Македонија
(Видео) Нацев: ВМРО-ДПМНЕ не е организатор на протестите пред домовите на пратениците

Го почитуваме уставно загарантираното право на протест и се оградуваме ако има говор на омраза, но не сме организатори на протестите пред домовите на дел од пратениците од СДСМ, велат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Оттаму потсетуваат на протестите што претходно се одржувале пред домот на експремиерот Груевски.
– Протестите што се одржуваат деновиве не се нешто ново, се сеќаваме на протести што биле побрутални, се сеќаваме на протестите кај поранешниот премиер, се сеќаваме на некои неумесни пораки преку социјалните мрежи, така што ние ја почитуваме слободата на изразување, но секогаш осудуваме говор на омраза или повик на политички линч – изјави Александар Нацев од ВМРО-ДПМНЕ, кој пред Јавното обвинителство порача дека власта спроведува селективна правда.
Според Нацев, Јавното обвинителство замижува пред криминалот на власта, а без никаква основа, како што рече, се монтираат обвиненија и се инсистира на притвори за сите што не ги делат истите политички убедувања со Зоран Заев.
„Последен е скандалот во Министерството за внатрешни работи. Медиумите ги потврдија информациите дека Оливер Спасовски без тендер доделил милион евра на фирма од неговото Куманово, која е партиски донатор на СДСМ. Што треба да се случи за Јавното обвинителство да се заинтересира за овој скандал? Не ли му е барем малку сомнително на Јавното обвинителство тоа што возилата „шкода“ се набавуваат од фирмата „Де лукс ауто“, а не од овластениот увозник за „шкода“ во Македонија?“, изјави Нацев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
МВР е подготвено за безбедно одржување на Самитот на ОБСЕ

Mинистерот за внатрешни работи Оливер Спасовски го посети Штабот во рамки на Оперативната акција „ОБСЕ 2023”, со цел организирање, раководење и координирање на мерките и активностите за безбедно и непречено одржување на 30. Министерски Совет на ОБСЕ во Скопје, во текот на следните два дена, а на кој присуствуваат 74 високи странски делегации.
Началникот на Одделот за заштита на определени личности и објекти кој е носител на активноста, Александар Нацевски, го информираше министерот Спасовски дека службите ги преземаат сите потребни мерки и активности, дел од делегациите се пристигнати, а состојбата е редовна.
Тимови на СВР Скопје, Одделот за специјални полициски операции, Одделот за гранични работи, Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, се на терен и постапуваат според планот.
Во оваа прилика Спасовски истакна:
„Повеќе од сигурен сум дека на најдобар начин ќе се прикажеме како служба и како држава. Огромни надежи се ставени на Северна Македонија. Ова е сериозен предизвик за службата и за државата. Многу е важно како нѐ перцепираат на ниво на меѓународна заедница. Вчера учествував на конференција во Брисел, во Европската Комисија, каде што оценката за МВР е во суперлативи за сите достигнувања, за професионалноста на полицијата, и тоа пред министри од целиот свет. Перцепцијата укажува на тоа дека Република Северна Македонија има сериозен кредибилитет и капацитет, меѓу другото и поради Самитот на ОБСЕ во Скопје. Тоа во дипломатијата се толкува како почеток кога сите седат на иста маса. Затоа одговорноста е уште поголема сѐ да помине во најдобар ред. МВР е подготвено за предизвикот”, рече министерот Спасовски.
Македонија
Ловци ја бараат исчезнатата Вања и на непристапни места: МВР ја бара во градот, ние надвор од него

Исчезнатото девојче од Скопје, Вања Ѓорчевска, од вчера го бараат и ловците откако претседателот на Ловечката федерација, Влатко Алексовски, синоќа ги повика да се вклучат во потрагата. Алексовски вели дека не е првпат ловци да се вклучат во вакви потраги, тие ќе ја бараат на непристапни места, каде што полицијата засега не ја бара.
„МВР го бара исчезнатото девојче во градот, но еве веќе трет ден нема резултати оваа потрага. Девојчето можело секаде да заврши, на периферијата на Скопје, на Водно, на Скопска Црна Гора, па дури и многу подалеку. Ловците стапнуваат онаму каде што ниедна друга нога не стапнува, на непристапни места, на планини, во села. Ги повикав затоа што сметам дека може да придонесат во потрагата. И, претходно, како Ловечка федерација, сме биле вклучени во потрага по исчезнати лица, особено кога се работи за непристапен терен. Во контакт сме и со ловечките федерации од околните земји, па можеме, ако ништо повеќе, да помогнеме веста за исчезнатото девојче да стигне што подалеку. Јас сум оптимист, сметам дека сите заедно ќе успееме да го најдеме девојчето“, вели претседателот на Ловечката федерација, Алексовски, за „Макфакс“.
Тој нагласи дека секојдневно на лов на места, каде што полицијата не оди, се излезени по 25.000-30.000 ловци, а целата Федерација, во согласност со издадените дозволи за оружје од МВР, брои 100.000 члена. Алексовски вели дека нивната бројка е многу поголема од бројот на полицајци во земјата, па од тука надежите дека ќе помогнат се големи. Тој апелира скопските ловни друштва да го зголемат бројот на ловни денови за да може ловците подолго да се на терен.
14-годишната Вања исчезна во понеделникот утрото. Излегла од дома за училиште. Последен пат била забележана на булеварот Партизански одреди пред „Броз кафе“, од каде што ѝ се губи трагата. Освен полицијата, по Вања тргаат и нејзините соученици од училиштето „Јохан Хајнрих-Песталоци“, кои лепат нејзини фотографии во градот, а во потрагата се вклучени и семејството, роднини и пријатели и голем број граѓани.
Македонија
Тренчевска: Работиме на менталното здравје со младите за младите

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчавска, се сретна со претседателот на младинскиот совет на Македонија, Филип Ивковски, и со програмската менаџерка Александра Филипова. На средбата беше претставена стратегијата за ментално здравје кај млади изработена од страна на НМСМ.
За време на средбата, претставниците на НМСМ ги претставија своите намери и уверувања за важноста на менталното здравје кај младите, особено по ковид-кризата, со која се соочуваше светот во изминатите години. Од страна на претставниците беше посочено дека стратегијата веќе била на расправа во Собранието на Република Северна Македонија со Клубот на младите пратеници.
Стратегијата се фокусира на поактивни мерки за спречување проблеми со менталното здравје кај младите и стратегии за рана интервенција за идентификување и решавање на проблемите во рана фаза. Таа ја нагласува потребата да се подигне свеста за менталното здравје на младите, да се намали стигмата и да се промовира писменоста за менталното здравје кај младите, родителите, образовниот кадар и пошироката заедница.
Министерката Тренчевска на средбата истакна дека оваа средба соодветствува со моменните заложби и интереси на Министерството за труд и социјална политика. Таа истакна дека менталното здравје е фокус на работата на Министерството и дека тоа се потврдува со кампањата Walk and Talk, која се спроведува и во која младите активно се вклучуваат во разбивање на стигмата за менталното здравје. Таа ја искажа својата поддршка за усвојување ваква стратегија затоа што тоа ќе доведе до исполнување на заедничката цел – благосостојба на младите.