Македонија
СДСМ: Владата намерно не бара екстрадиција на Груевски
Владата призна дека нема поднесено ново барање за екстрадиција на осудениот поранешен премиер и бегалец од правдата, Никола Груевски, велат од СДСМ.
Ова признание, според нив е директна потврда на сè што имаат кажано.
„Признанието го руши секој нивен изговор и ја открива вистинската врска меѓу ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски. Владата на Мицкоски е заробена од бегалец од правдата, кој од туѓа држава диктира што треба да се случува во Македонија.
Од Будимпешта Никола Груевски е вистинскиот центар на одлучување во ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски е само негов извршител“.
Тоа како што додаваат од опозициската партија, се гледа и по политичките чекори кои ги презема, злоупотреба на државни институции во партиски цели, злоупотреба на полиција, АНБ, УЈП, инспекции.
„Напад врз независни институции, политичка хајка против опозицијата, меѓународна изолација, блокирани реформи, намалување на слободата на медиумите. Копија на матрицата на нивниот ментор Никола Груевски.
СДСМ ќе се спротивстави на овие обиди Македонија повторно да биде заложник на Никола Груевски и на ретроградни политики кои граѓаните ги поразија“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Забрана за камиони на неколку патни правци поради врнежи од снег
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, на повисоките места, во западните делови од државата со мали остатоци од кашест снег на коловозот, извести АМСМ
Врнежи од снег со променлив интензитет се бележат на Попова Шапка, во Маврово и на планинскиот премин Стража. На планинскиот премин Буково врнежите се од дожд и снег.
Поради врнежи од снег воведена е забрана за сообраќај за тешки товарни возила на патниот правец Гостивар – Кичево преку планинскиот премин Стража, како и на патниот правец крак Маврово – Дебар.
На патниот правец Тетово – Попова Шапка е воведена забрана за сообраќај за автобуси, а за останатите видови на возила задолжителна е употреба на зимска опрема.
Македонија
Делови од Илинден, Ѓорче Петров и Кисела Вода денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 08:30 до 13:00 часот дел од улицата 19 во населба Илинден, oпштина Илинден;
· во периодот од 08:30 до 14:00 часот дел од корисниците во населба Волково, поточно улиците: 95, 100, 101, 102 и 103, општина Ѓорче Петров;
· во периодот од 08:30 до 14:30 часот дел од корисниците на улицата Јустинијан Први во село Драчево, поточно делот од Маркет – Вајота кон село Студеничани, општина Кисела Вода;
· во периодот од 09:00 до 14:00 часот дел од улицата Герника, општина Кисела Вода.
Македонија
Дел од Центар денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради изведување на водоводен приклучок ф-125мм на улицата Светозар Марковиќ бб, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од улицата Светозар Марковиќ и дел од булеварот Кочо Рацин, вклучително и објектот на Веро Џамбо, општина Центар.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.

