Македонија
СДСМ: ВМРО-ДПМНЕ не може да ги надмине погубните политики на Никола Груевски
ВМРО-ДПМНЕ нанесе огромни штети врз високото образование. Пред да се впуштат во неговото коментирање, во ВМРО-ДПМНЕ треба внимателно да го прочитаат Законот за високо образование, реагира СДСМ на обвинувањата на Благица Ласовска, пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ.
„Партијата којашто со 11-годишното неодговорно и криминално владеење го урниса образованиот систем и нанесе огромни штети врз високото образование нема никаков кредибилитет да зборува за состојбите во образованието“, велат од СДСМ.
Со денешните реакции, велат од партијата, ВМРО-ДПМНЕ остава впечаток дека не може да ги надмине погубните политики на Никола Груевски и продолжува да се однесува лицемерно кон студентите и професорите.
„За бесплатно студирање и ослободувањето од плаќање партиципација ќе одлучува Националниот совет за високото образование, кој ќе предложи ослободување од партиципација за лицата со инвалидност, лица без родители, но и други лица и студенти со висок просек да бидат ослободени од партиципација за студирање“, пишува во реакцијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Започнува исплатата на финансиска помош за 1388 пензионери од Кисела Вода

Општина Кисела Вода започнува со исплатата на еднократната финансиска помош за пензионерите со ниски примања. Веќе од утре, 1.388 пензионери ќе добијат по 2.500 денари директно на своите сметки, како дел од првата тура од вкупната поддршка која ќе опфати над 3.200 пензионери. Станува збор за жители на општината кои се приматели на старосна, инвалидска, семејна или социјална пензија, а чии месечни примања не надминуваат 22.640 денари, соопшти општината.
„Оваа мерка, која општината ја реализира со цел да го подобри животниот стандард на повозрасната популација, покрај директната финансиска помош, го вклучува и покривањето на персоналниот данок.
Во наредните денови следува и втората тура, кога финансиска поддршка ќе добијат уште над 1.800 пензионери“.
Целата мерка, како што појаснува градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, претставува израз на почит и грижа кон највозрасните сограѓани, кои со својот труд и придонес ги поставиле темелите на општеството.
-Нашите највозрасни сограѓани се столбот на државата и нашето општество. Со почит кон нивниот труд и животен придонес, продолжуваме да градиме заедница во која секој е вреднуван и поддржан. Денес ги потпишав налозите со кои доделуваме финансиска поддршка на пензионерите со ниски примања, а веќе утре во текот на денот парите ќе бидат префрлени на нивните сметки. Со оваа мерка, финансиска помош добиваат пензионерите кои се приматели на старосна, инвалидска, семејна или социјална пензија кои се жители на општина Кисела Вода, а чии примања не надминуваат 22.640 денари. Секој од нив добива финансиска помош од 2500 денари, а општината дополнително го покрива персоналниот данок кој не е пресметан во овие средства.
Ова е првата тура од исплатата, додека пак втората, повеќе од 1800 пензионери во текот на следните денови ќе ја добијат ветената еднократна финансиска помош. Тоа се повеќе од 3200 пензионери кои добиваат финансиска поддршка! Оваа мерка е уште еден чекор во нашата континуирана грижа за повозрасните жители, за нашите родители, баби и дедовци, со која покажуваме дека не се заборавени. Сето ова е резултат на нашата посветеност да создадеме општество во кое секој пензионер ќе има подобар квалитет на живот. Да сте здрави и живи и со здравје да си ги трошите-изјави Ѓорѓиевски.
Македонија
Уписот во средно в година ќе биде подигитален од годинешниот: родителите нема да трчаат да ги скенираат свидетелствата, тие дигитално ќе се преземаат

