Македонија
СДСМ: Во следниот мандат просечна плата над 1.000 евра, минимална од 600 евра
СДСМ преку соопштение утрово највува дека во новиот мандат на СДСМ просечната плата ќе биде над 1.000 евра, додека пак минималната ќе биде 600 евра. Според нив, ова е достижно и остварливо, со правилните политики кои СДСМ ги води во интерес на граѓаните.
– Тоа и веќе се докажа со рекордно покачување на просечната плата која е 40.000 денари, – велат од СДСМ и додаваат дека СДСМ ги остварува ветувањата на граѓаните, а така и го започна својот прв мандат, со ветување за зголемување на просечната плата од 500 евра, која достигна уште поголем износ од 650 евра. – Тука не застануваме, затоа што платите на граѓаните ќе продолжат секојдневно да растат, – се вели во партиското соопштение.
Европски стандард за сите, подобри услови за стопанството, раст на економијата, одговорност за менаџирање со буџетот, со што всушност се овозможува платите на граѓаните секојдневно да растат, е во фокусот на СДСМ и во новата програма, велат од владејачката партија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Демократскиот сојуз: Двојната победа-огромен предизвик
Демократскиот сојуз, претседателските и парламентарните избори ги оценува како фер и демократски.
Оценуваат дека пројавените нерегуларности треба да бидат предмет на работа на надлежните институции.
„Двојната победа со која Гордана Силјановска Давкова стана првата жена претседател на Македонија и освоените 58 пратенички мандати на Коалицијата „ТВОЈА МАКЕДОНИЈА“, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, претставува огромна чест и доверба, но и одговорност и силен предизвик за ветените коренити реформи и зајакнување на темелите на Македонија, како демократска, суверена и модерна европска држава.
Дамка на целиот изборен процес со обиди за нарушување на истиот, посебно во текот на вчерашниот ден, водството на ДУИ кое одлучи да ги бојкотира претседателските избори, со крајна цел Македонија да ја вовлече во политичка нестабилност, доколку успеше со бојкотот“, велат од Демократскиот сојуз.
Пораката, како што додаваат, е јасна.
„Граѓаните без разлика на политичка, етничка или верска припадност, гласаа за промени, за стабилна Македонија. Граѓаните ги испратија ДУИ и СДСМ во опозиција, со што се отвори патот за политичка, но и друг вид на одговорност. Победата е голема, а одговорноста е огромна“, додаваат од оваа партија.
Македонија
Македонија за првпат доби жена претседател – која е Гордана Силјановска-Давкова и за што се залага
За првпат во Македонија, во претседателската фотелја седнува жена, откако Гордана Силјановска-Давкова поддржана од ВМРО-ДПМНЕ го победи досегашниот претседател, Стево Пендаровски на изборите со разлика од повеќе од 300.000 гласови.
Според последните податоци објавени на веб-страната на ДИК, Силјановска освоила 560.170 гласови (65,41 отсто), наспроти Пендаровски со 251.541 (29,25 отсто).
Таа синоќа за време на победничкото обраќање до јавноста рече од овој момент, ќе се однесува како претседателка на сите граѓани, на сите етнички групи, партии, оние кои не се во партиите, и вети дека нема да заборави на разноликоста. Силјановска истакна дека за време на кампањата го зборувала она што го мисли, се посветила на целта, а наградата за неа е непроценлива. Рече и дека нема поголема инспирација од тоа жена да стане претседател и ќе ги штити државните и националните интереси.
Која е Силјановска Давкова
Во кампањата, Силјановска велеше дека придавката „Северна“ нема да ја користи, но ќе стои пред табла со новото уставно име. Воедно, таа имаше изјавено и дека е против уставните измени за внесување на Бугарите во Уставот, но ако Собранието донесе таква одлука, ќе ја почитува бидејќи Собранието е уставотворен орган. Порачуваше дека треба да ги почитуваме темелните вредности на нашиот уставен поредок, а Преспанскиот договор за неа е политички и правно отворено прашање.
