Македонија
СДСМ: Владата спроведува мерки од 200 милиони евра за зачувување на секое работно место
Владата спроведува мерки од 200 милиони евра за зачувување на секое работно место, а ВМРО-ДПМНЕ сака да земе пари од граѓаните, велат утрово од владејачкиот СДСМ преку соопштение.
„Владиниот пакет економски мерки вреден 200 милиони евра со цел ублажување на економскиот удар предизвикан од коронакризата е утврден врз основа на сериозни и темелни анализи преку коишто Владата ги дефинираше бројките на загрозени работни места и компании.
Оттука, пакетот опфаќа помош за најмалку 250.000 работници и околу 35.000 компании, што е речиси 50% на регистрирани правни субјекти во приватниот сектор .
Економските мерки овозможуваат помош за работниците, за стопанството, за микро, малите и средните претпријатија, за дуќаните, занаетчиите, за спортистите и уметниците и за сите граѓани кои се дел од неформалната економија.
Зачувувањето на секое работно место е од клучно значење и затоа се обезбеди помош од 14.500 денари приход за сите што ќе бидат погодени од кризата. По принципот на солидарност, функционерите на државни и јавни институции во наредните два месеца ќе примаат минимална плата од 14.500 денари.
Јасна е разликата помеѓу преземените мерки на Владата коишто обезбедуваат месечна поддршка од 60 милиони евра и предлозите на ВМРО-ДПМНЕ со срамна поддршка за речиси 50% помалку од тоа што ние го обезбедуваме.
Моделот предложен од страна на ВМРО-ДПМНЕ и категоризацијата на бизнисите според нивото на претрпени штети и добивање поддршка ги става во поповолна состојба сите подобро платени работни места, наспроти пониско платените работни места.
Сите анализи и фактите го покажуваат дека мерките што ги предлага ВМРО-ДПМНЕ се несериозни и неодговорни.
Тоа значи значително помалку средства вбризгани директно во стопанството, помалку пари кај граѓаните, намалување на потрошувачка, но и помалку задржани работни места . Затоа што со помала поддршка, компаниите се склони полесно да се откажат од работниците.
И во ова тешка здравствена и економска криза, несериозноста на ВМРО-ДПМНЕ и на Христијан Мицкоски, кои се научени само да земаат, оди до таму што сакаат да им ги земат парите на граѓаните од вториот пензиски столб.
Ова е време кога солидарноста треба да се покаже на дело, да даваме таму каде што нема, да кратиме на непродуктивни трошења и намалување на платите.
Уверуваме дека никој не е сам и никој нема да биде заборавен. Државата е тука за сите граѓани и прави сè за сите полесно да ја пребродат кризата“, се наведува во соопштението на СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) „Сопственикот на фирмата со 51 тендер бил член на Избирачки одбор од ВМРО-ДПМНЕ“, вели Огњеновиќ
„Скандалот што го објави Антикорупцискиот тим на СДСМ за фаворит фирмата на ВМРО која од општините добила 51 тендер вредни 16 милиони евра има и друга позадина која денеска ја откриваме. Кој е сопственикот на „Пирамид билдинг солушнс“ која добила 51 тендер, вредни неверојатни 16 милиони евра и како е поврзан со ВМРО-ДПМНЕ“, прашува Петар Огњеновиќ, член на Извршниот одбор на СДСМ.
„Станува збор за извесен Петар Доновски. Петар Доновски бил член на Избирачки одбор од ВМРО-ДПМНЕ, на Избирачко место 2680 во Општина Аеродром. По престанување на мандатот на Доновски, ВМРО-ДПМНЕ на негово место назначува друг партиски претставник.
Дали сега е јасно за поврзаноста со ВМРО и политичкото влијание?
Само од општина Аердором оваа омилена фрима има добиено 22 тендери. Ако ова не е конфликт на интереси и политичко влијание врз доделувањето на тендерите тогаш што е?
Уште ли ќе чекаат Јавното обвинителство, ДКСК и Финансиската полиција?
Ние секојдневно ќе ги прозиваме. Не само за овој нов случај со 51 тендер, туку и за за скандалите со 161 тендер за една фирма, 9 милиони евра за друга, 1,2 милиони евра за фирмата блиска до ЗНАМ од Пошти.
Но овој скандал открива и нешто друго.