Годинешното дигитално пријавување во средните училишта значеше само повеќе мака и ангажман на родителите во споредба со претходните уписи. Иако министерката за образование Весна Јаневска го најави како дигитално, ниту училиштата ниту, пак, другите институции, од каде што требаат документи за упис во средно, не се приспособија на дигитализацијата. Училиштата не испратија дигитални свидетелства на учениците ниту, пак, се дигитални доказите за освоени први места на државни натпревари, кои се валидни за уписот во средно училиште. Дигиталното пријавување во средно училиште годинава значеше родителите да се снајдат и сите свидетелства и освоени први места на државни натпревари на децата да ги скенираат за да може да ги закачат на дигиталната пријава.
Иако во прикачените свидетелства стојат оценките, родителите мораа сами да ја внесат оценката за секој предмет на детето од шесто до деветто одделение. На крајот, во годинешното дигитално пријавување се бараше од родителите, покрај сите свидетелства и државни награди, физички да ги донесат во училиштата и дигиталните пријави претходно испечатени.
Министерката Јаневска и денес, како и неколкупати претходно, рече дека системот и годинава бил подготвен за целосна дигитализација на процесот, но проблем биле руралните средини, кои немаат стабилен интернет, а некои немаат ни компјутери. Најави дека интензивно ќе работат на опремување на училиштата со сѐ што е потребно за поголем степен на дигитализација.
„Оваа година не го правиме тоа затоа што огромен број наши ученици не знаат како тоа да го направат. Огромен број родители не знаат како тоа да го направат. Скопје не е Македонија. Во Скопје и во неколку поголеми градови ние немаме проблем. Лесна е процедурата, но дигиталната писменост треба да се поткрене на повисоко ниво. Јас не очекувам од родителите да знаат, но учениците треба да знаат и наставниците треба да знаат за да им помогнат во тој процес. Обично сега им помага администраторот или евентуално училиштето ако има информатичар. Затоа сѐ уште велиме дајте ги и во хартиена форма додека населението не се подготви. Имаме рурални средини и помали општини во кои немаат компјутерска лабораторија или училница, каде што интернетот не е стабилен, каде што и професорот ги нема технолошките средства, па не може да ги научи како, но оваа година ние масовно снабдуваме со сѐ што е потребно за да може овој процес на дигитализација да се подобри. Со исто темпо ќе продолжиме и в година и, да, очекувам дека над 90 проценти в година ќе може да се заврши така“, рече денес министерката Јаневска.
Министерката вели дека за некои ученици и в година ќе биде оставен простор да донесат хартиени документи, но, генерално, пријавувањето ќе биде дигитално и средните училишта дигитално ќе ги преземаат свидетелствата. На ист начин, дигитално, свидетелствата ќе ги преземаат и факултетите. За оние што ќе одлучат да студираат во странство, за кои министерката се надева дека ќе бидат сѐ помалку, ќе има можност да им се отпечатат документите.
Министерката Јаневска најави дека вечерва до 19 часот ќе биде извесно дали и во кои средни училишта ќе се полага квалификациски испит во вториот уписен рок, кој е во тек. Таа потврди дека во гимназијата „Орце Николов“ се останати шест места, а се пријавиле малку повеќе ученици поради што, најверојатно, ќе се полага квалификациски испит.
Македонија
Наградени македонските ученици, кои освоија второ место на Европскиот квиз на пари

Второ место меѓу тимови од 30 држави, меѓу 73 илјади натпреварувачи е многу високо достигнување и потврда дека Македонија има талентирани и едуцирани деца кои одлично ги познаваат економските процеси, знаат да планираат буџет и да управуваат со пари и финансиски ризизи, рече министерката за образование и наука, Весна Јаневска, на доделувањето на наградите на ученичкиот тим кој ја претстави Македонија на Европскиот квиз на пари 2025 година, што го организира Европската банкарска федерација.
„Министерството за образование и наука се заложува да ја подигне финансиската писменост меѓу сите млади. Важно е и затоа ќе започнеме посериозна соработка со финансиските институции како Народната банка, Македонската банкарска асоцијација и Комисијата за хартии од вредност и заеднички ќе го обликуваме моделот преку кој уште поефективно, финансиски ќе ги едуцираме новите генерации“, рече Јаневска.
Информираше дека државата ги зголеми средствата за поддршка на талентираните ученици, за да може без било какви грижи, во иднина да учествуваат на големи меѓународни натпревари и олимпијади.
„Првенствено заради вас, заслужувате поддршка во градењето на талентот. Но и да му покажеме на светот дека и оваа земја има извонредни деца кои се подготвени да управуваат со општествените процеси и да учествуваат во креирањето и насочувањето на глобалните текови и трендови“, додаде министерката.
Изрази благодарност до Македонската банкарска асоцијација што го организира националниот квиз за пари и порача активноста да продолжи и во иднина, заоа што го стимулира натпреварувачкиот дух на младите и придонесува во градење на финансиски писмени и одговорни генерации.
Награди на денешниот наста им беа доделени и на учениците кои ги освоија второто и третото место на националниот квиз на пари.
На годинешниот Европски квиз за парите на кој се натпреваруваат ученици на возраст од 12 до 15 годин, второто место го освоија македонските ученици Марин Христоски и Алексеј Мицкоски од ООУ „ Кире Гавриловски – Јане“ од Прилеп, под менторство на наставничката Соња Јорданоска. Тимот од Италија го освои првото место, додека третото место ѝ припадна на Шведска.
Претставници од Македонија второто место освоија и во 2019 и 2020 година, а во 2024 година беа третонаградени.