„Ама и во какви било односи кон надвор со држави поголеми од нас, па и со сојузи како што е ЕУ, ние вистинските европјани, имаме обврска да потсетуваме на темелните вредности, оти без нив нема ниту демократија, ниту просперитет, ниту мир. Не се оди во Европа со реторика ЕУ, НАТО, НАТО ЕУ. Не, туку со почитување на вредностите и со практикување на вредностите само ако станеме нормална, стандардна држава, ќе бидеме во рамките на ЕУ“, велеше Давкова.
Честопати говореше за жените, поентирајќи дека и политиката е од женски род, а со претседателка македонските жени ќе станат поуспешни.
Кампањата ја водеше под слоганот „Македонија повторно горда“, кој како што рече е заради хроничната и актутната состојба со македонската демократија којашто не само што е во тешка криза, туку зборува за една слаба држава. Во таквата држава најголеми жртви се граѓаните и кога вели „Македонија повторно горда”, пред сè мисли на граѓаните, повторно горди, говореше Давкова.
Силјановска-Давкова е родена на 11 мај 1953 година во Охрид. Таа е македонски универзитетски професор, правник, и собраниски пратеник во претходните четири години.
Во нејзината биографија стои дека основно и средно образование завршила во Скопје (1973). Дипломирала на Правниот факултет во Скопје (1978), каде што и магистрирала. Докторирала пред комисија предводена од проф. Франц Град со „Cum laude“ на Правниот факултет во Љубљана, на тема „Local Selfgovernment – between Norms and Reality“ во 1994.
Била избрана за асистент по предметот политички систем на Правниот факултет во Скопје (1989), за доцент по уставно право и политички систем (1994), а потоа и за редовен професор во 2004. Била член на Уставната комисија на Собранието на РМ (1990-1992) и министер во Владата на РМ (1992-1994). Експерт за избори на ООН и потпретседател на групата Независни експерти за локална самоуправа при Советот на Европа. Член на Венецијанската комисија. Автор е на стотина научни трудови за уставното право и политичкиот систем.
И на претседателските избори во 2019 година, таа беше кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, но ги изгуби од Стево Пендаровски.
На парламентарните избори во 2020 година, Силјановска е носител на кандидатскиот список за пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата во Изборна единица 1. Од август 2020 година, таа е пратеник во македонското Собрание.
Македонија
Маричиќ: Оставаме во наследство подобра држава од онаа што ја затекнавме, но не доволно добра за очекувањата на граѓаните
Македонските гласачи синоќа избраа претседателка на државата и 120 пратеници во законодавниот дом. Им честитам на победниците за успехот, а на граѓаните и на институциите за демократските и мирните избори, напиша на социјалните мрежи вицепремиерот Бојан Маричиќ.
Оценува дека новата власт има доволно гласови и поддршка од граѓаните за да ги решава сите напластени проблеми, но и да ги продолжи европските реформи и да не застрани од патеката на европската интеграција и регионалната соработка, нешто што во повеќе наврати беше јавно промовирано и ветувано од нивна страна.
„Ние, како социјалдемократи, како прогресивни и принципиелни политичари, оставаме во наследство подобра држава од онаа која ја затекнавме, но не доволно добра за очекувањата на граѓаните. Ние како опозиција ќе бидеме постојано тука за потребите на развојот, да иницираме но и поддржиме тоа што им треба на граѓаните, да поддржиме европски реформи, да споделиме искуства, но и да критикуваме и да се бориме за демократија, слобода и социјална правда доколку новата власт се дрзне да се репризира себеси како во годините пред 2017.
Покрај тоа, јас лично, со цел свој капацитет, со цела своја енергија, посветеност и знаење, ќе се вложам во заздравувањето и реформите на СДСМ како партија која искрено ја сакам и со гордост и припаѓам, бидејќи во овој момент каузите за кои целиот свој живот сум се борел се загрозени и со ослабена подлога и база“, додава тој.
Вели дека нема компромис по однос на неговиот порив да продолжам да ги застапува европските реформи за членство на Северна Македонија во ЕУ, користењето на европските можности, солидарност, соработка и почитување на различностите.
„Ќе дејствувам со ум, со разум, со љубов и со посветеност, за подобра европска Македонија, за СДСМ кој води, а не заостанува.
Им благодарам за соработката на сите колеги од Владата, од партијата, од граѓанското општество и од бизнис секторот со кои имав можност да соработувам во изминативе седум години“, истакнува Маричиќ во напишаното.