А тоа е поврзаноста на тендерите со избирачкиот процес. Уште еден доказ зошто Техничката влада мора да остане. Ако некој што бил во избирачки одбор именуван од ВМРО-ДПМНЕ добива милионски тендери, може да замислите на што би личеле избори без контролни механизми од опозицијата?
Затоа не сакаат опозицијата да учествува во техничката влада – затоа што не сакаат да бидеме сведоци на криминалот и корупцијата.
Техничката влада мора да остане. Ако ја укинат техничката влада, ќе ја убијат и онаа малку шанса што постои за фер избори. Тоа не смееме да им го дозволиме“, изјави Петар Огњеновиќ, член на Извршниот одбор на СДСМ.
Македонија
Сали-Солстром: Европската интеграција останува еден од клучните приоритети на Владата
Министерот за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со Амбасадорот на Кралството Шведска во Република Северна Македонија, Ола Солстром.
На средбата беше реафирмирано одличното партнерство меѓу двете земји и континуираната поддршка на Шведска за европскиот пат на Северна Македонија, како и значењето на зачувување на позитивниот моментум во политиката на проширување на Европската унија.
Сали истакна дека европската интеграција останува еден од клучните приоритети на Владата, со фокус на спроведување на реформите во фундаменталните области, особено владеењето на правото и модернизацијата на јавната администрација.
Соговорниците разговараа и за пристапниот процес во ЕУ, за најновите активности во рамки на Реформската агенда и Планот за раст за Западен Балкан, како и за значењето на регионалната соработка како столб за напредок кон Заедничкиот регионален пазар и постепена интеграција во Единствениот пазар на ЕУ.
Беше истакнат и значајниот придонес на Шведска во Западен Балкан преку реформската соработка 2021–2027, со фокус на демократија, човекови права, владеење на правото, родова еднаквост, одржлив еколошки и економски развој, како и изградба на мирни и инклузивни општества.
Министерот му се заблагодари на амбасадорот Солстром за континуираната поддршка од Шведска и изрази подготвеност за продлабочување на билатералната соработка и понатамошна координација во рамки на европската перспектива на земјата.
Македонија
(Видео) „Не сакаат опозиција во министерствата за да не се види криминалот и корупцијата“, вели Димитријевиќ
Тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ сака укинување на техничката влада за да ја скрие корупцијата и криминалот во институциите, рече генералниор секретар на СДСМ, Александар Саша Димитријевиќ на денешната прес конференција.
„Сакаат да ја укинат техничката влада затоа што не сакаат опозицијата да влезе во министерствата, да не се види што сè правеле со трошењето на парите на граѓаните на Македонија“, истакна Димитријевиќ.
Тој нагласи дека антикорупцискиот тим на СДСМ веќе изнесе дел од скандалите, но дека вистинската состојба е многу посериозна.
„Антикорупцискиот тим на СДСМ изнесе само дел од работите и скандалите, можете само да замислите што сè се случува таму. Затоа не сакаат да ја пуштат опозицијата во министерствата. Тоа е главниот проблем“, рече Димитријевиќ.
Како пример тој го посочи скандалот со европските средства.
„Скандалот со ИПАРД 3 видовте, има и уапсен директор од ВМРО заради корупција и злоупотреба на европски пари. Можете да замислите што сè се случува во Министерството за земјоделство. Затоа не сакаат да ја пуштат опозицијата во министерството. Затоа не сакаат техничка влада“, посочи Димитријевиќ.
Димитријевиќ потсети и на сериозни финансиски злоупотреби, како 161 тендер за една фирма, 51 тендер за друга, 9 милиони евра тендери за трета и 1,2 милиони евра тендери во Пошта.
„Актуелната власт на тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ ги злоупотребува институциите и државните ресурси за партиски и криминални цели. Воспоставена е целосна контрола на обвинителството, се врши притисок врз Судскиот совет, се носат измени на Кривичниот закон за спас на актуелните функционери, се партизира и се злоупотребува полицијата. Се носат резолуции со коишто практично се укинува слободата на говорот на опозицијата. Заклучокот е едноставен – не се созреани условите за укинување на техничката влада поради криминалната власт. Техничката влада мора да остане. Ако ја укинат техничката влада, ќе ја убијат и онаа малку шанса што постои за фер избори. Тоа не смееме да им го дозволиме. Заедно ќе ја вратиме власта во рацете на граѓаните“, рече Димитријевиќ на денешната прес конференција.

