Македонија
СДСМ го обвини Муцунски дека не работи ништо, општина Аеродром им порача да не ги кочат проектите
„Половина мандат Тимчо Муцунски во Аеродром потроши на лажни ветувања. Иако наследи полна општинска каса, за половина мандат Тимчо Муцунски не успеа да започне ниту една капитална инвестиција. Ова се само дел од лагите што Муцунски ги ветуваше за првата половина од својот мандат. Четири нови градинки во населбите Мичурин, Острово, Лисиче и Долоно Лисиче, од кои најмалку една требаше да биде пуштена во употреба до крајот на 2022 година, останатите до крајот 2023 година. Половина мандат помина, нова градинка во Аеродром нема. Ни во Мичурин, ни во Острово, ни во Лисиче, ни во Долно Лисиче“, изјави денеска на прес конференција Милутин Ристески, координатор на советничката група на СДСМ и коалицијата во Советот на општина Аеродром.
На ова, експресно реагираше општина Аеродром.
„Единствената вистина која треба да ја знаат граѓаните е фактот дека токму владата предводена од СДСМ во изминатиот период ја блокираше донесувањето на „зелената обрзница“ со која требаше да се реализираат низа проекти во Аеродром. Политичката партија која води наводна грижа за жителите на Аеродром е единствен виновник за проектите во делот на инфраструктурата, образованието и социјалната заштита кои не се реализирани. СДСМ наместо да споделува лажни информации треба на граѓаните да им даде одговор и аргументи, зошто тие се против изградбата на нова детска градинка, нови улици и водоводи и изградба и реконструкција на училиштата и зошто свесно го кочат развојот на Аеродром. На крајот, само ќе напоменеме дека Општина Аеродром е преку секојдневните активности докажува дека е вистински пример на општина која работи, реализира проекти и се грижи за граѓаните, општина каде за две години направени се десетици нови улици, паркови, реконструирани се неколку училишта, воведен е нов пристап во одржувањето на јавната хигиена, каде учениците добиваат бесплатни таблети и бесплатни униформи и имаат можност да користат бесплатни часови за пливање. Аеродром е единствената општина која во изминатиот период пренамени маркички за згради во паркови, општина со награда за “нула корупција” и единствена општина која трошоците за репрезентација ги намали на нула“, пишува општината.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
23 Мај, Националниот ден на Власите, неработен за граѓаните припадници на влашката заедница
Министерството за труд и социјална политика соопштува дека во согласност со Законот за празниците на РМ („Службен весник на РМ“ бр. 21/98 и 18/07), 23 мај 2024 година (четврток), Националниот ден на Власите, е неработен ден за граѓаните припадници на влашката заедница во Република Северна Македонија.
Министерството за труд и социјална политика на граѓаните припадници на влашката заедница во Република Северна Македонија им го честита Националниот ден на Власите.
Македонија
Данела Арсовска од новата влада ќе бара прв приоритет да ѝ бидат законски измени за зголемување на платите на пожарникарите
За Денот на пожарникарите, 20 Мај, Бригадата за противпожарна бригада на Скопје доби уште едно ветување за поголема плата и нови униформи, речиси исто како и на сите празнувања изминативе години. Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, на пожарникарите им вети дека ќе побара од новата влада, т.е. прво нешто што ќе го смени да бидат прописите што кои ја ограничуваат платата на пожарникарите.
„Прво, нашите пожарникари треба да имаат промена во условите од кои може да бидат платени. Тие лимитирани средствата што ги добиваат како надомест за нивната работа навистина се ниски. Тоа го утврдува законот и, за жал, ние како локална самоуправа не можеме да одиме над она што е утврдено со законските рамки, дури ни преку колективен договор. Затоа, апелот е лимитирачките услови што ги ограничуваат нивните бодови да бидат меѓу првите нешта што ќе бидат отстранети со нов пропис“, рече градоначалничката Арсовска.
Застаната пред пожарникарите, градоначалничката зборуваше и дека петнаесет години тие немаат нови униформи поради бирократски процедури. Очекува поништувањето на сегашниот правилник да биде исто така меѓу првите прописи што ќе ги смени новата влада, како и одобрувањето доволно средства од буџетот за нови вработувања.
„За да може да функционира скопската Противпожарна бригада како што треба, со својот полн капацитет, треба да има минимум 450 пожарникари, а во овој момент има 180. Пречка за ова претставуваат одобрувањето на средствата и бројката од дотациите што доаѓаат од буџетот, кои, за жал, во текот на овие изминати години немаше слух да биде надминато и да добиеме одобрение за пополнување на бројот од 180 до 450. Затоа повторно морам да апелирам, ова треба да биде една од првите работи што ќе се сменат“, рече градоначалничката Арсовска на свеченоста во дворот на Бригадата за противпожарна заштита на Скопје.
Кога го заврши говорот, градоначалничката им сврте грб на камерите за да ги погледне пожарникарите кои стоеја зад неа и им се обрати со зборовите: „Браво за вас, се надевам дека кога ќе ги поништат поените, барем двојно ќе ви биде платата годинава“.
Командантот на Противпожарната бригада, Звонко Томески, потсети дека на денешен ден во 1836 година првпат се појавила организирана служба за противпожарна заштита на територијата на Македонија. Со текот на годините опстојувала, се развивала, се усовршувала и во рамките на можностите одговарала на потребите на своето време. Иако малобројна и без соодветна опрема, командантот Томески рече дека Противпожарната успева да одговори на сите повици.
„Денес, за жал, броиме 180 пожарникари од предвидените 384. Имаме 2.000 интервенции успешно релизирани од минатиот мај“, рече Томески.
Признанија и благодарници добија пожарникарите што изминатава година се истакнале, а изборот, како што објасни градоначалничката Арсовска, го направиле самите пожарникари.
Македонија
Владата нема испратено пораки за надомест, граѓаните да не наседнуваат на измамата и да не внесуваат лични податоци на веб-страницата
„Владата на Република Северна Македонија нема испратено СМС и други пораки во кои нуди надомест. Во конкретниот случај, кој се појави во изминатите часови, станува збор за смишинг- и фишинг-измама, која е пријавена и по која соодветните служби веќе постапуваат“, известуваат од Владата преку писмено соопштение.
„Доколку граѓаните добијат или веќе добиле порака со ваква или слична содржина, во која се посочува Владата како испраќач, таа треба да ја сметаат за лажна и да не кликаат ниту на дадените линкови ниту да одговараат на пораките што ги добиле“, се наведува во соопштението.
Од таму апелираат до граѓаните да не наседнуваат на лажни пораки од странски телефонски броеви и имејлови и да не ги даваат личните податоци.
„Граѓаните треба да бидат внимателни и одговорни за своите лични податоци, односно да не ги споделуваат и разменуваат со непознати лица, како и со лица на кои не може однапред да им се утврди идентитетот“, се додава во соопштението.