Македонија
СДСМ: ВМРО-ДПМНЕ да ги деблокира законите за енергетика и за помош во време на криза
Во период на светска економска и енергетска криза нема време за собирање ситни политички поени, туку е потребна посветеност и работа од сите општествени и политички фактори. Затоа, потребно е ВМРО-ДПМНЕ да покаже конструктивност и да почне со работа во интерес на граѓаните, соопшти СДСМ.
„Партијата предводена од Христијан Мицкоски во Собранието треба да ги деблокира законите што ги кочи со месеци, а се во интерес на граѓаните и полесно пребродување на енергетската криза.
Во соодветните комисии и на пленарните седници треба да биде деблокиран Законот за задолжувањето во Европската банка за обнова и развој од 100 милиони евра, кој обезбедува ликвидни средства по исклучително поволна каматна стапка за работењето на ЕСМ во услови на криза.
Потоа Законот за енергетиката и неговите соодветни измени и Законот за нафтата и нафтените резерви, како и за спроведување на одлуката за распределба на финансиски средства, односно кратење финансиски средства во деловите на буџетот, кои се со помал процент на исполнетост, и нивна прераспределба кон ставки што се однесуваат на справување со енергетската криза.
Справувањето со последиците од кризата бара заедничка работа и посветеност, еве можност ВМРО-ДПМНЕ да покаже конструктивност и да стане дел од процесот на решенија за надминување на последиците од кризата“, додаваат од владејачката партија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без струја делови од Петровец, Чаир и Гази Баба
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08.30 до 11.30 часот, корисниците од селата Градманци, Летевци, Катланово и Брезница, општина Петровец;
– во периодот од 08.30 до 15.00 часот, корисниците од улицата Ордан Чопела, улицата Петре Георгиев и улицата Челопек, општина Чаир;
– во периодот од 09.00 до 13.00 часот, корисниците од улицата Вера Вучковска Жезељ во населба Хиподром, општина Гази Баба.
Македонија
Делови од Центар и Карпош денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради дефект во шахта од ф – ¾ на улицата Ацо Караманов бр. 10, во периодот од 09.00 часот па се до отстранување на дефектот без вода ќе останат дел од корисниците од улицата Ацо Караманов, како и објектот на Американската Резиденција, општина Центар.
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека исто така денеска поради уличен дефект на улицата Девол бр. 15, во периодот од 09.00 часот па се до отстранување на дефектот без вода ќе останат корисниците од улицата Девол, општина Карпош.
Македонија
Следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд
Променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 5 до 8, а максималната ќе достигне од 12 до 17 степени.
Во Скопје, променливо облачно претпладне со повремен слаб дожд. Ќе дува умерен, северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 7, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Времето во наредните денови
Во среда и четврток во утринските часови има услови за појава на магла. Под влијание на влажна воздушна маса, од четврток од вечерните часови па се до понеделник, следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд, наместа пообилни.

