Македонија
СДСМ: ВМРО-ДПМНЕ не може да разбере што значи неселективно владеење на правото
ВМРО-ДПМНЕ, партијата што ги злоупотребуваше институциите, не може да разбере што значи неселективно владеење на правото, реагира Социјалдемократскиот сојуз по прес-конференцијата на Александар Нацев од ВМРО-ДПМНЕ.
„Партијата што со години ги партизира и ги злоупотребуваше институциите нема капацитет да разбере што значи нулта толеранција за корупција и криминал и што значи неселективно владеење на правото. Денес институциите работат независно, професионално, во согласност со нивните надлежености, ослободени од партиски притисоци и во интерес на граѓаните, а законите важат за сите еднакво“, велат од СДСМ.
Додаваат дека секој што го прекршил законот одговара за своите постапки, без разлика на неговата етничка, верска, партиска или каква било друга припадност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утврдени неправилности на Зимзоленд: Град Скопје нема дадено дозвола
Инспектори од Град Скопје денеска биле на локацијата каде што се одржува Зимзоленд и утврдиле низа неправилности. Утврдено е дека Градот Скопје нема дадено дозвола за таму да се врши дејност.
„По пријави од граѓани, постапивме и на Зимзоленд. Инспекторатот беше на локацијата и утврди дека градот Скопје нема дадено дозвола за таму да се врши дејност. Констатирани се повеќе неправилности, особено во однос на вршење дејност надвор од објект“, вели градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Дополнително, додава тој, за реквизитите и забавните содржини кои не се дел од програмата на Општина Аеродром, наложено е градежниот инспектор од општината да постапи согласно законските регулативи.
„Градот Скопје и јас како градоначалник ќе продолжиме бескомпромисно да се бориме против секоја неправилност, секој обид за узурпација и секој хаос кој го загрозува јавниот простор“, вели Ѓорѓиевски.
Инспекторите денеска, освен на Зимзоленд, биле и на „Пластичарска“ .
„Се воспоставува ред на „Пластичарска“, се постапува и на Зимзоленд. Денес градот Скопје, заедно со Инспекторатот и во координација со ДПИ и МВР, спроведе широка акција со единствена цел, да се врати редот и достоинството на јавниот простор на целата територија на градот. Изречени се повеќе од 20 казни“, објави Ѓорѓиевски и додаде дека вработените од ЈП „Градски паркинг“ ги отстранувале неправилно паркираните возила долж улицата „Пластичарска“.
Македонија
Утре сончево време со температура до 15 степени
Времето утре ќе биде сончево и релативно топло со мала до умерена облачност. Во утринските часови наместа ќе има појава на магла и зголемена облачност која во текот на денот ќе се намали. Ќе дува слаб до умерен, а наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од северозападен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 4, а максималната ќе достигне од 10 до 15 степени.
Во Скопје, претпладне во делови од котлината ќе има услови за појава на слаба магла. Во текот на денот времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1, а максималната ќе достигне до 12 степени.
Под влијание на висок воздушен притисок продолжува периодот на претежно сончево и тивко време. Во ноќните и претпладневните часови наместа ќе има појава на магла и зголемена облачност.
Македонија
Утре без вода за пиење делови од општина Бутел
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека утре ( петок ) поради змена на вентил во шахт Ф 2“1/2“ (два и пол цола) на улица Натанаил Кучевишки бб. градинката 11-ти Октомври со прекинато водоснабдување ќе бидат дел од корисниците на улицата Натанаил Кучевишки, Краишка и Хо Ши Мин.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:30 часот до завршување на работните активности.(општина Бутел )

