доколку се следат податоците од апликациите кои ја мерат загаденоста на воздухот, Скопје и утрово е град со многу висока загаденост. Според светскиот сервис IqAir Скопје утрово е на 20 место во светот, а второ во Европа по загаден воздух.
Најзагаден воздух утрово дишат жителите на населбата Илинден.
Министерството за животна средина алармираше дека е надминат прагот на алармирање. Загадувањето во Скопје е децениски проблем особено во зимскиот период и времетраењето на грејната сезона.
Македонија
Студено утро со измерени -5 степени во Берово
Најстудено изутринава е во Берово, каде се измерени – 5 степени, по што следуваат Битола и Струмица, -4, Скопје-Петровец и Штип, – 3, Демир Капија, Велес и Куманово, – 2. Во Тетово, Скопје-Зајчев Рид, Кавадарци, Гевгелија, Прилеп, Mаврови Анови и Претор температура од – 1, Крива Паланка, Попова Шапка, 0, Охрид, 1, Виница и Kрушево 2, информира Управата за хидрометоролошки работи (УХМР).
Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб ветер од југоисточен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 6 до 13 степени.
Во Скопје, променливо облачно и тивко со појава на магла. Максималната температура ќе достигне до 7 степени.
УХМР најави дека до вторник ќе се задржи стабилно и претежно тивко време. По одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Од вторник кон крајот на денот и во следните денови ќе има повремени локални врнежи од дожд. На планините и на повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Ќе се менува проводник на далновод во Прилеп, градот неколку часа ќе биде без струја
Прилеп и приградските населби утре претпладне, од 6:30 до 11 часот, ќе останат без напојување со електрична енергија.
Како што информираат од АД МЕПСО, исклучувањето се врши поради планирани активности на електропреносната мрежа, кои опфаќаат демонтажа на старо проводно јаже од 110 киловлти за далноводот ТС Битола 1- ТС Прилеп 1 и монтажа на нов проводник. На замената ќе работат стручните екипи на АД МЕПСО.
Согласно со планираната динамика, работите ќе траат најмногу четири и пол часа, по што напојувањето со електрична енергија во Прилеп ќе биде повторно воспоставено.
Од АД „МЕПСО“ до корисниците апелираат за разбирање, имајќи предвид дека станува збор за планирани зафати од значење за сигурно и стабилно функционирање на електропреносниот систем.

