Македонија
СДСМ: Време е ВМРО-ДПМНЕ да покаже зрелост и да помага наместо да одмага
Додека државата се бори против коронавирусот, ВМРО-ДПМНЕ тера партиска кампања базирана на лажни вести и измислици, реагира СДСМ на обвинувањата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ која тврди дека власта ја користи ситуацијата со коронавирусот за профитирање.
„Додека државата и надлежните институции вложуваат натчовечки напори да се изборат против коронавирусот, ВМРО ДПМНЕ засилено тера кампања ширејќи лажни вести и измислици. Како да не им се доста нарачаните лажни вести коишто ги шират медиумите под нивна контрола, ВМРО ДПМНЕ лично ѝ се придружи на екипата ‘лажни вести’, па своите манипулации ги шири и преку официјални прес-конференции, изјави и статуси на социјалните мрежи.
Ниту шлаканицата што ја добија од ООН, кои јавно ги демантираа лажните вести на Александар Николовски и ВМРО-ДПМНЕ, не ги спречи да продолжат да се однесуват неодговорно и да работат на штета на државата.
Обидувајќи се да го минимизираат успехот на нашата земја, изминатите два дена ги таргетираа двете министерства клучни во макорпната работа за нашата земја да стане членка на НАТО и да добие датум за почеток на пристапни преговори во ЕУ.
Откако увидоа дека лагата со патување на министрите за одбрана и надворешни работи во време на пандемијата и затворен аеродром не им проаѓа, наместо да запрат, искористија други конструкции.
ВМРО-ДПМНЕ треба да знае дека владата предводена од СДСМ сите трошоци на министрите јавно ги објавува, за разлика од нивната влада, која ги направи класифицирани.
Владината алатка за отчетност и транспарентност ќе им покаже и дека министерката за одбрана, Радмила Шеќеринска, за две и пол години потрошила 6 пати помалку нивниот за одбрана, Зоран Јолевски, за ист толкав период.
Чиста лага се тврдењата на ВМРО и дека во период на криза, меѓу 17 и 20 март МНР потрошило нешто помалку од 24 илјади за патувања во странство. Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, во месец март немал ниту едно патување, а последното патување на дипломат од МНР во странство било на 3 март.
Приказот од трезорот со којшто манипулира ВМРО ДПМНЕ и свесно конструира лага се однесува на претходно реализирани авиобилети на дипломати од МНР во износ помал од 1.500 евра (91.060 денари) и на редовна месечна дознака за патни трошоци на нашите амбасади низ светот, на сите 57 дипломатско-конзуларни претставништва на Северна Македонија во износ од приближно 22.000 евра (1.366.457 денари) односно нешто под 400 евра по ДКП.
Станува збор за редовна активност и токму затоа згрозува фактот дека се злоупотребува од луѓе кои разбираат, кои точно знаат за што се работи, но сепак одлучиле да манипулираат и да лажат и тоа во време кога МНР е една од клучните алки во борбата против коронавирусот.
Во момент кога татковината се зачленува во НАТО, кога ЕУ одлучи да почне пристапни преговори ВМРО-ДПМНЕ не најде време, ниту, пак, виде потреба да му честита барем на народот за двете големи достигнувања.
Напротив, ВМРО ДПМНЕ реши да се затвори во белиот дворец и оттаму да смислува деструктивни сценарија во време кога државата води беспоштедна битка против невидливиот непријател, кој е закана за сите нас.
Време е да се покаже зрелост, лажните вести да прекинат, а институциите да се остават да делуваат во овој тежок период.
Крајно време е и ВМРО-ДПМНЕ да се престрои на страната на граѓаните и да придонесе колку може, да помага, наместо да одмага“, наведува СДСМ во реакцијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Состојбата е стабилна и нема опасност по безбедноста
Не сме изложени на нестабилност и нема опасност по безбедноста внатре и во регионот. Систем за предупредување постои, институциите ја следат состојбата, се координираат и оттаму е оваа оценка за стабилност и безбедност, изјави претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по седницата на Советот за безбедност на која на дневен ред беше безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.

Таа додаде дека институциите ќе продолжат да ја следат состојбата.
-Координирани сме и со органите во регионот и ќе споделиме информации, најави претседателката Сиљановска – Давкова.
Претседателката Сиљановска Давкова е претседател на Советот за безбедност, а на седницата присуствуваа и членовите на Советот за безбедност: претседателот на Собранието Африм Гаши, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски како и експертите Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова, и Владо Спиридонов. Министерот за надворешни работи и надворешна трговија,Тимчо Муцунски, кој е на пат за САД, на седницата беше вклучен преку видеоврска.

На седницата присутни беа и директорката на Агенцијата за разузнавање, Габриела Јаковлева, директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски и началникот на Генералштабот, генерал – мајор Сашко Лафчиски.
Македонија
Повеќе од 150 македонски државјани побарале помош од амбасадите во Тел Авив, Доха и Абу Даби за евакуација
Расте бројот на македонски државјани кои пријавуваат дека се затечени во загрозените подрачја на Блискиот Исток. Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информираат дека досега повеќе од 150 македонски државјани, ги контактирале амбасадите во Тел Авив, Доха и Абу Даби, околу можностите за евакуација.
Со сите нив се одржува постојан контакт и доколку се пријават за евакуација ќе се преземаат подготвителни активности за евентуална асистенција за нивно безбедно враќање, наведуваат од МНР.
– Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, преку дежурниот телефонски број и преку дипломатско-конзуларните претставништва, и понатаму останува целосно на располагање на граѓаните. Уште еднаш ги повикуваме сите наши државјани кои се наоѓаат во земјите од регионот доследно да ги почитуваат упатствата и насоките на локалните надлежни безбедносни органи, велат од Министерството.
Поради ситуацијата на Блискиот Исток, во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија од вчера функционира кризен штаб кој е на 24 часовно располагање на граѓаните за сите информации.
За дополнителни информации и помош, на располагање се:
СОС дежурен телефон (МНРНТ):
075/273-732
Амбасада на Република Северна Македонија во Доха
Тел: +974 50 173 111
Амбасада на Република Северна Македонија во Абу Даби
Тел: +971 56 441 7532
Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив
Тел: +972 54 500 8566
Тел: +972 54 967 0546.
Македонија
Малолетник сакал да се самоубие, МВР го спречи постапувајќи по објава оставена на социјалните мрежи
Секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи интервенираше навремено откако беше забележана објава на социјалните мрежи што укажуваше на можност за самоубиство од страна на малолетен корисник.
Полицијата веднаш ги презеде сите неопходни мерки за утврдување на идентитетот и локацијата на лицето, кое за кратко време беше пронајдено. Малолетникот е во добра состојба, а родителите се известени и запознаени со понатамошните чекори за негово ментално здравје.
Овој настан уште еднаш ја нагласува важноста од внимателно следење на однесувањето на младите во дигиталниот простор. Родителите треба редовно да комуницираат со своите деца, да се интересираат за нивните активности на социјалните мрежи и да реагираат веднаш при забележување загрижувачки објави или несвојствено однесување – апелираат од Секторот за компјутерски криминал.
Апел е упатен и до пријателите, соучениците и сите корисници на социјалните мрежи: доколку забележат објави што упатуваат на самоповредување, безнадежност или најави за самоубиство, веднаш да ги искористат механизмите за пријавување на платформата или да известат родител, наставник или најблиска полициска станица.
-Навремената реакција може да спаси човечки живот. Секторот за компјутерски криминал ќе продолжи со засилени активности за рано откривање и превенција на ризични појави во дигиталниот простор, велат од МВР.

